Ана Бунтеска: од љубов – камен куќа ќе изградам

Добивај вести на Viber

и се распосла внатре

к’о никогаш љубов да не си видел

одомаќинет

со чаша вино в рака

небаре наздравуваш за нешто

залегнат удобно во одаја

во која ѕидовите пулсираат

тик-так... тик-так

и не оставаш место

грабиш сѐ за себе

алчно

без усул

без да ти текне оти ми земаш

а да ми дадеш не знаеш

ете, не умееш да ми дадеш

или барем за собата да се грижиш

та растураш к’о мало дете

догорчиња поземи фрлаш

и потсмешливо ме гледаш

дур’ со ногата ги газиш

ми ја зацрнуваш собата

или срцево, сеедно

ја полниш со пустош

и ја празниш со себе внатре

дур еден ден не попушти куќава моја

и сопчето се урне

оти и каменот љубов сака

попушта

прав ќе се стори

а потем ниту ти

и ниту јас

свое место ќе имаме

за кај да преспиеме

и со по еден врзоп во рацете

бестрага ќе заминеме

секој по својот пат

ти во друга куќа да се вселиш

а јас од пепел дом да си кренам

од љубов – камен

со појќе соби

чист и светол

ко срцево што ми беше

ко мене... ко што бев

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска