По секоја цена!

Добивај вести на Viber

Секогаш важи правилото дека се’ си има своја цена. Низ годиниве ми се покажало како точно, сум го кркала заради моите избори, но никогаш не сум се каела. Одлуката да се биде сингл си носи свои убавини, но ги носи и оние помалку убавите работи кои се секако потенцирани во срединава во која живееме. Особено е така кога жена или маж свесно ќе одлучи да биде сам/сама, без да е тоа под диригентската палка на судбината (на пример, смрт на еден од партнерите). Си имаме прилично изострена патека по која ги вкалапуваме нештата, па така, вдовец или вдовица секогаш ги гледаме со доза на сожалување, ама не дај Боже да си најдат некој отпосле, оти јазиците почнуваат да се разврзуваат ко јаже кое било отплеткано после 100 чвора. Значи, кантарот на кој си ги баждариме нештата е одамна појден по ѓаволите. Истите тие самци кои останале сами заради несреќна околност се предмет на емпатија, жал, разбирање (тикви со расол, никој од нас не може да има разбирање за таквата загуба доколку не ја почувствувал на своја кожа), ама во моментот кога застануваат на нозе и повторно ја заживуваат љубовта со некој друг, тогаш се предмет на осуда со она простачкине коментари “ептен жалеше, после 3 години најде друг/а”. Како да има прирачник или правило за тоа колку долго се жали по некој, па ете, го прекршиле правилото. Не, во ова погано општество ретко кој има право на среќа и ретко кој има “дозвола” за да си го живее својот избор, без оглед каков е. Но, сето ова важи само доколку барате дозвола од неважни луѓе. Ако имате доблест и храброст да си го терате патот онака како што вие сакате, без притоа да се потресувате за “рекла-казала”, тогаш спокојот нема да може да ви биде нарушен, никогаш и од никого.

Прелистувајќи (или модерно кажано, скролајќи) низ социјалниве мрежи наидов на еден пост во кој се потенцираше важноста на семејството, а сето тоа од аспект на фамата која се крена околу сексуалното образование. Да сме на чисто, поборник сум за тоа дека децата мора да имаат претстава за сексуалноста за да не се чудат на многу работи кога ќе потпораснат и да им бидат табу теми или фрустрација, но исто така, поборник сум за тоа многу внимателно да се пристапи кон тоа, од аспект на нивната возраст и психофизички развој, секако со консултација од психолози, психијатри и сите компетентни лица кои ќе го кажат својот збор, а тој да има тежина. Нејсе, кај нас има еден феномен кој секогаш е многу присутен, особено на социјалните мрежи, а тоа е да се плука по се’, а и да се оддалечуваат луѓето од темата која се покренува. Е сега, постов убаво срочен, со многу ЗА и многу ПРОТИВ, со доза на воздржаност и претпазливост. Кој ѓаол ме тераше да ги читам коментарите! Ај што 90% без политички (сосем утнато) туку и што имав чувство дека сум се телепортирала во време во кое владее инквизицијата. И пак ќе речам, чувствителните теми не се дискутирање по постови, но заради својата специфичност дефинитивно не се за избрзување, без оглед дали исходот од одлуката ќе е ДА или НЕ.

Она што ми го привлече вниманието е дека нашиот народ има многу тоа да каже за моралот, принципите, вредностите на семејното живеење...се разбира, додека не испие некоја чашка повеќе во кафеана, па почне да се пушта на се’ што има гради и шминка на себе. Моралисувањето online е омилена забава токму на оние кои во приватниот живот имаат богата и широка лепеза на гревови кои не се измиваат со крстена вода, ниту со оставање зејтин во црква. Ама важно да се остави впечаток на нет, оти во живо фамилијата горе-долу веќе си ги знаат какви се по дома. И да скратам, читам коментар во се вели дека (карикирам, но суштината е таа) “се изгубиле семејните вредности и дека треба на сите самци да им се воведе поголем данок, како што е тоа во Германија”. Искрена да бидам, не се ни потрудив да проверам дали во Германија се плаќа поголем данок ако си самец, ниту се обидов да го отворам профилот на дотичниот мудрец, оти знаев дека на каверот ќе му е цело семејство, дека ќе има цитати од црковни книги и оние што се проследуваат да се стави “амин” под сликата од иконата ако сакате да ве прати среќа. Не се потсмевам на верниците, не се потсмевам на семејните луѓе, но секогаш имам гнев кога на сите страни се јадат гурабии за туѓиот начин на живот. Да, тука ги ставам и оние што се сами ко мене, а кои цело време си играат мајтап со мажените/женетите.

