Политиката (не) е за жени
Ах тие машко-мажјачки професии кои пукаат од тестостерон. Ах тие таквите професии во кои да си жена е како да си извршила криминал или си упаднала на забава на која не си повикана, па сите те гледаат под око.
За оние кои не знаат, мојата професионална кариера започна во Завод за статистика, каде што бев со 7.000 денари плата (седум илјади денари) и каде што бев приправник цели 3 месеци, а потоа дадов отказ. Да, за оние кои љубат да се занимаваат со тоа дека сум цицала пари од државата и буџетот, еве јавно да кажам дека тие три месеци со фамозни седум илјади денари месечно ја сотрев државава од пари земање. На страна фактот дека за тие пари добивав чекови кои важеа 1=1200 денари, па си купував мастики и грицки испишувајќи ги на смешни износи. Веќе 20 години работам во акционерски друштва (2 години во едно, а 18 во друго), но, првата сериозна работа ми беше во приватно брокерско друштво, каде што директор беше (замислете) жена! Брокерскиот занает беше нешто каде што мажите владееја. Малку жени, секогаш онаа тенка граница меѓу признание дека ете, се “снаоѓаме” во машкиот бизнис и потсмевање. Денес, ситуацијата е сменета барем во таа фела, но останува тоа дека кај нас постои некое непишано правило кои професии се женски, а кои машки. И рака на срце, мојата тогашна директорка-брокерка-жена беше и се’ уште е жена-змеј за која не постои зборот “не можам”.
Во политиката да си жена е вистински предизвик. Прво, да имаш силен и издржлив желудник, второ, да си оперирана од сите вистини и невистини кои ќе ги слушаш за себе, трето, да научиш да се справиш со тоа. Не дека во останатите професии жените не се соочувани со ваквите сопки наоколу, но фактот дека во политиката стануваш јавна фигура ги отежнува нештата. И бидејќи периодов нашава политика доживува кулминација со разноразни кампањи, видеа, ветувања, нормално (иако ич не е нормално) дека на тапет ни се најмногу кандидатките. Зошто? Едноставно, затоа што сме малициозна нација која повеќе сака да се занимава со коментирање отколку да сфати дека државава малку ни е отидена по ѓаволите. Она што од самиот почеток не го разбирам е вложувањето пари во кампањи. Ко да сте сите нови партии, па не знаеме кои сте и што сте. Вашите реклами нема да го сменат мислењето на луѓето кои знаат однапред за кого ќе гласаат. И ако јас и многу како мене можевме да се откажеме од ДДВ-то за повисоки цели кои сметам дека се многу поважни во моментов од било што друго, не ми е јасно зошто сите не се откажавте од билборди, спотови, рекламни материјали за истата цел. Веројатно, одговорот нема да го добијам, што и не ме чуди. Згора на се’, гадлива сум за одредени спотови кои единствено имаат за цел да исплукаат, наместо да направат нешто конструктивно. Неинвентивни сте дечки, веќе видено и чуено, башка и самите спотови говорат многу за сите вас.
За моите политички ставови има записи на фејсбук години наназад. За истите сум била нарекувана секако, сум добивала непријатни пораки и сум била омаловажувана. Ставовите не ми биле ниту купени, ниту платени, мои се и со гордост можам да кажам дека не сум имала ниту желба ниту потреба да извадам книшка од било која партија за да си го терам животот достоинствено. Кога велам достоинствено, мислам на тоа да работам 3 работи покриени со договори и да плаќам данок за мојот труд. Со ова, се оградувам од сите ставови околу политиката кои ги имам и ќе зборувам сосем неутрално за темата која ја одбрав денес. А ја одбрав, затоа што чувствувам потреба како жена да застанам позади достоинството на сите жени кои одбрале и решиле да влезат во политиката, без оглед од која партија се.
Кога се зборува за насилство врз жените, не се зборува само за тоа некоја жена да е физички нападната, туку насилство е и кога на тапет се става нејзиниот изглед и кога се коментира за истиот. Младите жени се предмет на сексистички изјави од мажјаци кои се силат на социјални мрежи со “ух, како би ја.....”, додека оние повозрасните се таргет за годините.
