Почесто женските неверства завршуваат со развод: Интервју со брачниот советник Вида Гаврилоска Бубалова

Добивај вести на Viber

Жените повеќе се спремни да простат физичко неверство, мажите - емоционално неверство, иако на терапија повеќе доаѓаат парови со неверство од машка страна, женските неверства почесто завршуваат со разводи, а сепак, сѐ уште има семејства за кои е норма одржување на брак по секоја цена - ова се само дел од заклучоците на брачниот советник Вида Гаврилоска Бубалова, во интервјуто за Женски магазин.

КРАТКИ БРАКОВИ, РАЗВОДИТЕ ВО ПОРАСТ

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година, во Македонија, се случиле 1 964 разводи, што претставува зголемување од 25.2 % во споредба со 2020 година. 
Од друга страна, минатата година се склучени 13 337 бракови и во споредба со 2020 година нивниот број е зголемен за 29.8 %. Од вкупниот број склучени бракови пак, во втор и трет брак почесто стапуваат мажите.

Според возраста, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години, а според траењето на бракот, најмногу разводи, 451 или 23 %, се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Па, кои се најчестите причини за проблеми во бракот кај македонските смејства, што најчесто доведува до развод, како влијаат предрасудите кои ги наметнува општеството, но и дали навистина постои клуч за среќен, успешен и долг брак - разговараме со брачниот советник - психолог, европски сертификуван семеен и системски психотерапевт и тренер од Институтот за брак, семејство и системска пракса „Алтернатива“ од Скопје, Вида Гаврилоска Бубалова.

НАЈЧЕСТИ ПРИЧИНИ ЗА ПРОБЛЕМИ ВО БРАКОТ КАЈ МАКЕДОНСКИТЕ БРАЧНИ ПАРОВИ

- Паровите најчесто се јавуваат поради конфликтни ескалирачки односи врз кои тешко се воспоставува контрола, или поради болно дистанцирање на партнерите кое веќе влијае на сите сфери на нивните животи. Најчестите теми се разликите околу воспитните ставови кон децата, финансиите, нивните семејства по потекло и брачно неверство. Но сепак ова е само површната слика со која доаѓаат паровите. Онаа видлива слика која што паровите ја познаваат, ја доживуваат и ја разбираат, суштината за која паровите се јавуваат, е чувството на дистанцираност, чувството на недоволна емоционална наклоност, разбирање и поддршка, чувството дека веќе не ја препознаваат наклоноста, посветеноста и близината на партнерот.
Ризикот од губење на есенцијалната партерска врска која кај сите луѓе буди силни емоции на загуба, отфленост, вина, неаприфатеност и секако надежта дека работите можат да се променат е она што ги мотивира луѓето за брачно советување.

НА ШТО НАЈМНОГУ СЕ ЖАЛАТ МАЖИТЕ, А КАКВО НЕЗАДОВОЛСТВО ПОКАЖУВААТ ЖЕНИТЕ 

- Сите парови си имаат своја посебна динамика, а со тоа и работи кои им пречат. Но секако незадоволството е често врзано и за животниот циклус во кој се наоѓаат, научените обрасци од нивните родители и идејата за брак и заедништво, како и ресурсите и контекстот во кој живеат.

Жените повеќе се незадоволни од начинот на емоционалната експресија кај мажите, емоционалната поддршка која ја даваат, начинот на кој зборуваат и ги покажуваат емоциите (најчесто премолчување, излегување од конфликтната ситуација физички или психолошки), активностите и преземањето на обврските во домот и околу децата.

Мажите повеќе се незадоволни од чувството дека постојано се критикувани и не ги прават работите доволно добро. Нејасност околу барањата на жената за емоционална поддршка и разбирање.

СО ДОАЃАЊЕТО НА ДЕЦАТА СЕ МЕНУВААТ ПРИОРИТЕТИТЕ - ОЧЕКУВАНА ЖИВОТНА КРИЗА И ТЕСТ ЗА АДАПТИБИЛНОСТА НА СЕМЕЈСТВОТО

- Со доаѓање на деца цело семејство преминува во нова животна фаза, која има различни и нови животни задачи од претходните. Ова е очекувана животна криза, тест за адаптибилноста за семејството. Често во првите фази мајката е со детето, ги ужива привилегиите и предизвиците на родителство, често доаѓаат значајни личности како баби, тетки кои имаат поголемо искуство во родителството, а таткото останува осамен доколку не го вклучат во активностите. Колку подолго останува надвор од тој круг, толку потешко ќе учи да одговори на новите развојни задачи. Често тоа буди незадоволство кај двајцата. Жената не е задоволна од ефикасноста на таткото во грижата за која немал доволно искуство, таткото не е задоволен од критиката и незадоволството на жената.