Е како бе така? Како тоа да се казнуваат самците со поголем данок...и што е најважно, ЗОШТО? Затоа што одбрале да живеат поинаку? Затоа што не сакаат да живеат во заедница? Кој е тој што ќе одлучи (и зошто) дека самечкиот живот е нешто што ќе треба да се искорени? Па има луѓе кои едноставно не се скроени да живеат со некој, кои не сакаат семејство, кои сакаат да имаат само деца без да живеат во брачна заедница, а ги има и таквите кои не сакаат да имаат ниту деца. Да ги казниме сите? Да ги стреламе, или да ги протераме? Со нас разведените како ќе се тера? Данок или да пакувам куферите? Со кој ум некој се истопорува на фејс и диктира начин на живот кој нему му одговара? Каде е правото на избор и каде е еднаквоста. Можеби еден ден ќе бидеме повеќето самци и тогаш треба “око за око и заб за заб”, па да правиме хајка против сите кои носат бурми и имаат пусулче од матично?

Ако ме прашате мене, јас би играла вака...поголем данок и глоба, па и јавно именување на сите оние кои:

1.  Лажат, крадат, изневеруваат

2.  Оговараат и шират невистини за други луѓе

3.  Си даваат за право да се мешаат во туѓи животи

4.  Сплеткарат и се поттикнувачи на било каква омраза

5.  Лажат дека се со партнерот заради децата и еве само што не се развеле

Како ви се чини? Мене ми е сосем ок ова и гарантирам дека државната каса ќе прелева од пари. Ќе постигнеме ниво на раст какво што не е видено досега. А да, двојно оданочување и за тресење глупости по социјални мрежи.

Нема ништо по секоја цена, има само цена за изборот кој ќе го направите во животот. Каков и да е, ваш да е, без никој да ви сугерира, да ве присилува и да ви наметнува. Цената која ја плаќа секој од нас за изборот кој го направил е сигурно многу помала и побезболна од онаа која се плаќа за да се оди против себе и сопствените убедувања. Сакате да сте во врска или брак, со среќа и со арно нека е. Сакате да сте сами, со среќа и со арно нека е. Највредната работа која ја научив во животот беше следнава: човек кој не знае сам со себе да живее и да се прави со сопствените демони, нема да знае да си го најде спокојот со никој покрај себе. Ѓаолот секогаш си доаѓа по своето, а најмногу наплаќа тогаш кога не сме искрени со себе. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не суди

Никому да не судиш

Оти секој од нас свој судија е

И секој плаќа за својот избор

По цена која сам ќе ја одреди

Ниту си во нечиј ум

Ниту во туѓо тело си

И не знаеш

Никојпат не знаеш како боли

Кога тешки одлуки се носат

И како со нив се живее

Не само на јаве туку и на сон

Не суди

Оти никому во обувките не си му

И не знаеш чекорот каков му е

Дали лесен ко детски здив

Или тежок ко карпа над вода надвисната

Дали во чевлите свила носи

Или остар камен од кој стапалата му крварат

Не суди на другите

Ниту давај да ти судат оние

Кои во твојата кожа не се

Кои не знаат во душата што носиш

И како мислата ти шета

Дали од цветови направена ти е

Или од трње железни мозокот ти се дроби

Затоа патот твој гледај си го

И молчи над туѓата болка

Освен ако збор иљач за другиот имаш

И дел од болката сакаш да му земеш

За да вдише и издише без тежина

Не суди

И со прст на никој не покажувај

Ниту да дадеш да ти судат

Оние кои само за осуди знаат

Ниту прст нечиј да не даваш да те допре

Освен ако за галење е

И утеха да ти даде

Оти никој не знае

Никој жив на светов не знае

Кој од нас во себе што носи

И колку боли она што те мачи

Колку знае да измачува мислата

И колку секоја одлука го дели чоек надве

Не суди

Никому судија да не си

И подалеку од судии да седиш

Од оние кои ништо за тебе не знаат

А слобода џелати да се си даваат

Оти чоек за чоек тука треба да е

Со љубов и спокој

Со мисла нежна и питома

За да залечи рак рана

И да заздрави место поболено

Не суди

Никому не суди

Дури ниту сам на себе

Оти смртта во многу облици иди

Дури и ко мисла

Дури и ко лоша мисла и осуда