По паузата поради нарушеното здравје, Џенан Лончаревиќ утре во Скопје

Добивај вести на Viber

Во сабота на 11 мај, во скопскиот летен клуб „Централ Парк“, свој мини концерт ќе одржи српскиот пејач Џенан Лончаревиќ. 

Лончаревиќ во моментов е многу популарен во Србија, особено откако пред два месеци, го освои второто место на Беовизија (српскиот избор на Песна за Евровизија) со песната „Нема солзи“. Оваа награда му донесе доста настапи низ српските клубови. „Нема созли“ инаку е песна посветена на сите мајки кои што испратиле свои синови во војна.

Иако не го освои првото место и за жал нема да ја претставува Србија на Евровизија во Тел Авив годинава, Лончаревиќ е презадоволен од својот настап но и пласман. Од друга страна пак, подготвен е периодот кој што следи да го исполни со концерти и настапи ширум регионот.

„Скопје е секогаш моја многу драга локација. Секоја публика е одлична но кај вас во Скопје има нешто поинакво. Ова не е мој прв концерт во Централ Парк, имаме ние убава историја. Ви ветувам супер журка и во сабота“ – вели Џенан Лончаревиќ.

До пред извесно време, Лончаревиќ направи пауза во својата кариера, поради здравствени причини. На еден од неговите претходни концерти, пејачот доживеал напад на бубрег, па овие здравстени проблеми на подолг временски период го врзале за кревет. Сега, со нова енергија и желба за добра летна забава, доаѓа во Скопје.  

Влезниците за концертот по цена од 250 денари, се продаваат на влезот на клубот. Концертот го организира „Балканска музичка продукција“. 

Фото: Милош Наџанин, Телеграф.рс