Пеце од „Суперхикс“ напиша песна за својот покоен брат кој ја загуби битката со ракот: „Сите кои ги нема“ настана од лични чувства, минатите 15 години

Петар Младеновски или Пеце од „Суперхикс“, сними песна која ја посвети неговиот покоен брат, ликовниот уметник Димитар Младеновски и за сите они кои повеќе не се помеѓу нас. Во „Сите кои ги нема“ која е моќна и емотивна балада, тој соработува со квартетот „Вива стрингс“.

Неговиот брат Димитар, почина во 2007 година по долга борба со канцер.

- Песната е инспирирана од  лични чувства, минатите 15 години (години по загубата на мојот брат) но пораката и идејата е да се однесува на СИТЕ КОИ ГИ НЕМА. Многу луѓе (особено периодов) изгубија свои драги личности па затоа една таква "општост" во насловот.


Моментот кога настана е..едноставно момент и по долго време ете ..дошол. Се' понатаму е необјасниво во миг на креативност, чувство, идеја за песна“, изјави Пеце за Женски Магазин. Одговарајќи на нашето прашање, што мисли дека неговиот брат би рекол кога би можеш да ја слушне песната, тој вели:

- Кога тој би можел да ја слушне? Хаха..веројатно би рекол „Батрошка...ти си повеќе панкер, би требало малку како „Клеш“ да ја направиш да звучи“, вели Пеце и се сеќава на највредните работи кои ги научил од својот брат.

- Мноооогу работи научив од него. Пред се' сум му благодарен што растев покрај добри плочи и касети, покрај многу поезија и уметност..и многу слики. Благодарен сум за тоа како ми го покажал патот по кој одам сиве овие години“, изјави Пеце. Пред неколку месеци тој и неговите блиски направија изложба со делата на брат му кои се спомнуваат и во стиховите на песната:

- Понекогаш намини, како бела светлина помини. Да те прашам- "Како е?" Да ме прашаш "Како е?" И дали се’уште висат твоите слики на поткровје. Понекогаш намини, како ветер топол погали ме. Да ми кажеш како си, да ти кажам како сме. И дека никој не ги тргнал твоите слики од поткровје И не можам да сфатам како не си со нас тука. Чекам да те сретнам како сенка која лута. Гласот ти го слушам како ехо во далечина. Во сон ми доаѓаш“.

Приказна за брат му, Пеце раскажа и во претходно интервју за Женски магазин:

- Најголемиот мој херој и борец кој за жал за загуби битката со ракот, но свесен беше што остави зад себе и тоа мислам дека го водеше храбро до крајот. Остави стотици сликарски дела, цртежи, портрети, графики кои ги изработи и со кои наскоро спремам една голема изложба од хуманитарен карактер. Се гледаме на негова изложба многу наскоро! Веројатно првите години по смртта немавме ни сили ни волја да зборуваме за тоа што се случи и како понатаму? Но од оваа дистанца едно нешто е јасно и со едно нешто барем јас лично се помирив а тоа е дека сите нас не очекува тој момент порано или подоцна, и е работа на судбината и некакви вселенски математики. Ќе го паметам по секој момент што заедно сме го проживеале. Од летувањата во Грција секое лето како деца, тепачките и караниците којшто и колку изел или колку сок испил и зошто некој помалку некој повеќе. По сите негови плочи и касети кои ми ги пуштал, по неговите забави дома кај нас во Капиштец, по тоа како со часови знаеше да се затвори и да слика. Па, јас цели дијалози или моменти кои сме ги имале заедно и денес си ги премотувам во главата. Така е сè уште со мене.“, ни изјави претходно Пеце. На неговиот Фејсбук профил, тој ги раскажа деталите за соработниците во новата песна.

- Ова е песна за сите на кои се сеќаваме и за кои имаме убави спомени. За сите кои ни'  недостасуваат секој ден. За сите кои ги сакаме и паметиме. За сите кои ни значеле и се’ уште ни значат. За сите драги кои повеќе не се меѓу нас а пак се некако...тука. Ова е песна за сите со кои се среќаваме само насон.  Песна ЗА СИТЕ КОИ ГИН ЕМА.

Големо БЛАГОДАРАМ за помошта и соработката до „Вива стрингс“ квартет, Дејан Теодосиевски, Дени Крстев и студио 1060, Гога Поп Георгиевски, Shrempf Media (видео).

Би ви би лблагодарен доколку удрите еден sub на каналов, споделите, преслушате, кажете како ви се чини. Мир во светот и имајте добар ден“, напиша Пеце на Фејсбук за деталите на новата песна.

Свое видување за ова дело, ни даде и Дејан Теодосиевски од „Висва стрингс“ квартетеот, инаку виолончелист од Филхармонија:

- Песната, како кај мене како креатор на аранжманот, така и кај останатите членови на мојот ВИВА Стрингс гудачки квартет уште на прво слушање предизвика силни емоции. Тоа беше и очекувано бидејќи самата песна е за "оние" кои веќе не се дел од нашите животи, а секој човек низ животот останува без некој близок, некој кој за секогаш остава празнина... “, ни изјави Теодосиевски.

Милица Џаровска

Фото: Принтскрин