Она што ми треба

Добивај вести на Viber

Растеме со оптеретувања од типот што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, најчесто пропратено со совети која работа ќе ни донесе и добра заработувачка. Трката во која стартот почнува уште со првиот плач е безмалку безмилосна. Трупаме дипломи, уверенија и сертификати, попатно подзаборавајќи на тоа дека она што најмногу ни треба низ животот е здравјето и луѓето кои се тука за да се потпреме кога светот ни се изместува под нозете. Да, знаењето е важно и тие парчиња хартија кои ни го определуваат животот. Токму тие кои ни даваат дополнителни поени кога треба некаде да блеснеме како стручни во својата област. Ама животот си има некои свои текови и мигови кога знае да не’ плесне по лице и токму тогаш да ни покаже дека она на што сме најмалку фокусирани е всушност најважната работа. Си ги труеме децата со амбиции да бидат најдобри, да знаат барем 2 странски јазици, компјутери, секако инструмент, спорт и што уште не. Им го потценуваме детството, само поради таа проклета трка во која ги спремаме за преживување.

Соочувањето со болест или кога е во прашање здравјето на оние кои ни се најблиски е еден од тие мигови кога светот застанува и кога ништо, ама баш ништо не е важно освен хероите во бели мантили да кажат дека се’ ќе биде во ред. Деновиве се соочив токму со тоа. Колку и да сум емпатична и можам да влезам во сечија кожа, на оние кои не веруваат и кои си играат играчки само ќе им порачам дека не им посакувам да чекаат резултати за свои најблиски од ковид, особено кога тие најблиските имаат ем години, ем се во ризична група. Во тие мигови единствено што ми се вртеше во главата беа сите можни сценарија дека ако е тоа, што понатаму. Зошто забораваме на есенцијата на нашето битисување на оваа планета и зошто сме толку многу оптеретени со неважни работи. Една обична пневмонија или грип, не може никаде да се третира без ковид тест. Да, симптомите на татко ми беа токму такви. И за среќа, негативниот тест кој беше 2 пати направен веќе дозволи третман. За сите нас статистиката за новозаболени се само бројки до мигот кога не знаете дали ќе бидете дел од таа статистика. Стравот е најмногу врзан за здравјето на оној кој според симптомите е сомнителен на болеста, но не завршува тука. Изолација, тестови за сите од семејството, како ќе тече болеста, што ако ете, сите сме биле заразени, преслушувањето од каде би можело кога никаде не сме се мешале со луѓе. Паранојата како ќе заврши сето тоа и побогу, со какви последици ќе се соочиме. Кога ми се јавија за да ми соопштат дека не само што вториот тест е негативен, туку и од наодите самата пневмонија не укажува на ковид, не можев да зборувам од што бев одземена од страв. Да, ми беше страв и не ми е срам да го кажам тоа гласно. Сите што не верувате во болеста, сите што мислите дека “абе ај, од грип лани имаше повеќе болни” да не сте им во кожата на оние кои се лекуваат или кои чекаат да им заѕвони телефон за да им кажат дали ќе лежат на клиника. Да не сте им во кожа на оние кои седат дома и чекаат да бидат известени дали ноќта минала добро или состојбата се влошила. И повторно ќе речам, мојот стрес е нула во споредба со оние кои морале да се помират дека се болни или дека некој член од семејството им е хоспитализиран.

Ништо не е важно луѓе, освен здравјето. Ништо. Славата минува, парите доаѓаат и си одат, ќе се раскинат врски и бракови, ќе дојдат нови љубови, ќе се склопат нови пријателства, ќе се прекинат некои стари. Ќе минат многу нешта, ама ако немате здравје, се’ е толку неважно. Можете да имате пари за да го купите светов, ама не можете здравје да си купите, ниту живот. Станавме машини за печатење банкноти, станавме одлични тркачи по престиж, име, статус во ова општество во кое и да ве нема, никому ништо.

