Знам дека животот не е розев, но сепак му давам нијанса на розево за да не ми згаснат соништата: Поетесата Јасмина за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Секојдневието е нејзината најголема инспирација. Пишува повеќе поезија за возрасни, но има и книга за деца која ќе го види светлото на денот следната пролет. 

Јасмина Јошевска е млада поетеса родена во Прилеп. До својата 19 година живеела во Крушево, наредните 17 години живее и твори во Битола, а веќе 5 години е во Скопје.

Неодамна оваа надежна поетеса организираше хуманитарен настан и мини концерт во Скопје со промоција на нејзините дела каде успеа да ги израдува Бобан и Александар од Крушево чија мајка неодамна почина откако падна во кома по убод од инсект.

Присутните гости имаа можност да купуваат некоја од седумте издадени книги на авторката, за чија цел средствата од продажбата беа наменети за Александар и Бобан. Бидејќи тоа семејство живее во Крушево од каде потекнува и поетесата Јасмина, таа реши сите средства да ги донира.

Подолу читате за Јасмина, нејзините почетоци во пишувањето и хуманоста која е нејзина силна страна.


*Кога ги направивте првите книжевни чекори? 

-Се започна на мои 13 години кога наставничката по македонски јазик ни кажа дека можеме да напишеме песна за пожар каде јас на регионален натпревар добив второ место. Тоа ме израдува многу и од тогаш почнав нормално да пишувам детски песнички. Сепак за мојот почеток кон поезијата сепак големо влијание имаше професорот по македонски јазик во трета година кој успеа на поинаков начин да ме поттикне да погледнам длабоко во себе и да го пронајдам својот талент. Од тогаш многу посериозно навлегов во литературните води. Постојано се случуваше да барам од себе нешто подобро. 

*Што е тоа што Ви вели што да пишувате, од каде ја црпите инспирацијата?

-Секојдневието ми е најголема инспирација. Ги сакам сите средби каде и да сум зошто се нешто ќе ме сепне на зборот кој го испишувам. Понекогаш гледајќи филм, слушајќи музика или просто најмногу кога сум разочарана, а сепак надежна дека се ќе помине. Знам дека животот не е розев, но сепак му давам нијанса на розево за да не ми згаснат соништата. Понекогаш кога читам што пишувам се прашувам и самата како сето тоа надоаѓа а сепак убаво е чувството што можам да се послужам со хартијата и на неа да и дадам вредност. 

*Раскажете ни за вашите дела ..

-Мојот опус се состои повеќе поезија за возрасни и исто така еден краток роман кој е повторно за возрасни. Имам готова книга за деца која повеќе ќе биде како расказ и ќе го дочека својот светол ден напролет. Инаку пишувам поезија и за деца, но досега немам ништо објавено. 

-Неодамна организиравте хуманитарен настан со промоција на вашите книжевни остварувања. Раскажете ни ја приказната за хуманоста на настанот?

- Претставувајќи се за прв пат во Скопје организирав настан со промоција на сите 7 мои дела и мини концерт на изведувачите кои настапија. Настанот беше од хуманитарен карактер. Не ми е прв пат да го правам ова. Важно е дека може ако се сака да се направи нешто за некого, а јас тоа го постигнувам со сплет на пишаниот збор и музиката. Просто успеав да ги израдувам Бобан и Александар од Крушево чија мајка неодамна почина. Нивната насмевка ми беше доволна а мене срцето планина. 


*Што е најтешко при пишување книги? 

-Не е тешко пишувањето. Тоа го правам брзински зошто морам да го дофатам моментот на време за да не ми побегне мислата. Но, кај прозата е нешто друго. Воопшто не е лесно да се скоцка една приказна без разлика колку страни и да е. Тоа го следам веќе 5 година со романот кој никако не ми дава да го испишам а се работи за вистинита приказна која и те како бара нешто повеќе од мене. Се надевам еден ден кога ќе се собере повеќе од преживеаното ќе успеам да ја ставам во корици. 

*Колку сметате дека луѓето се љубители на книгите и читањето поезија

-Мислам дека денес има се повеќе интерес за читање, но секако романите се многу попожелни. Сакаат да читаат проза.

*Сте добивале награди, како ги доживувате и колку се тие мотив за следна ваша книга?

-Имам добивано повеќе награди и признанија, но мене душата ми се топли само со едно благодарам онаму каде можам да подарам малку надеж. Тоа ме предизвикува на нови чекори нови книги зошто мојата цел за хуманост всушност е мојот начин на живот. 


*Дали во моментов работите на нешто ново?

-Веќе имам започнато нова книга поезија. Се навраќам и на новиот роман а едвај чекам да дојде во мои раце книгата за деца. 

*Дали постои некоја мисла со која се будите секое утро, порака која преку Вас сакате да ја слушнат и видат другите?

-Секое утро се будам радосна што имам нов ден. Нов предизвик пред себе. Со насмевка ги топлам и најстудените срца и никако не се откажувам од мојот пат. Да, секогаш се навраќам на мојата мисла дека треба да направам нешто ново, нешто поинакво од досегашното и да не заборавам на својата едноставност дека сум само Човек. Пораката е, каде и да си дали на врв или на дно секогаш остани Човек! 


*Во нашата земја не секогаш се посветува соодветно внимание на уметноста и културата, дали мислите дека професиите поврзани со овие области се доволно поддржани од државата?

-Кај нас за жал не е ништо поддржано од државата и стоиме во некое место, а има доста квалитетни писатели кои можат многу повеќе.


Ирена Ставрова

Фото: Ивона Кочов