Пасивно- агресивно однесување
Да сум сега на некои 18, не сум баш сигурна
дека повторно би запишала економија. Всушност, кога завршив средно сакав да се
запишам на новинарство во Белград (со мојава интровертност де) под импресии на
она што го гледав на тогашните телевизиски програми, а веројатно и генот играше
некаква улога. Но, тогаш почна војната во Југославија, беше тензично, имавме
состојба на неверување и шок, се испослучија работи за кои не верувавме дека е
можно некогаш да се случат. Нејсе, не стасав до Белград и до факултетот по
журналистика, па некако по инерција дека излегов од средно економско,
факултетот по економија беше логичен (иако не многу по ќеиф) избор.
Сега, со ова искуство и ум, повеќе би одбрала психологија и тоа без да му се мислам. Кога беше формирана првата група на трансакциона анализа, бев таму. Оттогаш па наваму, станав свесна не само за моето однесување и пораките кои ги праќам со истото, туку научив и да распознавам одредени состојби кај луѓето. Некогаш и не дека се задлабочувам, туку спонтано ми доаѓа да си дефинирам некои работи кај себе. Низ животов исчитав и книги од познати психолози, па се одржував во форма со она што првпат го слушнав во моите рани 20-ти, односно терминот пасив-агресив или пасивно-агресивно однесување. И пред да продолжам со темата на денешниов понеделнички муабет, само да ви кажам дека мојата љубов кон психологијата многу ми помогна и во мајчинството, особено во препознавање на сопствените грешки во воспитувањето и одгледувањето на ќерка ми. Да не зборувам само колку ми се најдоа тие “знаења” (сепак не сум ниту приближно на нивото на оние кои професионално си ја работат оваа работа, а знаете дека нема полошо од учени-приучени, а да не се свесни дека спаѓаат во таа категорија) кога Нина потпорасна доволно за да прашува за разводот или да се соочува со тоа дека потекнува од семејство на разведени родители.
Колкумина од вас барем еднаш во животот се соочиле со конфликт кој јас го нарекувам слепа улица, оти чувствувате по однесувањето на особата карши вас (сеедно дали ви е колега/колешка, родител, дете, партнер, пријател) дека нешто не е во ред, но кога ќе прашате, добивате само “ништо не ми е”, проследено со стиснати усни. И гледате дека не е баш дека “ништо не ми е”, но секој пат кога настојувате да извлечете каде е проблемот, нема никаква реакција. Или, откако доволно број пати ќе прашате за причината на чудното однесување, на крај ќе ви се развикаат дека сте ги изнервирале за џабе, па ќе се чувствувате уште полошо. Ова ми го има правено партнер пред дваесеттина години и искрено, мислев дека си умислувам работи, додека на крај не сфатив дека имам работа со тежок манипулатор кој точно знаел да процени дека ќе загризам на оваа мамка.
Колку пати сте биле во ситуација да се обидете да добиете позитивен фидбек за нешто што сте направиле, а сте добиле штама? На пример, секој ден ќе ја местите трпезата со сите нишани, обидувајќи се да направите семејна атмосфера (во ова лудо време, во кое се’ поретко седнува целото семејство заедно да руча) и никој тоа не го приметува, но првиот пат кога ќе го прескокнете ритуалот заради премногу обврски, ќе ви биде замерена немарноста?
Колку пати сте биле ускратени од нежност, допир, секс, муабет или било каква блискост затоа што партнерот ве “казнува” за нешто што немате претстава што е, оти секако не ви се кажува, туку треба сами да си знаете. Лично, ова како што знае да ме извади од кожа, ништо друго не може. Демек, казнета сум оти не читам мисли и нема сега што тука да ми се објаснува што и како. Фуј! Имаше еднаш пост за вакво однесување (не се сеќавам каде и кај кого, оти одамна беше) на кој се надоврзаа коментари околу тоа кој го прави ова почесто, мажите или жените. Мене ако ме прашате, тоа е типична одлика на некој со пасив-агресив однесување и ич не ми е гајле родово кој води во играта која ми е одвратна од секој можен аспект.
Колку често среќавате или имате во околина луѓе кои ќе сторат нешто за вас (а никој не може да ме убеди дека секогаш кога правиме нешто за другите, не правиме и за себе. На пример, хуманоста е чин на правење добро за другите, но сепак првичниот мотив е дека ние се чувствуваме добро кога помагаме на другите. И да нема забуни, ова кога го кажувам не значи дека мислам на експонирање при правење добрини, туку на тоа дека и анонимното помагање е чувство на сатисфакција и за оној кој го прави), а потоа стореното го издигнуваат на ниво Мајка Тереза и ви го плескаат в лице секој пат кога нема да се согласите со нив за било која работа, притоа потенцирајќи дека вие сте бесчувствителни кон нив, кога тие направиле “блаблаблаблабла” за вас.