Мојот критериум за нештата драстично се смени пред скоро 20 години кога бевме со татко ми редовни посетители на клиника и кога одевме на зрачење. Чекајќи го, се изнагледав деца кои доаѓаа и си одеа, кои не знам дали се живи денес или не. Тогаш немав дете, ама знам дека тоа ми остави толку длабока трага што ич не ми е важно дали Нина ќе ги има сите петки, дали ќе знае англиски, туку само да е жива и здрава. Тоа ме смени. Ми го измести светот. Критериумите кои ги имав дотогаш беа избришани, однесени. Ќерка ми на се’ што оди како активност, оди оти сака. Не оди за да бидам јас гордата мајка која ќе вади книжулиња од ташната за да се фали. И секогаш кога ме прашува дали сум горда на неа кога ќе донесе петка дома, и’ кажувам дека сум горда оти е прекрасно дете, спремно да помогне секому, дека има чиста душа и големо срце.

Во животот не знам што се’ ме чека. Не знам колку време имам за да направам се’ што сакам и можам. Ама знам дека сум благословена со прекрасни родители, со дете во чии очи сум она што сакам да бидам, со пријатели кои во секој дел од денот или ноќта се спремни да дотрчаат и кои се покажуваат на дела, а не на зборови. Вредностите ми се на тоа сведени и на ништо повеќе. Она што го работам го работам од љубов, оние кои ми се блиски ми се горивото кое ми треба за да исправам плеќи кога сел универзум ми стежнува и немам сила.

Не си задавајте преголеми цели. Малку пуштете ги уздите и научете се да уживате во она што ви е дадено дур сте на овој свет. Гушкајте си ги децата, наместо да ги гледате како роботи кои треба да ги исполнат вашите амбиции. Сакајте си ги родителите додека ви се тука и покажувајте го тоа секој ден, оти никој од нас не знае колку ќе е привилегиран за да му се тука.

Тргнете се’ што ве уморува и сконцентрирајте се само на она што ве прави спокојни, среќни и безбедни. Тргнете ги оние кои се тука кога сте ок и кога се’ ви оди по нагорна линија, а кои не ви креваат слушалка тогаш кога од очај не знаете што со себе. Тргнете се од се’ и од сите, доколку тоа само ви ја троши енергијата. Преслушајте се сериозно што ви треба и што ви е важно. Не си го арчете времето на минливи нешта, не се арчете себе оти им требате на оние кои навистина се грижат за вас.

Благодарна сум на универзумов за сета љубов која ја добивам од вас кои несебично ми ја покажувате. Благодарна сум што ве имам вас неколкумина без кои и јас не била она што сум. Да сте ми живи и здрави и запамтете секогаш да се прашувате себе што ви треба за да сте среќни. И не само тоа, туку зграпчете го животот со двете раце и не го пуштајте.

П.С. Цули, фала ти за се’...да сум ти тука, како што си ти за мене секогаш.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Од сите зборови

Најмногу вредат оние

Кои не се кажани

Туку покажани биле

И љубовта која во нив прелева

Кои шумат како пенливо вино

Во кристална чаша висока

Од сите зборови

Кои никогаш не биле изустени

Ама биле присутни

Најголема тежина имаат оние

Кои ќе ги видиш во нечиј поглед

Или во гласот кој како иљач

Душата ти ја залекува ко ќе ги слушнеш

Од сите зборови

Со кои се тепаме да се искажеме

Или нешто мудро да поприкажеме

Најдолго остануваат оние

Кои премолчени биле

А кои ти кажале се’

Чија форма однатре ти налегнува

И чиј одек во главата ти останува

Оние кои болката ти ја смириле

И кои утеха ти дале

Од сите зборови

Со кои се расфрламе

Небаре смисла имаат

Кога нештата одат удолу

Најприсутни се оние

Кои останале ненапишани

И оние кои во нечиј стисок сме ги сетиле

Оти збор ко збор ќе се заборави

И напишан да е

Времето ќе го избледи

Ама пусто

Силата на зборот кој кажан не бил

И кој останал како жиг во срцето

Чија сила не е во перото

Туку во думата нечија

Ете тој збор

Тие зборови во чоек остануваат

И најдолго трага оставаат

Оти не се само букви расфрлани

Ниту песна која ќе се заборави

Туку се живот и здив

Вдишување и издишување

Зборови кои кажани не биле

Туку сторени

И чиј мирис и вкус

Се единственото нешто

За кое вреди да се живее

Во ова време во кое зборот

Лесно се изустува

Најсилни се зборовите

Со кои душите ни молчат

Во спокој, во љубов