Понеделничко-петочки муабет или „Што ќе правам после изолацијата“
Ако ви кажам дека сум изненадена во колкав број пишавте, ќе ве излажам. Некои од вас сакаа да ги споделат своите желби со целосно име и презиме, некои со иницијали, а некои ми пишаа “стави само вака, ќе си знаат од кого е”. Ме насмеавте дур ве читав, па малку ме расплакавте (па доста само јас ве расплакувам), ме замисливте со некои работи. И повторно си се чудам, колку сме сите ние исти. Колку ни се душите од ист материјал направени, само фасадите ни се различни. Колку сакаме исти нешта, колку ли само малку ни е потребно за среќа, колку сме жедни за љубов, дружби, лицата кои ги сакаме. За да имате појасна слика за текстот, најдолу ќе бидат ставени цитати од оние кои не сакаа да ги потпишам. Доколку ви истекне уште нешто, пишувајте и понатаму, ќе објавуваме на вашиот и мој Женски Магазин.
Нема да должам, читајте...
Елена Младеновска
Вашите текстови ни го прават секојдневието поубаво
Кога ќе заврши ситуацијата
1.сакам да се венчаме со вереникот
2.да најдеме начин како да се заблагодариме на сите здравствени работници
3.би ги посетиле пријателите во Германија
Милошеска Дафина
ќе излезам во природа со децата и ке седам со часови,
ќе изиграм на раат една партија баскет во школски,
ќе поканам дел од пријателите на опуштена седенка со мезе,
ќе прошетам низ некој од моловите да се подновам со некое парче облека ,
свечено ке ги исфрлам сите маски ,ракавици и средства за дезинфекција који интензивно ги користиме овие денови ...со нив ке пробам и стравов што ме парализира да го исфрлам во некој контенјер...
Поздрав Ана , многу ми се допаѓаат твоите текстови.
Фросина Ѓорѓиовска
После коронава:
1. Конечно ќе го испијам кафето со тебе.
2. Ќе го изгушкам брат ми кој работи на карил и нема да го видам додека трае изолацијава.
3. Нема да се приберам 2 дена од искачање со другарите.
4. Ќе летам со параглајдер.
5. Ќе се качам на Триглав. Као петто мислев да пишам дека ќе си фатам дечко, ама полесно ми се глеа ова со Триглав сепак.
Маргица Милошевска
1.ќе одам на кафе и ке пијам пиво од шише...редно е.
2 .Да се видиме со Розе ...време е...
3.да ги однесам моите на вечера ...(татко ми ќе плати) ама јас да ги носам...
4.да ставам точка на некои нешта...ке бидам малку себична ...ќе мислам малку на себе...доста е...
5.одам на преглед...мора....
С.Л.С.
Еве ги моите топ 5:
1. Ќе си купам штафелај, платно и бои;
2. Ќе почнам со планирање на 50-от роденден. Нема веза што е у Декември! Битна е цифрата и со кога чоек има да го прослави;
3. Ќе одам со сестра ми (живее во УСА) во Мексико, во земјата на моја Фрида;
4. Ќе го досредам новиот стан (нов, еве веќе 2.5 год сум тука) со ситниците кои постојано ги одложувам, а кои се у ствари финал тоуцх;
5. Ќе олабавам малку во однос на потенцијалните партнери - не мора мојата да е стално задна.
Мери Џарлиева
Драга моја Ана, многу ме замисли со твојот предизвик. Воглавно сум задоволна со изодениот животен пат-реализирани мали или поголеми желби/мечти, според можностите. Ама сепак има за што да се живее, да се продолжи каде што застанавме.
1. Почести средби/дружби со ќерките и нивните семејства (иако сме на три страни од светот)
2. Имам четири внучиња и ќе организирам групен престој и игри без граници со нана
3. Виртуелната дружба со другарките/пријателките да ја зајакниме уште повеќе во непосредните средби во живо
4. Имам некои размислувања, идеи, кои можеби ќе ги сублимирам во книга ??
5. Долго патување околу светот? Па зошто да не?
Да се чуваме и седиме дома. Здрави и живи можеме СЕ
Бранка Најдовска, сопственик на порталот Сутерен
1. Ќе поседам дома конечно, сама.