Порано, се чувствував виновна кога предизвикував расправии. Мислев дека само нешто мене не ми чини, дека мрчам, дека барам преку леб-погача. Е, кога налетав на оној (опишан погоре во текстот), ми олесна кога увидов дека избегнувањето расправија не само што не е доблест (како што ми беше претставено), туку дека е опасна психолошка игра во која пасивно-агресивната личност плива како риба во вода. Јас, ко што ме дал Универзумот ваква, имав (ден денес сум иста) потреба да си кажам што не ми се бендисува. Значи, кажувам, ако треба и се карам, се бара решение, се продолжува понатаму. Од искуство ви кажувам дека нема попогана работа од тоа да сте со некој кој не се кара или кој вашата потреба да си кажете што не ви се допаѓа, ќе ја сведе на тоа дека сте слаби со нервите (покрај таквите со тек на време ќе станете слаби со нервите, да си знаете).
Сега, после многу фурни леб изедени знам да намирисам пасивно-агресивни луѓе. Некои од нив го имаат однесувањето доведено до совршенство, па со нив потешко ми оди, ама интуитивно некако се тргам и не дозволувам да бидам вовлечена во вителот на болни односи. Имам природен отпор кон таквите манипулатори и дури чувствувам и физички тегоби во нивно присуство. Сега, основна задача како родител ми е да го подготвам детето како да препознава пасив-агресив однесување и што е најважно, како да се справи со истото, без оглед дали некогаш и јас ќе бидам во прашање. Кога разговарам со неа, основно правило во комуникацијата е “се кажува се’ што те мачи и што те лути, се’ што те фрустрира или те нервира”. Можеби сум свесна за многу нешта, но не значи дека сум совршена личност/мајка/другарка. Знаејќи колку е лесно да се прифати пасивно-агресивното однесување, а колку е тешко да се излезе од таа шема на однесување, повеќе преферирам да ми се каже в лице дека сум претерала, отколку да глумам дека сум секогаш во право или дека сум жртва на нешто. Впрочем, сите ние сме единствено жртви на сопственото однесување, прифаќање или негирање на работите и на сопствените себе-сопнувања низ животот.
Да работиме на себе е наша должност и обврска, пред се’ кон себе а потоа и кон луѓето со кои комуницираме, особено семејството и пријателите. Пасивно-агресивното однесување знае да направи пекол од живеачката. А нема поента, нели? Толку сме кратко на овој свет, што е греота да си го арчиме скапоценото време на психолошки игри од кои оставаме само бреме на нашите деца.
Годинава бидете ментално будни и не дозволувајте да бидете манипулирани. Мислам дека одреден дел од нашите понеделнички муабети ќе ги врвиме со вакви теми, заради зачувување на менталното здравје, кое секогаш влијае и на физичкото. Ќе ви давам примери од моето искуство, а секако дека можете да споделите со мене и ваши искуства, анонимно и без нарушување на вашата приватност.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не ми е мене страв од луѓе кои викаат
Ама ич не ги клавам на дикат
Со нив знаеш на што си
Ете, не ќе им се бендиса нешто
Па ќе се изнавикаат и искараат
Ќе врескаат дур не им набабрат жилите на вратот
Ќе се запенат и очи ќе ококорат
И ги гледаш дека од душа викаат бре
Дека од душа нешто ги потрефило
Дека толку силно ги погодило
Што не им е гајле дал врескаат во јавност
Е, од тие таквите ич не ми е страв
Оти искрени се
Оти ко те сакаат, те сакаат и точка
Ко ќе им згрешиш, ѕрцките ќе ти ги извадат
И точка
Ама после кротки се
Ќе си ја олеснат душичката и ќе омлитават
И лицето ќе им се смири
Од устата веќе поганлаци не слушаш
И ќе промуабетиш
Ќе си кажете кој што има
И одиме понатаму
Тие, тие луѓе ги сакам
Страв ми е мене од оние другите
Кои ниту на живо се смеат
Ниту пак на мртво плачат
Тие чии сурати се исти и за празник и за делник
И за повојница и за закоп
И за љубов и за омраза
Од таквите уплав имам
И ги намирисувам со годиниве
Им се плашам и бегам
Ко ѓаолот од крст им бегам
Оти тие не ќе те продадат само за грст златници
Тие продаваат и онака
За ништо
За џабе
Оти гајле за ништо не им е
Оти ко без душа се
И немаат во себе кантар за добро и зло
Дал од раѓање изместен е
Или животот го расипал, не знам
Ама тој кантар на баждарење не оди
И никој не го оправа
Таму е скршено нешто во срцето
Е тие милост немаат
Ниту насмев
Ниту сомилост кон туѓата болка или јад
Тие се како луѓе-нелуѓе
И скраја да е таков да ти се погоди во близина
И скраја да е таков па да засакаш
Од тие
Од тие што молчат и не говорат
Од тие таквите страв ми е
Страв ми е од мислите нивни
Кои во главите им остануваат и гнојат
Затоа оние другите, викачите
Ете тие драги ми се
Оти тие знаат бол што е
И неправда
Знаат радост и среќа како скокотка
И чемерот како горчи
Тие, на мене блиски се
Оние кои љубат и мразат со жар
Со страст
Со оган
Со живот