Понеделничко-петочки муабет или “Што ќе правам после изолацијата” 3

Добивај вести на Viber

“Што ќе правам после изолацијата” веќе стана начин за да си споделиме едни со други кои ни се желбите. Во услови кога полека доаѓаме до (она што експертите го викаат) пик на вирусот, да ја задржиме добрата мисла, позитивната вибрација и вербата. Знам дека особено ќе бидат тешки за сите нас овие неработни денови кои како за беља, ќе бидат сончеви и убави. Но, да се потсетиме дека секое зло е за некое добро и дека мора да го издржиме и ова. Впрочем, не секој го има луксузот да остане дома, на безбедно. Да бидеме солидарни кон оние кои се во првите редови во оваа борба и да им ја олесните истата. Уживајте во редовите што следат. 

Одиме...

Софија Петковска, педагог, писател-поетеса

После изолација: Личност сум која обожава да поминува време сама со себе.

1. Па, најверојатно првата работа која ќе ја направам по изолацијата, ќе биде токму тоа. Ќе појдам во паркот сама, ќе седнам на клупата и ќе го набљудувам езерцето.

2. А потоа, секој ден ќе го водам мојот син Јосиф на прошетки и излети. На сите ни е потребна една огромна прегратка од природата.

3. Конечно ќе соберам сили, време и средства за да ја постигнам мојата цел, а тоа е издавање на мојата книга, збирка поезија. Карантинот ми ја врати желбата за творење и музата на инспирацијата често ме посетува деновиве и едно големо благодарам на карантинот за тоа, па така веднаш после оваа изолација, една од работите кои ќе ги направам ќе биде токму тоа: сите тие песни да бидат собрани грижливо на едно место. 4. Секако, шопингот нема да биде изоставен: книги, облека, играчки...

5. Кафе муабет. Дефинитивно оваа интернет врска е навистина без врска кога станува збор за кафе со пријателите. Може и пица, зошто да не. Важно е само она што на душата и е убаво.

Драган Ристовски-ДРД медиа

1. Би отишол да ги видам внука ми, брат ми и снаата

Се’ останато си правам регулар

Аспазија-Цули Софијанова-шеф на одделот за неонатална и педијатриска интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести

1. одам Лондон кај ќерка ми

2. одам да го изгушкам татко ми

3. трчам на ливадата над Трнодол берејќи многу цвеќе

4. Во црква да заблагодарам на Бога дека се здрави моите најмили

5. внук ми ќе си го земам подолго на гости да го изгушкам по тоа бутките

Наталија Ангелиус-Медобил

1. Одам во Roosevelt кафе да си го испијам омиленото еспресо, кое ми е ритуал секој работен ден.

2. Идам на работа и во текот на работниот ден ќе си го изгускам персоналот најмалку 50 пати.

3. Секоја клиентка исто така

4.После работа прошетка до Стара Чаршија и кафе со другарки на Кеј.

5.Ги носам децата на пицааа

А под 4... еден ден, таа другарка би сакала да биде мојата најдрага, волшебна Ана

Петар Пејаковиќ-Long Play bar

Многу бев ангажиран,така да сега правам по дома работи за кои немав време. Не работам сега, имам време да прошетам, да прочитам нешто,да се дружам со синот бидејќи не се гледавме дома ( 22 години има) итн.... Само мислам на децава што ми работат во кафич како да ги спастрам. Пред викендов им пуштив плати, па ај да видиме во Мај шо ќе правиме. Така да Ана моја мила не ми фали ништо,сем дуќанот да ми е отворен.

Билјана Лалчевска Серафимовска-директор на Детскиот културен центар-Карпош

Драга пријателке, прво што ќе направам ќе ги изгушкам моите најмили, особено мојата мајка, бидејќи сега е тоа невозможно. Второ ќе си одам на фризер да се средам , НЕ експериментирам периодов. Трето ми фалат дружбите со моите другарки и затоа ќе ги викнам на една целовечерна. Патем ќе се подготвуваме за прослава на 30 години матура , па макар тоа било и во ноември. Ќе се заблагодарам на сите здравствени работници и на крај ќе продолжам да ја ширам книжевната среќа преку уличните библиотеки кои одлично функционираат. И ДА ми недостасува работата и едвај чекам да си ги видам колегите.

