Писмо на 85-годишна жена која не сакала да има деца: Илјада пати би го живеела истиот живот!

И покрај фактот дека веќе илјадници години наназад, потомството се зема здраво за готово во бракот, некои парови не можат да имаат деца, а некои едноставно не сакаат - тоа е лична одлука и треба да се почитува, дури и кога не се согласуваме со тоа.

Сепак, паровите кои ќе се одлучат на таков чекор и ќе живеат без деца често се мета на критики и осуди, а најчесто ни најблиската околина не ги разбира. Иако оваа клима во општеството полека се менува, сепак луѓето без деца се стигматизирани, па повеќето од нив никогаш отворено не зборуваат зошто направиле таков избор.

Затоа, можеби не е ни чудо што отвореното писмо на една 85-годишна баба стана вирално на социјалните мрежи. Своите забелешки таа ги наслови „Писмо до оние кои не сакаат деца“, размислувајќи за тоа каков бил нејзиниот бездетен брачен живот и зошто никогаш не зажалила. Писмото го објави порталот „Брајт Сајд“, а го пренесуваме во целост.

„Почитувани млади,

Бев во брак нешто повеќе од 50 години. И пркосивме на нормата и не сакавме деца. Во почетокот и кажувавме на околината „Се трудиме“, а потоа се префрливме на реченицата „Не можеме да имаме деца“ и тука ќе завршеше дискусијата. Тоа беше наша мала тајна и ничија работа. Кога би биле искрени и би рекле: „Не можеме да имаме деца затоа што едноставно не ги сакаме“, конфликтот со семејството и пријателите би ни бил многу тежок.

Нашите 50 години беа совршени. Имавме добри работни места, не се грижевме за пари, имавме свои интереси и хоби. Кога би можела да се вратам во минатото, дали би ја донела истата одлука? 100 проценти да! Илјада пати би го живеела истиот живот!

Ова е моја скромна опсервација:

ГРУПА А: Имаат деца, имаат одличен живот и сѐ е совршено. Јас познавам такви луѓе, така што е можно и се случува.

ГРУПА Б: Имаат деца, животот им е тежок и имаат проблеми. Многумина од нив често посакуваат да немаат деца.

ГРУПА Ц: Имаат деца и сѐ е во ред, но потоа во иднина празна куќа и се помалку контакт им ги крши срцата.

ГРУПА Д: Ова е група без деца, имам сретнато само неколку такви луѓе.

Не можам да дадам проценти за сите групи, но суштината, според моето искуство, е дека групата Д е секогаш најсреќна и најзадоволна. Секако, има многу среќни луѓе и од групата А.

Мојот сопруг почина пред 10 години. Го оплакував и сè уште ми недостасува секој ден. Но, тоа што немав деца значеше дека мојот живот никогаш не беше дефиниран од децата. Имав силна мрежа на пријатели и многу хобија. Можев да продолжам. Животот продолжува, а јас имам исполнет, среќен живот и нов партнер.

Моите пријатели кои ги загубија своите партнери и имаат деца имаат заеднички проблем - децата не поминуваат доволно време со нив. Тоа ги вознемирува и ги повредува. Премногу се потпираат на нив, како да очекуваат „исплата“ за сето време и пари што ги потрошиле на нив.

Тие често немаат интереси или хоби, бидејќи сè е поврзано со нивните деца и внуци. Еден пријател ми кажа нешто што никогаш нема да го заборавам: 

„Празното гнездо е вистинско, како љубовта на твојот живот да те остави по две или три децении, но сепак да сте пријатели. Никогаш не е исто“.

Денес имам сопствен приватен стан во старечки дом, прекрасни пријатели, зафатена сум цел ден и опкружен со прекрасен персонал.

Ви посакувам убав ден."


Извор: жена.блиц.рс