П - Прељуба

Добивај вести на Viber

Сѐ е како во бајка на секој почеток. Срцебиење, пеперутки во стомакот, желбата да се биде заедно што е можно повеќе време, планови, патувања, сексот е совршен, а љубовта како онаа од филмовите. Кога сме вљубени, сиот свет има поинаква димензија. Потолерантни сме на сите глупости кои попатно ни се случуваат, се смешкаме по улица без никаква причина, љубезни сме и со оние кои не ги познаваме, имаме просто желба да го гушнеме светот. Хемијата која се создава нѐ прави да сме подобри луѓе, да не скокаме на провокации, да не трчаме ко прле пред магаре на секој кажан збор. Со еден збор, вљубувањето нѐ омекнува како карактери и ни става на носот розови очила, преку кои реалноста е сѐ она што во суштина не е. И доколку работите си течат онака како што треба, веќе се гледаме себе за неколку години заедно со саканиот/саканата во стабилна врска без многу потреси, секако со проблемчиња кои се решаваат брзо и ефикасно, а секако и во брак во кој сите влегуваме со идеја дека ќе дадеме сѐ од себе за да успее.

Очекувањата кои сите ги имаме без оглед дали сме во врска или брак се горе-долу исти. Сите сакаме љубовта да се негува, да има почит, разбирање, конфликтите да ги решаваме брзо, со муабет и без навреди за да ни се потврди дека сме направиле вистински избор што сме одлучиле животот да го минеме токму со таа особа со која сме. За жал, едно се очекувањата, а сосем друго реалниот живот кој од сите страни притиска со проблеми. Живеејќи тука, грото сме оптеретени со финансиската состојба, проблеми на работа, неможност да се живее поинаку освен во заедница, немање доволно средства за да си дозволиме да ги задоволиме потребите кои ќе го освежуваат односот, како што се почести патувања, одење на ручек или вечера или слично. Реалноста полека и неосетно ни ги меле чувствата и желбата да се работи секојдневно на односот, кој ако не се чува ќе стане товар и плодно тло за она од што сите се плашиме...прељуба.

Прељубата има две свои страни. Првата е онаа најочигледната, кога ќе дознаеме или го фатиме партнерот дека нѐ изневерува, а втората е поперфидна, оти не е физичка, туку останува во умот на оној кој ја врши. Опасноста е иста и од двете. Со оглед на ситуацијава кога малку е поотежнато она првото, некако процвета прељубата која не завршува со физички контакт, ама се сведува на допишување, флерт по социјални мрежи. Месинџер, инстаграм, телеграм, вибер...еден куп алатки кои овозможуваат да заборавиме на она што секојдневно го живееме и барем малку да се „освежиме“ со комуникација која навидум е невина и наивна. А секогаш е таква во очите на оној кој ја практикува, за разлика од оној кому му се случува да го фати партнерот дека го прави тоа. „Ама нема ништо меѓу нас, само се допишуваме“ стана одличен изговор за сајбер неверството. Демек, биди среќен или среќна што има пандемија! Глупости, неверството во умот знае да биде исто толку фрустрирачко и страшно како она кога откривате дека партнерот ви спие (а најмалку спие) со друг маж или жена.

Во тие мигови, светот кој сте го граделе заедно се руши како кула од карти. Можеби нема да се сложите со мене, ама она неверство во кое ништо не се случува ми е поопасно од другото. Во другото се знае, физички контакт, се запознаваат и магијата и таму поминува оти сепак и во тој однос после извесно време реалноста преовладува и заморува. Криењето, стресот, грижата на совест и стравот да не се биде откриен/а си го прават своето. Во ова сајбер неверство ги нема тие моменти, оти сѐ се сведува на шифрата со која ќе се осигурате дека никој нема да ви го чачка телефонот. Е тука, демистифицирањето на виртуалниот љубовник или љубовница оди малку потешко. Се додаваат особини кои ги немаат (а ги прави уште попривлечни) па сајбер сексот е совршен, оти немате вистинско тело кое можеби и нема да ви се погоди како партнер, туку сѐ е оставено на имагинацијата, а се разбира дека во неа нема место за нешто да тргне наопаку. Во умот на оној кој изневерува без физички да изневери, мажот или жената со кој/а се допишува е со оној мирис кој е совршен, компатибилноста е ваууууууу, сите интереси се заеднички (што е безвезе, оти секој на пишување може да биде совршен). И тука е она страшното, дека треба уствари да се реши проблем кој постои, а навидум го нема.

