Паднав на тераса поради најзгодниот тип: Најлудата авантура на Тања Кочовска

Откако пред неколку дена го прослави својот 53-ти роденден, актерката Тања Кочовска вели дека е задоволна и среќна од себеси. Роденденот, таа реши да го прослави со својата сестра, пејачката Лидија Кочовска.

„Дента на мојот роденден, бевме со Лидија до Грција на кафе на море. Вечерта пред роденденот ми дојде таа идеја. Една од најдобрите другарки ми живее во Ријека и се случува вечерта да ми дојде да се спакувам и сабајлето рано да седнам во кола и да отидам кај неа. Многу ги сакам тие изненадно-авантуристички моменти“, вели шарматната актерка.

Со Лидија се особено блиски

За својот роденден, таа секогаш прво си посакува здравје и среќа, прво за децата, потоа за неа и за сопругот, актерот Предраг Павловски.

„Неостварена желба ми е планинска куќа (брвнара,колиба) во борова шума, на езерце и да славам Нова година, Божиќ, роденденот на Нела на 3 јануари, мојот, на Предраг на четврти февруари, на Александар на 16 февруари. За тоа време да скијаме“, вели Тања за својата неостварена желба.

Со сопругот Предраг Павловски делат живот, но и иста професија

Актерката ни раскажа и една интересна анегдота која се случила на денот пред нејзиниот роденден.

„Претходниит ден раскитував од Нова година. Под мојата терасата има шеталиште и поминуваат милион луѓе. Во моментот кога раскитував поминуваше најзгодниот тип, и јас токму тогаш ја утнав скалата и паднав на терасата. Човекот неколку пати праша дали сум добро, а јас ќутев како мисирка и ништо не му одговорив. Па, како да му се појавам кога бев како од поплава исфрлена“, низ смеење вели Тања.

Со колегите од МНТ во „Животот е прекрасен“

Муабетот со неа секогаш ве носи на весели теми, а европското првенство во ракомет кое неодамна заврши ја потсети на уште една навивачка случка, врзана за нејзиниот родеден.

„Пред десетина години славев родендени само со женско друштво, во кафана. Тогаш имаше некое првенство во кошарка или во ракомет. На една од тие прослави, со другарките решивме до појас да се соблечеме, да се покриеме со македонското знаме и така навивачки да се сликаме зашто за време на првенството постоеше таква еуфорија. Во мометот на сликањето мене ми се лизна знамето од раце, хахахаха. Среќа таа фотографија до ден денешен не е објавена“, ни откри Тања.

Секогаш е насмеана и во добро друштво

Откако по нејзин кеф го прослави роденденот и ни ги кажа неостварените желби, Тања за крај вели дека иако е задоволна и среќна од својот живот, има само една работа која треба да ја научи. „Уште само да научам почесто да го исклучувам „прекинувачот“ и ќе биде идеално“, додава Тања.

М.Џаровска