Писмо од анонимна читателка: Многумина ме прашуваат како успеав успешно да поминам низ развод и да сум тоа што сум денес

Ова е вистинска приказна за двајца што некогаш се сакаа

(Трансформирање на партнерска љубов во пријателска)


Ние двајцата вистински се сакавме 15 години, без никаква корист, освен чиста љубов и присуство еден на друг. Заедно растевме, емоционално, физички и професионално. 15 години заедничко живеење те поврзува многу подлабоко отколку што си подготвен да замислиш. Додека ти уживаш во вашето секојдневие, суптилно градиш се околу вас двајца. Не си повеќе епицентар на својот свет, таму си поставил уште една личност. Вие двајца сте средина и околу вас се гранките на пријателство, фамилија, обврски.. Во сите тие години, тој човек ти стана поблизок од твојот најблизок пријател, поблизок од твојата фамилија. Си се навикнал да делиш се, секој сегмент од својот живот, од денот. Не ги делиш само заедничките обврски околу куќата, децата, туку ги делиш своите размислувања, желби, планови, страсти. И ти веќе не си само ти. Кога  запознаваш нов човек, и се представуваш кој си ти, покрај своето име веќе во следната реченица го споменуваш партнерот, а и да не го спомнеш, се гледа бурмата на твојата рака која секојдневно ја носиш и те потсетува дека не си сам, дека имаш некој до тебе, некој што те чека дома, некој што го носи ѓубрето од дома, некој што е симбол на твојата сигурност и твоја поддршка, некој кој се друго прави да е небитно. Ако изгубиш работа, не се грижиш, некој ќе ги покрие тие дупки во домашниот буџет, ако завршиш во болница, некој прв ќе дојде да среди се што треба. Некој со кого е толку лесно да се насмееш, затоа што имате смисла на хумор што само вас ви е смешен, некој со кој е толку лесно да се отвориш и да ја ослободиш тежината што се насобрала во текот на денот. Во секој слободен момент со тој некој можиш да си реализираш излет, патување, романтична вечера или работна акција.  И ја чувствуваш таа слобода, таа леснотија на животот во двајца, ја уживаш. Тој е некој не е било кој, тој некој е твоја гордост каков партнер имаш, секој поглед на него ти мелем за душа. Не е битно колку години сте заедно, сѐ уште те освојува и го освојуваш и играш во тие љубовни страсти. И си мислиш еве вака додека смртта не нѐ раздели, ќе ги уживаме овие наши заеднички моменти, со сите наши плусови и минуси, ќе ги гледаме нашите деца како растат, како се оформуваат во независни личности, како носат некои свои избори и како се реализираат.

Но, со тек на време работите се менуваат, кај некои парови се менуваат преку ноќ а кај некои тој процес трае и години. И не е битно како, колку и зошто, но сме стигнале до момент кога нема веќе смисла да се продолжува понатаму заедно. И доаѓа моментот што ниту во најлош кошмар не го замислуваше, дека во овај живот ти ќе се накитиш со најодвратниот збор РАЗВЕДЕН, РАЗВОД.

Без разлика на актерите и сценариото кое доведе до таму, во тој момент на таа одлука сите сме исти – исплашени, засрамени, разочарани, повредени и осамени. Само едно прашање се врти во глава – дали сум јас ова? Како стигнав овде? Како да продолжам?

Јас не бев свесна дека е можно човек да ги доживее тие болни чувства и да остане жив.  Сфатив зошто велат дека разводот е поболен од смрт на партнерот. При смрт на партнерот , тебе околината те доживува како жртва, секој ти ја нуди неговата помош, тебе ти се случило неправда, трагедија, твоите деца ја паметат вашата љубов, која сега после смртта добива уште поубав отсјај, се зборува само за неговите најубави страни и за вашите најмоќни страни во вашата љубов. Се добива некое херојско значење. А при развод, ти стануваш како некој вид на чума, сите те избегнуваат или те осудуваат, тебе па него, па вашиот начин на живот, па вашите маани, па ги жалат вашите деца. А јас? Јас бев без упатство како да продолжам понатаму и сакав да ме снема од овој ужасен филм, ова не беше мојот план. И тоа го направив, едноставно ме снема од моето секојдневие, и тоа беше најдобрата одлука за мене и моите деца.

На почеток се трудев, ете јас сум моќна личност и ќе продолжам со својот живот, со истиот ритам, со истите пријатели, дружења. Видов дека се сѐ смени откако не сме повеќе двајца, откако сум сама. Долгогодишните пријатели се однесуваа чудно со мене, семејството ми мудруваше, а јас немав повеќе на кој да му раскажам се. Сега бев сама. Кога се изморив од напор да продолжам со стариот начин на живот, ме снема, се затворив дома. Зачекорив на страна од мојот долгогодишен ритам и оставив се да се сруши, и се сѐ рушеше околу мене. Раскинав пријателства, се свртев кон себе и своите деца. На семејството му забранив да се зборува на таа тема, што последично ги залади нашите односи. Како ЈАС, наместо НИЕ ДВАЈЦА, повеќе не стигаа покани за заеднички дружења, излети, човек сам не припаѓал во дружење со парови. Како да не е доволно тешко да се остане сам, па и околината сврте грб.

А, тие неколку кои беа похрабри да останат во моја близина, гледајќи ја мојата болка, го осудуваа него. Постои непишано правило: Еден е виновен. А не е вистина, секогаш се виновни двајца. Го знаев ова и затоа не дозволив да се зборува лошо за никого. И така сама дома се затворив со својата болка. После денови на плачење, лутина, бес, болка, разочарување ја истрошив цела енергија во мене и дојде немоќта. Но, бидејќи имам две малолетни деца мора да најдам начин да се соберам. Морав да си дефинирам што се случи и како понатаму. Нѐ замислив нас двајца после 5 години како успеваме да поминеме покрај секоја драма и сега сме пријатели. И точно тоа ми даде сила, да ја трансформираме нашата некогаш партнерска љубов во пријателска, тоа ќе е најдобар доказ за нашите деца дека некогаш беа направени од најубава љубов. Ако останеме фрустрирани разведени родители (какви што околината очекува да бидеме) како тие деца ќе веруваат дека биле направени од љубов? Нѐ видов нас двајцата горди родители на две преубави деца, и нашите деца горди на нас. Тие се среќни деца, имаат двајца родители кои ги сакаат и ќе направат се за нив. Тие се среќни деца. И кога околината ќе прашуваше за нас, го добиваа овај одговор. Кога другата страна ќе правеше драми, јас не реагирав на нив, само замолував да бидеме луѓе на кои децата ќе бидат горди. Да не правиме ситуации кои ќе се зборуваат и по кои ќе не паметат.  И видов дека ако јас не реагирам на драми, драми веќе не се случуваат.

И почна тој процес на откривање себе, преку разни книги, видеа на луѓе што знаеја повеќе од мене, учев од сите нив и растев.  Цела моја енергија беше свртена кон мене. Си дадов цел да сум среќна без никој, сама. На тој пат, човек не сака драми, не го интересираат другите, сакаш мир и чистина. И не е важно колку време трае таа фаза на откривање на себеси, вреди секоја минута а и година. Не те интересира кој со кого е, кој е заедно кој не е. Кога си свртен само кон себе откриваш дека цела среќа на овој свет е во тебе, не ти е никој потребен ако си задоволен сам со себе и со своите избори. Е тогаш доаѓа најубавото уживње во животот. Кога прв пат се насмеав од срце, онака вистински, очите на моите деца светнаа, светнав и јас и знаев, се родив повторно. Околу мене почна се да се менува. Денес имам преубава работа, пријатели по моја мерка, на кои не им е важно дали си во пар или не, како што ни мене не ми е битно. Битни се нашите искрени дружења, искрени разговори и нашите успеси.

Денес вредеше се што помина, вредеше да се исчистат луѓето околу мене кои го живеат животот на памет, кои не се смеат од срце и не знаат да врзат две реченици без незадоволство, умор, фалби и озборување. Луѓе на кој им е виновна владата, па свекрвата, па партнерот за нивната фрустрација.

Денес, мојата фамилија е горда на мене, а моите деца, тие се среќни деца. Тие преку нас ја научија најважната лекција во животот, дека се е минливо, се сѐ трансформира. Важно е храбро да се носат одлуки поддржани од љубов, да се сака најдоброто за нас и за другите. Најважно е да го живееш животот максимално, а не со товар на грб или камен во грлото и срцето. Не се плашете од таа трансформација, па дури општеството ако ја осудува. Живеј ја својата вистина, твоја, независна и единствена! И кога ќе се ослободиш од сите очекувања, правила и норми, тогаш го живееш својот потенцијал.

Велат среќа ги прати храбрите, јас мислам дека доколку имаш храброст да се ослободиш од тоа што не ти одговара, ќе дојде тоа што тебе ти одговара. Подари ги старите и тесни фармерки во кои не седиш удобно и купи нови од убав и нежен материјал за да уживаш во носењето.  Доколку бараш љубов искрена и чиста, таа секогаш ќе те најде.

Ме најде и мене. Денес имам партнер за кој мислев дека постои само во филмовите. Денес живеам љубов во која се чувствувам јас своја. Не е битно колку време ќе трае, затоа што секоја вечер заспивам покрај човек кој го обожавам, а секое утро се будам среќна затоа што имам пак уште еден нов ден да уживам со него.

Мене ми требаа 4 години, но вредеше...


*Писмо од анонимна читателка

(Доколку и Вие сакате да споделите со нас и нашите читатели ваше анонимно писмо или текст , може да го испратите на нашиот меил - contact@zenskimagazin.mk

Може да ве интересира:
-Познат психотерапевт открива: Ако сакате среќен брак - треба да обрнете внимание на неколку работи
-Верувања од нашите баби: Мажот и жената секогаш треба да спијат под исто ќебе, дури и ако се скарани