Голем удар е кога сфаќате дека вашиот партнер се допишува со скокотливи детали и муабети со некој друг. Агонијата почнува со пребарување на соперникот/соперничката на интернет, кој/а е, што е каков/каква е, па дали имате заеднички пријатели, па кои се, па дали меѓу нив имате некој што ви е близок (а да не е партнерот!) за да дознаете нешто повеќе. Реакциите се различни, од ставање точка на сѐ и терање во триста лепе тииииииииииииииит, до седнување со ладна глава за да се види што и како понатаму. Да си кажам од одма, јас сум од првите. Да седам и да чекам да му поминат бубачките - јок, да се мислам дали додека имаме секс ја замислува неа - јок, да се потресувам на секое титкање на телефонот дали со неа се допишува - јок. Не за друго, туку со тек на време ќе станам неподнослива и за себе и за околината. Тука ми е суетата голема, а и проблемот дека никогаш повеќе нема да можам да му верувам. Од другата страна се оние кои јас ги нарекувам мудри луѓе и кои ја проценуваат ситуацијата. Знам дека многумина од вас ќе речат оти одма се става крај, ама некогаш и не е така. Не мислам дека некој/а е глупав/а затоа што ќе се наоружа со трпение и ќе се бори за партнерот... од кои причини, секој си знае за себе. Не осудувам, не држам предавања од типот „леле, како можеш да простиш“, оти секој од нас знае што може и што не може да искрепи во животот.

Прељубата (каква и да е) е знак дека работите и не биле така совршени како што сме мислеле. Не дека оправдувам неверство, ама за танго се потребни двајца. Да, не може при првата кавга, недоразбирање, проблем да се бега во неверство и доколку немате партнер кој е бездушен и баш му е гајле за вас и вашите чувства, можеби и вреди да се размисли како понатаму. Ми се случило да бидам изневерена и многу, ама многу ме погодило. Сум простила и после не можев себе да се смислам, цело време ми беше тоа на ум и тоа така тераше додека не сфатив дека простувањето е наменето за оние кои навистина ги сакаме, кои навистина потклекнале и кои навистина се каат и нема да го повторат тоа. Или не сум го сакала доволно, или сум чувствувала дека нема да зврши на едно и толку. Како и да е, мојот избор беше да си заминам додека и себе и нему ја немав душата низ нос извадено. И не се каам, оти си го добив мирот. Ама тоа важи за мене и за мојот случај.

Сѐ повеќе стануваме строги кога се во прашање туѓите животи, одлуки и постапки. Со годините научив дека во вакви деликатни ситуации треба да дадам поддршка на оној кој е во ваква каша, не со тоа да сугерирам што да направи (оти сакале или не, сите сме субјективни во сугестиите и тргаме од себе) туку со тоа да слушам и сослушувам одново и одново додека човек сам не си ги даде одговорите пред себе. Огромна е одговорноста да се влијае врз нечии одлуки кога се во прашање прељубите и како да се справат со нив оние кои ни се блиски. Има мажи и жени кои толку многу се врзани за партнерот што за нив, разделбата може да биде и кобна, да им влијае на физичкото и менталното здравје. На таквите не им се кажува „говедо е, остави го/ја“. Не дека не е говедо, ама како и да се сврти работата, тоа е негово или нејзино говедо и треба да одлучи сам/а дали ќе го/ја остави. Оти муабетите дека сте стално тука кога ќе бидете потребни се само муабети. Некогаш не стасуваме заради обврски да сме тука за себе, а не па за некој друг.

“П” како прељуба е најстрашниот збор во една врска/брак...а што е најинтересно, а воедно и најчудно, некогаш може да доведе до крах и нов почеток, ама некогаш останувањето заедно после тоа, знае драстично да го смени заедничкиот живот на подобро.

Не сугерирајте и не осудувајте...сослушајте, пробајте да разберете односно да се ставите во чевлите на соговорникот и кога ќе ве прашаат за мислење, возвратете го прашањето без да одговорите затоа што одговорот што вие ќе го дадете ќе биде секогаш погрешен. Оти во однос меѓу двајца, ништо не е црно-бело.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Се појавуваш токму тогаш кога не треба

излезен од нечија туѓа топла постела

со мирис на усните кој не е мој

и спомени во рацете врзани во јазол

ко цвеќе на љубовен состанок.

Се појавуваш со светнати очи

и шарен свет во нив

со блескава насмевка

полн самодоверба

чекорот ти е лесен како по облаци да одиш

и не

не ми ја чувствуваш мачнината

која ми стои во грлото

и еве

дур пред мене стоиш

облечен во лажна среќа

не можам да се присетам на ситни нежности и радости

сеќавањата не ми се врзани за заеднички моменти

оти повеќе паметам сѐ што заедно не направивме

а ти и јас, драги мој,

никогаш заедно не ги дочекувавме утрата

ниту, пак, квечерините заедно ги мирисавме

немавме бесцелни прошетки низ празни улици

никогаш не си ме бакнал на дожд

ниту имавме наша песна

некоја сосем обична и смешна

никогаш пред тебе песна не напишав

ниту, пак, заплакав од среќа или тага

и не можам на ништо да се сетам

освен на празнотијата која по тебе остана

а ме боли помислата дека останавме странци.

И еве

сега душата ми тагува за една љубов која уште ме мачи

од која остана само сеќавање

на сѐ што заедно не направивме.