Но, она што е важно е да не се заборави или на предолго време се остави бракот на страна, а да се посвети само на родителството. Ние истовремено исполнуваме повеќе улоги во нашиот живот - партнерска, брчна, родителска, професионална, социјална, фамилијарна и сл. Запоставувањето на партнерството кој е клучна тема и е поврзано со животното задоволство, најчесто значи стагнација на развојот и незадоволство.

СЕКСУАЛНИОТ ЖИВОТ ВЛИЈАЕ НА ЗАЦВРСТУВАЊЕ И ОДРЖУВАЊЕ НА ВРСКАТА ПОМЕЃУ БРАЧНИТЕ ПАРТНЕРИ

- Сексуалноста односно интимноста е клучен дел од бракот. И тоа еден вид на комуникација и тест за отвореност, емоционално споделување, отвореност за споделување на искуства, адаптибилност и спремност за експериментирање и созревање низ времето. Секако и извор на лично и брачно задоволство кое влијае на животната енергија, а понекогаш и на динамиката на бракот. Иако сексуалноста е доста индивидуална, кај парот влијае на емоционалното приврзување, зацвртување на врската, чувството на припаѓање, негување на страста и љубовта, но понекогаш и средство со кое се разрешуваат конфликтите во парот.

ЗОШТО ЛУЃЕТО ИЗНЕВЕРУВААТ?
Мажите се тие кои ги „бие глас“ дека многу повеќе изневеруваат, но секако, тоа го прават и жените. Колку тоа има врска со карактерот на личноста која изневерува, дали навистина неверството произлегува и се јавува како вид на некое незадоволство, било недостаток на секс, внимание, лоша комуникација или пак има врска со неговата/нејзината природа и личен карактер?

- Важно е да се напомене дека во сите ситуации во парот, конфликти, разочарувања, достигнувања, развој, и двајцата се подеднакво одговорни, кај неверството и насилството одговорноста е кај партерот кој го извршува неверството.

Постојат различни видови на неверство кои генерално може да се поделат на емоционално, физичко и комбинирано. Дефинирањето на неверство е индивидуално и/или во граници за парот. За некои луѓе неверство е флерт, за некои паралелна врска.

Траумата на откривањето на неверство е силен и болен настан кој може да заземе карактеристики на постстресно трауматско растројство. Кога се случува брачно неверство намерата на партнерот кој изневерил не е да го повреди партнерот, имено и тој минува низ доста анксиозен, некогаш депресивен и доста конфузен период.

Има доста различни теории зошто луѓето изневеруваат:

1. Може да биде компулсивна потреба, сатиријаза и нимфоманија.
2. Може да биде поврзано со нормативна криза во семејството (сите нови задачи во животните циклуси кои бараат нови начини на однесување, размислување како раѓање на дете, адолесцентен период, итн) се периоди во кои природно семејниот стрес е повисок и бара нови задачи пред парот. Ова се периоди кога неверставата почесто се случуваат.
3. Триангулација-односно кога тензијата и конфликтот расте во парот, едниот од партнерите го разрешува со вонпартнерска врска. Таа врска помага партнерот да се дистанцира од болниот конфликт, да се растерети и да се врати во бракот со поголема толеранција и повторно кога ќе порасне тензијата циклусот се повторува. Ваквите неверста се чувари на бракот. Секако ваквите механизми најчесто не се свесни.
4. Лојалност на трансгенерациски обрасци. Луѓето кои потекнуваат од семејства каде што има неверства, тоа е познато за нив, живееле со тоа, научиле дека и тоа е дел од животот и начин на кој се справува со одредени ситуации. Веројатноста е поголема и нив да им се случи тоа.
5. Активирање на процесите на идеализација кои помгаат личноста која се бира да се идеализира и најчесто е дијаметрална спротивност на актуалниот партнер.
6. Некогаш неверствтата се врзани со припаѓање на одредено статусно/социјално и културолошко припаѓање
7. Неверствата се поврзани со несигурниот начин на емоционано приврзување како дел од структура на личност и тоа кај:
Амбивалентниот тип на приврзување кој се чувствува анксиозен и кога е во емоционана близина со партнерот и кога е дистанциран. Сликата за себе е негативна, сликата за парнерот е негативна.
Прекупирачкиот начин на приврзување; сликата за партнерот е позитивна за себе е негативна, овие луѓе се анксиозни кога се дистанцирани со партнерот.
Отфрлувачкиот тип на приврзување; сликата за себе е позитивна за партнерот е негативна, се чувствуваат анксиозно кога се во емоционална близина со партнерот.
8. Неверството може да биде случајност.
Толеранцијата на неверства е различна; жените повеќе се спремни да простат физичко неверство, мажите се повеќе спремни да простат емоционално неверство.