Зоранчо Пурески-Лондон

1. Би ги изгушкал сите кои не можам во моментов! Веројатно, оваа пандемија не' научи дека сите сме толку кревки и на сите нас ни фали љубов. И само љубовта и подадената рака, убавиот разговор и луѓето кои ги чувствуваш за свои, треба да се негуваат и чуваат секогаш. Дури и кога нема некоја посебна причина за ова.
2. Би патувал често. Патувањата и авантурите ни ја полнат душата. За среќа, имам жена до мене, која исто така е страствен вљубеник во патувањата, па едвај чекаме да се отворат границите за да заминеме. Дестинациите веќе се одберени, секако.
3. Би одел почесто на театар. На опера. На мјузикли. Во кино. На изложби. На концерти. Уметноста е важен дел од животот. И преубав.

Треба што е можно повеќе да ја цениме.
4. Поактивно би се занимавал со спорт. Посебно оние авантуристички. Би пробал летање со параглајдер, банџи скок... Би сакал и пливање, сурфање...
5. Би посетил што е можно повеќе библиотеки. Јас сум љубител на книги.
И на крај, само да им се заблагодарам на медицинските работници. На полицијата. На луѓето кои работат во противпожарна заштита. На возачите. На вработените во маркетите. На оние кои деноноќно работат во оваа криза. Сите тие се нашите херои.
Благодарам!

Јулија Илијевска-Fashionel

Да бидам искрена, чудно или не, периодов не размислувам многу за тоа што би правела откако ќе заврши оваа #СедиДома состојба. Карантин не ми е омилен поим, па и не го користам често, а твоето прашање, ме натера да подразмислам и сфатив дека нема да направам ништо посебно револуционерно, туку сакам да ја уживам пролетта на купче со сите нешта што и претходно ми го исполнувале секојдневието.

-Кога ќе заврши #СедиДома периодот, ќе започне оној #ОдиНаРабота, но искрено му се радувам. Иако работењето од дома има свои предности, сепак не би го заменила излегувањето од дома, можноста да се дотераш, да бидеш во комуникација со луѓе, да влезеш во канцеларија, да се видиш со колеги, да испиеш кафе, да се измориш, насмееш, изнервираш... Помеѓу другите работи, верувам дека и тоа одење на работа има улога во „дефинирањето“ на жената, бидејќи важно е од повеќе аспекти.

-Ќе се „почестам“ убава, долга прошетка (веројатно и повеќе) во убаво друштво, бидејќи ова време од годината посебно го сакам и сакам да го уживам колку што е возможно. И ќе поделам и примам многу прегратки од луѓе кои ми недостасуваат.

-А кога споменав друштво, списокот на драги луѓе со кои сакам да се видам – и оние со кои и претходно се гледав често, но и оние со кои тоа остана само на муабет, е долг, но сериозно планирам да го реализирам. Сега она „ајде да се чуеме од понеделник“ или „ајде да се видиме деновиве“ е во замена со „Нека помине ова со вирусов, да се видиме“. Сепак, се прашувам и колку бргу ќе се заситиме од сето тоа и ќе се вратиме на старите навикиJ.

-Вежбање. Без изговор. Иако, верувам, ќе ми треба малку време да се охрабрам да влезам во просторија со повеќе луѓе. Сакале или не, оваа дистанцираност создаде претпазливост, барем кај мене.

-Разно: Овој #СедиДома период ме поттикна, сосема непланирано, да се вратам на некои мои активности кои со текот на времето сум ги поттиснала/забаталила и кои би сакала да ги продолжам и после овој период. Ќе сакам да си создадам повторно време за себе, бидејќи со 24-часовно седење дома, тоа сепак не е така можно, без разлика што советуваат блогерките и странските магазини J. Ќе сакам да пешачам, сигурно ќе пекам и за дома да поседам, колку и да звучи тоа од оваа гледна точка неверојатно, ќе сакам да се одморам, да наполнам батерии, да читам, да бидам многу вредна, но и мрзелива, да планирам, па да се нервирам кога нешто нема да се реализира, ќе сакам да испробам и некој нов рецепт, да научам нешто ново...- едноставно, (ќе) сакам да живеам. Не можам да кажам како и до сега, бидејќи не се знае што носи денот J. И пред сè – да останам во добро здравје и заедно со оние што ми се посебно важни во животот. Што им го посакувам и на сите.