Се изначитав се’ и сешто. И пак ќе речам, на страна глупавите спотови полни шупливи аргументи кои не наликуваат на аргументи, ама она што го видов, а беше прилично сочно, ме остави шокирана. Од дотичните кои коментираа, многумина се женети, имаат девојки, некои се толку возрасни што жените за кои коментираат можат да им бидат ќерки. И не само тоа, туку се изначитав и еден куп коментари од жени за жени, кои беа многу инвентивни (камо среќа да бевме такви за се’, може ќе ни тргнеше до сега). На што личи тоа бре? Демек ги плукате партиските војници? Па по што се разликувате од нив, особено ако коментирате, а имате книшки дома кои ги вадите по потреба. Срамно и жално. Како може да ве интересира од сексуален аспект нешто што треба од секој друг да ве интересира. Мене лично ме интересира до кај ни е судството, зошто одредени луѓе со дебело криминално досие се шетаат слободно, зошто по затворите лежат луѓе затоа што украле храна. Ме интересира кој за време на владеење на партиите се опарил и на кој начин. Ме интересира на дела да видам кој што направил. Но, не ме интересира ич дали девојката од спотот е згодна, дали некоја е “баба”, дали некоја имала дома проблеми со мажот. Ништо од тоа не сакам да знам. Сакам ете да знам колку пари фрливте периодов на глупостите со кои ме труете радио дур слушам. Сакам да знам кој има привилегии и врз основ на што да се рашетува, додека чмаев дома затворена 4 месеци.
Жените во политиката треба и мора да ги има. Впрочем, како и во секоја област. Имаше една опаска на времето дека ако на чело на секоја држава е жена, тогаш не би имало војни туку само оговарање меѓу државите. Ама ајде ви се молам, доста е. Имаме малку посериозни проблеми од тоа дали е некоја атрактивна, дали носи шамија, дали се облекува вака или онака, дали е стара за политика. Проблемите ни се преголеми за да се занимаваме со вакви глупости.
И следен пат пред да се распостелите по социјални мрежи со сексистички, шовинистички и било какви плукачки коментари, не заборавајте дека и вашите жени, сестри, ќерки се во бизниси каде што се’ уште важи правилото МАШКИ СВЕТ. Секоја жена која ги крши табуата, ја има мојата почит. Секоја жена што ќе си го најде местото во овој (за жал) машки свет, ја има мојата почит. Како жена за жена. Не партијата која ја претставува, туку таа како жена која се одважила да влезе во тие води. И ќе повторам, на страна моите политички убедувања. Моите убедувања како жена и рамноправна во секој сегмент во ова општество е да кажам НЕ за инсинуации, не за навреди, не за омаловажување. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не бранувај
Немај свое мислење
Не влегувај во свет
Во кој мажот владее
Покори се и биди тивка
Биди одмерена
Што и да значи тоа
Не се бунтувај
Остави да се грижат за тебе
Оние кои не те познаваат
Оние кои најмалку знаат
За што ти пати душата
Терај си ги женските работи
Има кој да мисли наместо тебе
Има кој да одлучи
А тоа никогаш не треба да си ти
А сега земи лист хартија
И напиши се’ што треба да правиш
Молчи
Готви
Биди столб
Негувај се за си некому убава
Заработувај помалку
Жртвувај се за неговата кариера
Искини го листот
Или уште поарно
Сврти нов
И стави си го животот на него
Она што си ти
А не она што треба да бидеш
Оти местото ти е секаде
И подеднакво важна си
Како оној кој до тебе е
Сврти нов лист
На кој ќе се испишеш себе
Твоите желби
Потреби
Соништа
Врами го и почни да живееш
Токму онака како што ти вели срцето
На начин на кој сакаш и ти прилега
Храбро
Оти жена си
Достоинствено
Оти жена си
И крени го гласот
За да кажеш НЕ
За да кажеш ДА
За да кажеш ДОСТА Е
За твоето САКАМ да се чуе до небото
Оти жена си во свет во кој
Борбата никогаш не завршува
За да кажеш МОЖАМ, оти жена сум