На терапија повеќе доаѓаат со неверство од машка страна, помалку од женска страна поради родовите и културолошките норми. Маж кој бил изневерен помалку има дозвола да зборува за тоа. Почесто женските неверства завршуваат со развод

ПОСТОИ ЛИ НАВИСТИНА КЛУЧ ЗА УСПЕШЕН БРАК?

-Некои карактеристики се специфични за функционалните парови како способност да се препознае и да се валидизира перспективата на партнерот. Репарирање, воспоставување на комуникација после конфликтот. Спремност да се прифати комуникација, да не се дистанцира и да се игнорира комуникацијата.
Начинот на кој се перцепира бракот - споделување и почесто навраќање на позитивни искуства кои парот ги има.

Двајцата имаат автономија и компетентност. Ја препознаваат својата одговорност и ја преземаат со барање на нови решенија во динамиката на парот.
Ги одржуваат дадените ветување, повеќе се поддржуваат и не се чувствуваат загрозени од успехот/неуспехот од партнерот.
Се љубезни, пристојни, можат да кажат и да и не, слободни, умеат да се шегуваат и се автентични.

ДАЛИ МАКЕДОНСКИТЕ СЕМЕЈСТВА ЖИВЕАТ ВО РАМКИТЕ НА ПАТРИЈАРХАТОТ И ТРАДИЦИИТЕ

- Се повеќе се напуштаат нормите на традиционалното општество и се движи кон учње на кршење на ваквите правила кои важеле за некое друго време. Денес е повеќе од јасно дека потиснувањето на конфликтите или негледањето, неслушањето е чекор поблиску до појава на незадоволство, болка, појава на психичка болка и симптоми кои можат да се пренесат и на телесно ниво. Особено за работи кои се клучно значајни за парот. И секако постојат елементи кои може се значајни за парот или еден од нив но не го попречуваат функционирањето и близината на парот и вреди да не се видат, слушнат или стават под тепих.

ВЛИЈАНИЕТО НА РОДИТЕЛИТЕ, РОДНИНИТЕ, ПРИЈАТЕЛИТЕ ВО БРАЧНИТЕ ОДНОСИ, НО И ПРЕДРАСУДИТЕ, СРАМОТ И СТРАВОТ ОД ОПШТЕСТВОТО

- Процесот на разделба, развод е многу болен процес за секој пар. Тоа е процес во кој се случуваат многу загуби. И процес кој бара голема реорганизација на животот и градење на нов идентитет. Иако има пораст на разводите, се уште во нашите простори тоа е тема која е оптеретена со многу митови, предрасуди кои будат чувства на неуспешност, осуда, отфрлување, намалување на ресурсите на поддршка. Многу често е многу важна поддршката на значајните други; роднини, пријатели, родители, колеги. Човек кога минува низ болка и е ранлив важно е дали има подршка од блиски луѓе, финансиска па и општествена за да го донесе најдоброто решение за него. Секако има семејства кои поддржуваат развод како човеково право и семејства за кои е норма одржување на брак по секоја цена. Секако ваквите ставови можат да влијаат на одлуката, но и да го олеснат или отежнат целиот процес.

КОГА Е ВРЕМЕ ПАРОТ ДА ПОБАРА И ДА ПОСЕТИ БРАЧЕН СОВЕТНИК

- Психотерапевтските средби со тек на годините се се почесто едно од решенијата на многу животни кризи. Иако се уште постојат митови кои ја одлагаат средбата со професионалното лице.

Секогаш кога имаме дилеми, секогаш кога знаеме дека нешто не мачи, сме вознемирени и чувствуваме дека се вртиме во круг и не стигнуваме таму каде што сакаме е погодно време за разговор. Како што се грижиме за физичкото здравје важно е да бидеме свесни и за менталното здравје и здравиот брак.

*Љ.Иванова