Ирена Де Сомер-Ница, Франција

Не сум човек кој чека некој мега потрес за да ме боцне да живеам со полни плуќа. Тоа го правам секако и отсекогаш. Тоа е дел од мене, да живеам со полни едра, од срце и без задршка. Со големи соништа и аспирации и некако без страв. Можеби затоа ми е најголема тага кога ќе видам кога и другите ,драгите не го прават тоа, како да се чуваат од болка, пораз а во исто време си ги кастрат криљата за најубавите и најголемите животни приказни, емоции и реализирани соништа. Живејте , сонувајте, сакајте и борете се до коска за се што прави душата да ви пее! Еден живот е, времето врви. Подобро е да се живее со некоја лузна повеќе отколку од чума пеоплосано да воќи се и умот и душата..жал за не изживеанто. Бидете храбри. Сега знаете дека слободата не е без жртва и борба, и дека има полоши работи од животи, сништа и љубови неизживеани. Да си жив а да не живееш. Сакав да кажам...правев и правам што сакам, тоа што треба и понекогаш и тоа што мора. Се’ можам, ама одамна научив дека против себе не смеам. Одам понатака..и само вака земјата еден ден ќе ме покрие секако.

Јулијана Зафирова-Професорка и фотограф

Штом ќе заврши изолацијата и се вратиме на нашите нормални животи, во се' што ќе правам пред се' ќе се водам од една мисла а тоа е да ги правам нештата што ги сакам без одложување, без премногу ,,мозгање'' дали сега е вистинскиот момент. Да! Сега! Секој момент, секој ден е драгоцен! И ќе кажувам она што ми лежи на душа, сега и веднаш! Во вакви тешки моменти за нас луѓето, кога ни е ограничена социјалната слобода и онаа на физичкото движење, забележав дека за сметка на тоа, нашата слобода на умот, на нашите видици, нашиот душевен раст, можноста за себеспознавање, се зголемува.. Кога сето ова ќе заврши силно ќе ја ,,прегрнам'' слободата во нејзината целост.. Со нетрпение ја исчекувам средбата со најблиските, оние луѓе на кои физичката дистанца не им влијае на блискоста, па таа дури и се продлабочила а се' тоа го оствариле со убава и позитивна мисла, збор, насмевка во овој период. Кога ќе ги видам, ќе ги гушкам, ќе ги гушкам бескрајно долго. Во првата прилика сакам да се изнаиграм толку многу, до изнемоштеност, со кореографиии со све! Оти имав време по дома и тоа да гледам скокајќи во соба. Едвај чекам да фотографирам, да ловам емоции кај луѓето, да барам парче душа која ќе можам во одреден момент да ја овековечам.. И ќе патувам... бидејќи покрај фотографијата тоа е мојата душевна храна.. Останете безбедни и здрави за да можеме што поскоро сите заедно да уживаме во благодетите на животот, слободата, љубовта..

Емилија Точева

Слободно ќе ја дишам слободата, зеленилото, животот, ќе им се радувам на пролетните бои и силно ќе ги изгушкам сите што ги сакам, а сега си потврдив колку ми недостигат.

Јас знаев и пред оваа колку е убав овој живот ама сега видив и кој каква душа носи, многу луѓе се со лоша мисла. Тоа ич не е убаво... види колку природата се радува на овој тиме оут?

Марија Владимирова-TAV

Јас реално и не сум во изолација затоа што таква ми е работата, работам редовно од дома или сум повремено на своето работно место на аеродром. Но секако после овој период

: 1. Да ги гушнам моите најмили кои што за жал дел се во Охрид дел во УСА

2. Добра журка со моите вистински пријатели

3. Патување на место каде што ќе може да се врати внатрешниот мир и спокој, планина, езеро но не опкружена со многу луѓе

4. Посета на концерт, но најверојатно за тоа ќе мора да почекам до септември BOND се одложени до тогаш, но во меѓувреме секако може да се посети театар, филхармонија

5. Да прошетам по Скопје и да го почуствум оној вообичаен жагор, Дебар мало со исполнети кафанчиња, среќни луѓе, бучни дискусии околу ситуациите, да застанеш да се поздравиш, да направиш 2-3 збора муабет... мирисот на липите ...Градот влегува во најубавиот период од годината, а ние сме затворени дома... Мислам дека ова се оние 5 најважни работи кои што ми недостасуваат во овие месеци.... Чувајте се... Секако во очекување на убав пишан збор и убави мисли... Поздрав

