Паскали: Ајкулите најчесто напаѓаат сурфери затоа што мислат дека се фоки

Никола Паскали од Нуркачки Центар Акватек од Охрид советува сите кои одат на море, да бидат внимателни, за да не дојде до фатални случки какви што имавме во Египет, каде две жени починаа откако ги нападнала ајкула.

Објаснува дека мора да бидеме подготвени, информирани, а во морето има многу опасности како што се отровни растенија, риби, најразлични мали животинки, медузи па дури и јаки подводни струења и многу големи бранови.

„Треба да се запознаете со видовите кои живеат на тоа место и како да се заштитите од истите. Скоро на сите поголеми јавни плажи има информативни табли и инфо броеви каде што ќе се запознаете со ризиците. Некои плажи се озвучени за да ги предупредат капачите од опасностите или со знаме и други сигнални помагала. Има некои основни правила кои треба да ги почитувате. Да не се капете ноќе, да не се оддалечувате многу од брегот и да не фаќате ништо низ морето зошто има многу отровни организми. Колку помало, толку поопасно. Ајкулата не е најопасното и најсмртоносното животно во морето. Мора да разбереме дека ние сме посетители во нивната територија. Ајкулите најчесто напаѓаат сурфери затоа што мислат дека се фоки или пливачи со пераи кои им личат на некое животно со кое се хранат. Исто така ги привлекуваат и светкави предмети и крв. Во случај да видите ајкула треба да се смирите, зашто го осеќа адреналинот, стравот. Ако почне да се доближува до вас треба да ставите некој предмет помеѓу вас и ајкулата. Пример тоа може да биде маската со која пливате и што е можно побрзо без паника излезете од вода“, додава Паскали.


Целиот текст читајте го на Фактор тука.