Полот не ги дефинира способностите и капацитетите на личноста, можностите ги креираме самите: Интервју со Сања Јовановска Стоиловска, постар експерт за мобилни податочни сервиси во А1 Македонија
Во светот на технологијата
припадничките на женскиот пол се повеќе го наоѓаат предизвикот за градење
професионална кариера. Во А1 Македонија , компанијата промотор и овозможувач на
дигиталното општество бројот на жени во техничкиот сектор се повеќе расте. За
пасијата кон телекомуникациите и предизвиците во оваа област зборуваме со Сања
Јовановска Стоиловска, постар експерт
за мобилни податочни сервиси во А1 Македонија. Таа е инженер по телекомуникации, сопруга и мајка
на две деца. Секогаш комуникативна, искрена и директна во релациите приватно и професионално.
* Каде го стекна своето образование?
Основно и средно образование завршив во родниот град Пробиштип, каде што ми се формираше интересот и склоноста кон математичките и техничките-применети науки. Студиите ги завршив на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на насоката телекомуникации. Се сметам за среќна што имам можност да го работам тоа што го студирав. Наставната програма на ФЕИТ и секако професорите и асситентите ми дадоа добра основа и рамка врз која подоцна можев да го базирам и надградувам моето практично учење и развој.
* Што значи твојата работна позиција и кои се твоите одговорности?
Мојата работна позиција е постар експерт за мобилни податочни сервиси. Во архитектурата на мобилна мрежа тоа се однесува на Централниот (Core) дел од мрежата, конкретно елементите кои се одговорни за обезбедување пристап до Интернет преку мобилната мрежа. Покрај пристапот до Интернет за комерцијалните корисници преку овој сегмент од мрежата обезбедуваме дедицирани услуги за приватни потреби преку мобилни терминали за разни клиенти: банки, фискални каси, читачи на мерни уреди и слично. Моите одговорности покрај имплементација и конфигурација на сервиси се однесуваат на одржување на имплементираните решенија, одржување и следење на параметрите и перформансите на мрежните елементи; како и анализа на проблеми (и мрежни и пријавени кориснички потешкотии) и нивно отстранување.
* Кој е најинтересниот дел од твојата работа?
Динамиката со која се менуваат работите, развивањето, надградувањето на мрежата, новините кои секојдневно се развиваат и воведуваат во оваа индустрија. Како што добро има кажано проф.Гавриловска од ФЕИТ „Ви честитам, избравте доживотно учење“. За некого тоа можеби е товар, но за мене е предизвик секоја новина која ја носи технолошкиот развој. Кога ги завршував студиите се комплетираа стандардите за 4G мрежите, денеска веќе градиме и пуштаме во продукција 5G. Во меѓувреме се случи и уште е во ек виртуелизација на мрежните елементи и функции што самото по себе е револуција во телекомуникациите. Немаме време за да ни здосади J
* Кое беше твоето прво вработување и позиција?
Моето прво вработување беше на позиција инженер за пакетски транспортни мрежи во локалната канцеларија на кинескиот производител на опрема ЗТЕ. Бев дел од тимот најмен за потреби на тековен проект што беше модернизација и изградба на пристапната мрежа на тогашниот Вип Оператор. Тоа беше многу вредно искуство за мене, самиот начин и динамика на работа, колегите во тимот, количината на задачи кои се сработија за кратко време, сето тоа беше темелник во моето формирање како инженер. Како што привршуваа работите на проектот некако логично дојде трансферот „од другата страна“ во тогашната компанија Вип, иако на сосема различна позиција во делот на Централната мобилна мрежа, т.е. Mobile Core.
* Што те мотивира на работното место?
Она што погоре го споменав веќе: константното учење, промените кои се случуваат постојано во самата индустрија, шансата да се учествува дирекно во тој напредок и имплементација на технолошките новини.
* Сметаш ли дека твојата професија припаѓа на одреден пол?
Апсолутно не. На моето прво интервју за работа во претходната компанија каде што работев, менаџерот ми постави прашање како би се вклопила во тим кој е составен само од машки и зошто би требало да примат девојка во таква констелација. Мојот одговор беше дека доколку најде задача која не можам да ја извршам од причина што сум женско може да ме отпушти на лице место и дека ако некое машко може да ги работи моите задачи подобро од мене само затоа што е машко ќе му ја дадам и мојата плата. Тој став го имам и денес. Полот не ги дефинира способностите и капацитетите на личноста, сами си ги ограничуваме можностите ако се перцепираме низ таа призма. Да, во ред е да си ги знаеме реалните граници на нашите способности, но не да си ги наметнуваме преку некои стереотипи кои се застарени и нереални.
* Што правиш во слободно време?
Слободното време целосно им го посветувам на моите деца и семејството. Од нивна гледна точка јас сум прво мама, па потоа инженер. Се трудам редовно да комуницирам со долгогодишните пријателки и пријатели кои ми го чинат проширеното семејство. Одмор наоѓам во филмови и серии, иако во последно време се поретко. А страста и желбата за читање моментално ги задоволувам со читање бајки и сказни пред спиење (on repeat J), поради што наскоро мојата библиотека ќе се сели во гаража за да има доволно место за сликовници J
* Ако можеш да дадеш совет на 18 годишни девојки, што би им препорачала?
Мислам дека денешните 18 годишни девојки се доволно храбри и растени во духот на индивидуализмот, веќе мотивирани дека не треба да се покоруваат на стереотипи или наметнати правила од постарите генерации. Што од друга страна може да претставува товар за себепронаоѓање и издвојување од другите. Би им порачала сепак во сѐ да бидат свои и доследни себеси, да не дозволуваат моменталните трендови да им ја дефинираат вредноста, да се запознаат добро самите себе и да работат на своите квалитети и знаења.
* Што би препорачала на колегите и колешките кои се на почетокот на своите кариери?
Ќе го цитирам Џобс, иако не сум фан на Епл J „Бидете гладни“. Бидете гладни за знаење, за искуство, за раст. И инвестирајте се себеси во тоа што го работите, само така ќе си го најдете вашето вистинско место и на работа и приватно, или уште подобро ќе си го создадете вашето вистинско место.
ПР објава