Јасмина Апина-Наставничка

1. Да ги прегрнам силно моите најдраги
2. Да отпатувам во Охрид
3. Да одам во природа со моите пријатели
4. Да одам на јога
5. Да си купам нова чанта

Ленче Кузмановска-Наставничка ОУ Димитар Миладинов

Три нешта ми се доволни за старт да се вратам во нормала
Прво нешто е “одам на фризер”. Сигурно ќе биде презафатено за шишање ама јас пак ќе и “улетам” на другарка ми Граци пред затворање да ме шиша, завршуваме таму, договараме уште неколку од нашите другарки и може да почне крајот на карантинот.
Втор ден: одам во “МОЛ” си правам шопинг “ЛАДНО” завршувам со ручек/вечера со другарки без план за каде и кога дома.
Трет ден: палам кола и што подалеку од дома на неколку дена, малку да го “спасам” син ми од мое друштво, да може да земе здив со неговите дружби и активности (без мене), бидејќи многу им се потребни баш на нив средношколците.
Само сакам животот да ни се врати во нормала, нема повеќе за ништо да се жалам, ВЕТУВАМ сакам да си се гледам со моите блиски, да одам на работа, да ми доаѓаат пријателите на гости, да си се вратам во моето yoga place студио...едноставно сакам слобода на движење и дишење, иако ова со дишењево е контрадикторно во однос на нашиот воздух.

Јелица Ивановска- експерт за организациски развој

Кога ќе помине изолацијата, ќе се вратам на се' што бев порано. Ќе правам добри избори и грешки. Ќе гушкам најсилно, ќе бакнувам најслатко, ќе кажувам "те сакам" и "не те сакам" според заслугите. Ќе бидам "мамо најдобра си на светот" и "ти си најлошата мајка", во зависност од расположението на мојата убавица. Пак ќе сум строга во изборот со кого го трошам времето и пак ќе бидам само со луѓе кои ми се храна за душичката и ме растат и тераат да бидам подобра од себе. Ќе пијам кафиња и вино и ќе се смеам до болење стомак. Ќе плачам гласно и исклучиво само кога секоја солзичка е заслужена. Ќе водам љубов дур не ми се стресат колената. Ќе работам додека не ме заболат коските од многу. И се' ова помногу од најмногу. Да, само мајка ми и татко ми посилно и почесто ќе ги гушкам, зошто претажно е ова разменување нежности по Viber и Messenger. Доста беше пауза стварно, спремна сум за уште.

Соња Змејкоска-SOIP

Јавање на коњ во Галичник 

Охрид ми е мирот, би го шетала него и кафе би пиела крај езеро

Седум дена во Грција на море, апартманот до морето да е

На тајландска масажа уплаќам, тоа многу ми недостига

Ручек со Верче, со која многу се смеам (ми недостига нејзиното заразно смеење)

Ангел Папеш- A.D.I.Investment

Се надевам дека ова време невреме во мај ќе заврши па лека полека ќе се вратиме во нормала. Колку нормални тоа е башка. Дефинитивно една од оние работи кои ми фалат е кафето во Jack. Од списокот кој е се' подолг ми е да го кандисам и пилево (Ана) за кафе. Сигурно ќе го потсетам и Тото daily. Сигурно ќе фатам и малку Охрид. Еее и морам да го потсетам Давид во Фарел цигарс.

Кристина Евго (сестра по душа)

1. Ќе излезам надвор низ улици да се изнагледам еден куп непознати луѓе и да им викам добар ден убави луѓе, останете живи и здрави (иако знам дека ризикот да ми викнат жуто комбе е голем)
2. Ќе одам на работа пеш, како и претходно, ќе си изгушкам колешките и колегите и ќе работам 10 часа (ми недостига работата, јас сум од оние што се вљубени во својата работа)
3. Оттаму одам право кај мама и тато на уште гушкање (коските ме болат за нив веќе)
4. Концерт, прв следен концерт јас сум таму, со пуштена коса, старки, фармерки и стара маица...
5. Наџак- на ребанца со Ана (како пред 5 години-ми недостига таа сила и енергија што ја имавме тогаш) и Катерините (сестра ми и золва ми-имав среќа двете исто да се викаат - ич не е збунувачки)

Маја Тодоровска-деловна жена

Во ова време невреме кога работам од дома до веке цел месец и до 18 часот, а веќе почнува полицискиот јас сум како во тотален карантин. Затоа сакам да прошетам и да го осетам мирисот на мојот град, да се качам на Водно, да отидам на Матка, да ги видам драгите пријатели од Скопје и другите градови тоа знаци и викендчиња  женски релаксирачки на убави местенца со убави души.

Искрено многу работи ми фалат зошто транспортот и во војна работи во тешки услови али едино тоа се тркала .Ете тоа е проклетството на мојата професија.

Александра Ристовски-Црвен крст

Драга Ана,
Еве сум јас со моите пет работи кои ќе ги направам откако нештата ќе се вратат во нормала. Како што знаеш, јас секојдневно одам на работа, и во овие моменти се трудам да го дадам својот маскимум во поддршката како на нашата организација, Црвениот крст, така и на тимовите кои работат секојдневно на терен. За да стигнаам до работа, се движам пешки и има можност да ги гледам и допирам дрвајата, ги мирисам цвеќињата, ги слушам птиците...ова го пишувам, бидејќи знам дека на некои луѓе и ова им недостасува.
Денеска бев кај мајка ми во Куманово, таа таму живее, да и однесам храна, лекарства и се што и е потребно. Денеска толку многу сакав да ја гушнам, да ја допрам, да ја почуствувам утехата која само мајката може да ја даде. Јас бев со маска, таа исто така, држевме дистанца, пред се заради неа и нејзиното здравје. Но да, тоа ќе биде прво нешто што ќе го направам, ќе ја изгушкам мајка ми, многу силно, најсилно. Не верував дека толку многу може да недостасува допир.
Второ нешто кое ќе го направам е да поседам во училишен двор, на клупа (на таа иста покрај која поминувам секој ден) за да ги гледам и слушам децата. Толку е тажно, тешко, пусто и празно без децата, без нивен жагор. Не ни знаев дека ова толку тешко ќе ми падне.
Трето нешто е посета на брат ми кој живее во Белград. Дружење со фамилијата, со неговите деца, гушкање, бацување.
Четврто секако ќе биде дружење со драги луѓе, пријатели и гушкање со нив.
И петто нешто слободни прошетки со маж ми, со децата...опуштени, лабави без страв, огранучувања. Ќе дишам со полни плуќа, без маска како на устата така и на умот.
И 6-то, off the record, се враќам на моите теренски истражувања, за дипломската работа, животот на бездомните лица во Скопје. Бидејќи сум 8 семестар веќе, ова година и ќе дипломирам . Направени ми се две истражување, ми остануваат уште три.

Тања Бах-студио за танц БАХ

1.Ќе одам во мојот втор дом Студио за танц БАХ Центар на култура Струга ,ќе влезам на сцена, ќе дишам, дишам, дишам да ги наполнам плуќата со тој мирис на сцена кој ми фали повеке ОД СЕ’ на светот..

2.Гушкање со сите мои деца. По ред сите 100, секое посебно и секое најсилно

3.Ќе ја завршам мојата спектакуларна  балетска представа со чии припреми застанав на половина пат . ...,сите гужви,  полна сала деца, костимографи, шнајдерки, сценографи, фотографи, шминкери, сниматели, фотосесии...сето тоа кое ме држеше надвор ОД дома секој ден ...од прв миг го враќам назад во мојот живот.  ЈАС СУМ ТОА..ГО САКАМ МОЈОТ СОВРШЕН ХАОС !

4.Ќе одам на журка со сите мои Зумба дами кои ме канеа на вечерни излегувања а јас секогаш бев во гужва и  немав време. И ќе ги испијам сите кафиња(цедени сокови)со мои драги пријателки за кои исто така немав време.

5 .Ќе ја запознаам Ана Бунтеска

Афродита Мицковска-Кроација Осигурување

Прва работа- долга прошетка во природа....парк, Водно, Матка....па дури и градот ми недостасува да го обиколам

Второ- да одам на работа...ми недостасува физичко присуство и комуникација со колеги....иако оваа ситуација покажа дека многу работни места можат и од дома одлично и непречено да се одвиваат....би дала предлог за тие работни позиции во иднина кои и колку денови од работната недела би сакале да функционираат од дома.

Трето- да се видам со сите роднини и пријатели....многу ми недостасува дружбата со нив.

