Останувам во „Брза кујна“ и следната сезона: Интервју со Сања Савеска

Добивај вести на Viber

Со нејзината искрена насмевка и шарм, за кусо време успеа да ги освои срцата на гледачите, прво во ТВ 24 , а последниве месеци и како нова водителка на популарното кулинарско шоу „Брза кујна“ на ТВ „Сител“. Сања Савеска вели дека овој ангажман кој ѝ е голема љубов, прво го гледала како предизвик, како и сè во животот, подготвеноста со нејзиниот сакан Томи да се качи на мотор и да открива нови места покрај море. Како хороскопски рак, Сања за себеси вели дека е преемотивна, раскажува што ја прави среќна освен времето поминато со шефовите Марк и Никола, открива дел од својата приватност и уште една новост, таа останува да биде домаќинка на „Брза кујна“ и следната сезона.

*Како нова водителка на „Брза кујна“ дојде на почетрокот од новата сезона, чувствуваше ли притисок како ќе те прифати публиката по Александра?

-Секоја промена носи со себе предизвици, да се дојде на веќе изградена позиција и на место кое веќе е добро прифатено е уште поголем предизвик. И токму така ја прифатив понудата, како предизвик. Притисок не почуствував, бидејќи долго време ја работам оваа работа, а веќе долго време посакував ваков проект.


*Дали претходно го следеше ова шоу?

-Одвреме навреме , кога бев слободна знаев да се закачам на некој рецепт на шефовите , и тогаш им се воодушевував на умешноста и брзината.

*Како инаку приватно се снаоѓаш во кујната, дали си добар готвач?

Обожавам да поминувам време готвејќи, ме смирува, релаксира и инспирира . Благодарение на моите родители научена сум од мала да ги завршувам домашните обврски сама, па така и доста мала научив и да си направам јадење. Сакам да готвам и да пробувам нови рецепти, но ги сакам и традиционалните јадења. А дали сум добар готвач ? Досега никој не се пожалил на стомак, а и ништо не останало недојадено. (се смее)

*Емисијата се емитува секој ден, со кое темпо снимавте, колку ти беше напорно на почетокот, влезе ли во ритам сега?

- Снимањата течеа со навистина интензивно темпо, се снимаа по 3 емисии дневно, речиси секој работен ден . Првите неколку дена ми беа малку потешки ,бидејќи требаше да ја фатам и јас минутажата и да го совладам брзото темпо на шефовите . Но навистина многу бргу се вклопивме тројцата па секое следно снимање ми беше полесно, додека сега веќе и не чуствувам дека сум на работа, едноставно уживам со целиот тим кој работи на овој проект но и со нашите драги натпреварувачи.


*Која интересна анегдота од снимањата со Никола и со Марк никогаш нема да ја заборавиш?

-Марк и Никола освен што се извонредни шефови се и навистина вистински шоумени, забавни се и сакаат шеги . А тоа богами не изостанува во нашето шоу. Анегдоти има многу, дел од нив се пред камерите ,а има и такви моменти кога не сме можеле да престанеме со смеење па чекаа во режијата да се смириме и да продолжиме, на пример кога шеф Никола направи туфахија а шеф Марк ја коментираше ...е тука мислам 5 пати дека не враќаа за да снимаме. Среде емисија ни има летното блендер полн со крем, се запали крпа, јас истурив шише зејтин па се лизгавме, но во овие и многу други моменти   снимањата течеа најпрофесионално. 

*За тебе приватно не се знае многу освен дека си среќно вљубена, се случило ли емотивниот живот да трпи поради работата?

- Се знае сосема доволно, повеќе и не сакам да откривам, тогаш не би бил приватен живот. Заедно функционираме неколку години,и двајцата сме си поддршка во работата. Томи е спец.неврохирург и има многу потешка работа од мојата и премногу одговорна , и мојата работа исто бара долго отсуство од дома, но секое слободно време сме заедно и ги правиме работите што не опуштаат, возење со мотор и долги прошетки со Маша .

*Твоето срце го освои Томи, како се запознавте, и која е неговата највредна особина која најмногу ја цениш и сакаш?

- Сосема случајно се запознавме, на една прослава, па пополека , иако различни сфативме дека сме еден за друг, и токму неговата упорност како карактерна особина ме привлече. Му се воодушевувам на енергијата што ја има , и што не отстапува од своите цели колку и да тоа значи жртва и отстапки од многу нешта. 


*Која твоја карактерна особина ја сметаш за најсилна, а која би ја сменила да можеш?

-Типичен хороскопски рак сум, преемотивна и често кога искажувам емоции знам да пуштам солзи. Тоа би го променила дефинитивно, затоа што денешното живеење е многу сурово и неправедно, па знам поради својата искреност и емотивност да страдам.  Знам да паднам, и повторно да станам, и посилна од претходно, па сметам дека тоа ми е силна особина, што не се откажувам никогаш и упорна сум во се што работам. 

*Кои ти се омилени женски ритуали, како се негуваш и како најквалитетно го поминуваш времето кога не си пред камерите?

-Немам некои посебни ритуали. Шминката од долгите снимања знае навистина да ми тежи ,па кога немам снимања сакам да имам чисто лице ,без шминка , и да го одморам. Внимавам да јадам умерено и здраво и се трудам да пијам повеќе вода,но за жал тука правам најголеми грешки,внесувам многу кофеин а малку вода. Кога не сум на снимање, обожавам време да поминувам со мојот најсладок и најдобар пријател , бишонот Маша, како и со моите драги луѓе, и секогаш со добра книга , сето тоа ми ја враќа и обновува енергијата. 


*Кого ќе гледаме во следната сезона на шоуто, тебе или Александра, или можеби и двете? 

-Наскоро започнуваат снимањата за новата , 7ма сезона. Можам да најавам дека ќе има новитети и во оваа сезона, но јас останувам водителка на најдоброто кулинарско шоу . Навистина сум благодарна што гледачите за кратко време ме прифатија . Шеф Марк и шеф Никола имаат една домаќинка, и сум пресреќна што тоа сум јас.


*Како и каде ќе го поминеш ова лето?

-Со нетрпение го очекувам одморот, ми се чини повеќе од било кога ни е потребен, бидејки ситуацијата со пандемијата не истошти, долго време бевме во грч штитејќи се, па сега е време малку да се опуштиме. Границите ни се отворени ,сертификати за вакцинација имаме, па ќе “палиме” мотор и ќе одиме на заслужен одмор на море ,а каде точно уште не знаеме, но сигурно на некое за нас ново место за истражување. 

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива