ПАЦИЕНТИТЕ СО НАЈТЕШКИ БОЛЕСТИ НЕ ТРЕБА ДА ОДАТ ПРЕД КОМИСИЈА: Матичните лекари може да издадат потврда, разговор со Лиридон Бафтиу
Под капата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Скопје се најосетливата категорија граѓани, а според директорот на оваа институција, Лиридон Бафтиу, треба да се вложува многу за да се најдат најсоодветните начини да им се помогне. Во овој разговор за Фактор, тој говори за следните активности на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, како и за неговите, иако многу млад, следни активности во овој сектор од општеството.
-Тоа што сега го спремаме како Центар за социјална работа е да добиеме донација за ново комбе за деца со церебрална парализа. Сметам дека ќе најдеме начин некој да донира, бидејќи тоа се деца со едно навистина тешко заболување, а комбето со кое располагаме е старо. Според нашите пресметки станува збор за околу 35.000 евра. Самото комбе чини околу 24.000 евра, но со таа додатна опрема што е потреба за децата би изнесувало околу 35.000 евра. Ако успееме тоа да го направиме, навистина ќе биде добро. Ние имаме дневен центар за дечиња со церебрална парализа. Таму работи стручен кадар, и имаме шофер кој е поврзан со сите родители, контактира со нив, и секојдневно оди до кај нив дома, ги зема и ги носи во Дневниот центар. Тој функционира како градинка, таму имаат и оброци. Затоа сакаме комбето со кое ги возиме тие деца да биде како што треба. Освен во Дневниот центар, со тоа комбе ги носиме и во Крушево и во Кичево. Тоа се категорија на дечиња за кои е потребна голема посветеност. Најмногу има до 10-тина дечиња, најчесто се околу 6-7. Навистина сум многу ангажиран ова да успее, а за среќа во нашава земја има многу општествено корисни компании кои би донирале за едно вакво комбе. Би ни било од огромна корист. Се трудиме да правиме нешто што ќе остане за доброто на децата, вели Бафтиу.