Четврто- посета на културни настани, филхармонија, рок концерти, театар, кино...многу ми недостадуваат.

Петто - ми фали светот....посета на некоја дестинација надвор од МК

Иако сета оваа изолација ме смирува кога ќе видам дека природата зема здив, се одмори и возобнови колку и’ дозволивме....се гледа врвот на Хималаите за прв пат после 30 години на пример.

Катерина Шехтанска-актерка

После карантинсково лудило и акумулирана енергија (негативната доминира) прво нешто што ќе направам е веројатно и најнужно да пробам преку боречки вештини (кои патем речено ги обожавам )да се испразнам,па да продолжам нормално да функционирам.
Вака затворена имав реално време да согледам колку небитни работи ме преокупираа и ми го заробија животот (не по моја вина)и колку време ми одзедоа бавејќи се со работи испод мое ниво.
Ќе си го вратам животот во нормала ,повеќе ќе излегувам и нема да пропуштам дружба како со моите порашни пријателки така и со ново стекнатите(значи одбивање и барање глупав изговор,ќе бидат строго забранети).
Освен обврските со децата и домашните секојдневни рутински обврски,планирам конечно да започнам со СВОИ.Како што се враќање во полна пареа на балетот(мојата прва љубов)и по активна на екранот и сцената(тука колку можам,зошто не зависи само од мене)
И ред други работи да средам кои дополнително ме оптеретуваа влечејќи се по судови ради болни луѓенца кои и те како заслужуваат да си ја добијат заслужената казна(овде ќе немам милост).
За сега толку,но ќе се отвараат се надевам сами по себе многу работи и без да знам.

___________________________________________________________________________

Продолжуваме и следната недела со петочната колумна. Ви благодарам на тоа што си отворивте душата пред мене, што споделивте, што си пишавме по некој убав збор. Идат денови во кои ќе ви посакам здравје, спокој, љубов, истрајност и ум. Се читаме повторно во понеделник на нашиот понеделнички муабет.

Да сте ми живи и здрави. Ве љубам!

Зашеќери ја болката

Како топла гурабија во прав шеќер

Зашеќери ја горчината

На лажната блажина на љубовта

Онака мајсторки

Токму така како што сака една жена

Која одбира да верува во нешто

Што сакаш за три парички да и’ продадеш

Засукај ги ракавите

И како прав мајстор во кујната

Зачини го со магија блуткавиот вкус

На она што никогаш не можеш да бидеш

И остави ја таа карши тебе

Да ти одглуми дека не сеќава

Дека не знае оти зад сиот сјај

Само обриси од човек пред себе гледа

Ете пиле

Ние жените знаеме

И толку вешто умееме

Пред сета стварност очите да ги затвориме

А пак во тебе да пулиме

И сликата во себе за тебе што ја имаме

Вистинита да ја сториме

Та да мислиш оти најубав си

Оти ко тебе никој нема

Оти она што во нашите очи ќе видиш

Навистина умееш да бидеш

Ете

Пиле

Ние жените сами очите си ги ваѓаме

Само за ти себе убав да си се гледаш

И да се восхитуваш на она што го немаш

И тоа така години може да тера

И да си се љубиш од нашата љубов за тебе

И да се дуеш ко паун

Оти вредноста своја

Во нашиот љубовен збор ќе ја најдеш

И во топлината од нашата утроба

Во која ќе се сместиш

Ама умен треба да си

И на таквите жени длабоко да им се поклониш

И земјата по која одат да ја целиваш

Оти пиле

Ти, лудо и шуто кутро пиле

Таквите ко ќе решат да прогледаат

Тие се’ од себе ќе извадат

Ќе те изблујат сосе шеќерот во кој си ги удавил

И сета горчина на маса ќе ја извадат

И потем

После тоа будење на една луда жена

Која повеќе за тебе ниту тие скапани

Три парички ги дава

После неа само празнотија останува

И огледало напола поделено

Едната полојна ти-во неа ко си бил

А другата ти-без неа останат

И тогаш горнион на помош да ти е

Оти таа појќе назад не се враќа

Ниту ќе вика

Ниту веѓата ќе ја крени

Оти жена ко се буди

Се буди и ѓаолот кој на рамо ќе ти седни

И цел живот само ќе ти шепоти

Ја изгуби

Ја изгуби