2. Ќе поседам дома конечно, сама.
3. Ќе поседам дома конечно, сама.
4. Ќе поседам дома конечно, сама.
5. Ќе поседам дома со сите. Морам некому и да му се изнавикам! Конечно, без резервираност.
Габриел Мишевски
Прво што ќе направам ќе посетам спорстка сала, а каде се осеќам слободен како дома и каде со сигурност ќе одиграм една партија кошарка. Следно што ќе направам со сигурност ќе седнам на кафе со моите пријатели и со сигурност ќе разговараме за актуелните случувања во спортот. Трето ќе го соберам најблиското семејство на ручек оти пеколот сме го поминале. Четврто ќе се почастам добра палачинка од Нутела Хаус....каде се најдобрите палачинки...и на крај би отишол во кафана.
Љ. А.
Заеднички ручек во Лантерн со фамилијата; потврдување на најбрз можен датум за една недела едрење на Јонско море, да се сретнам на кафе во Чил ин со пријателите; да си го испијам сам утринското кафе во Корзо; да ги изгушкам саканите.
Белинда Сипкоска Гаштарова
Прво, ќе ги гушнам моите најмили, пошто сега некако ми е страв да не им пренесам нешто оти одам на работа. Второ, ќе одам во библиотека и ќе земам 5 најголеми книги за да уживам дури читам, ми се смачи од читање на телефон. Трето, ќе одам на фризер, косата ми плачи за потстрижување и фарбање. Четврто, ќе прошетам на Широк Сокак. Петто ќе почнам да го организирам моето следно патување (ептен сум мерак за тоа). Поздрав
Силвија Дума
Драга Ана,сите сме ставени пред голем предизвик ,при тоа ни е дадено токму она за што секогаш сме мечтаеле да го имаме а тоа е време. Време за себе,време со семејството, време да ги направиме омилените рецепти.Но најважното да се оголиме себе си и да се погледнеме во огледалото на вистината.Пред да пишам што ќе правам откако ќе заврши,многу е важно што ќе одберам да правам до тој момент. Јас ја бирам среќата, читам секојдневно она што сум го пропуштила поради времето,медитирам,следам вебинари како би си ја подигнала фрекфенцијата,вежбам,готвам и чистам по дома со задоволство и најважното се дружам активно со своите деца дури имам време да играм Монопол.Уживајте во деновите затоа што нема да се повторат и веќе ништо нема да биде исто,затоа што нема да го сфаќаме животот здраво за готово. И на крајот што ќе правам после
1.Ќе ги ставам на приоритетна листа сите одложени кафиња со пријателите кои одамна не сум ги видела
2.ќе се качувам на Водно секоја недела и знам уште повеќе да ја ценам слободата
3.ќе завршам една своја обврска која подолго време ми се лизга низ прстите
4.После тоа ќе направам една голема журка на која ќе соберам куп драги луге 5.Секојдневно ќе уживам во слободата ,
Ти благодарам што ми даде прилика да ја пренесам мојата порака.Поздрав Ана.
С. В.
1. Ќе прошетам во природа, да се надишам на чист воздух
2. Ќе испијам кафе со моите пријателки
3. Ќе шпартам по улиците за да се нагледам на среќни лица
4. Ќе ја гушкам особота што ја сакам
5. Ќе си легнам со мислата дека ќе се разбудам следното утро и дека ке ја имам можноста тоа пак да го правам во деновите пред мене, ќе сакам и тоа многу ќе сакам,
И. А.
Драга Ана еве ги моите 5 работи кои ке ги направам откако ќе помине се’.
1. Ќе се заблагодарам на универзумот што се’ поминало.
2. Ќе ги гушкам безобразно сите сто ги знам.
3. Ќе одам во природа и ќе викам со сет глас "Слободна сууууум".
4. Прва прилика тргнувам за Битола, да ја изгушкам мајка ми.
5. Организирам викенд вон Скопје.
Благодрам што ме инспирира да го замислам крајот на вирусот и да ја почувствувам словодата за момент.
Фикнет Демироска
Здраво Ана
Прво, со саканите на долга прошетка во природа, на воздух, ми недостига природата
Второ, сакам на работа! Го сакам нормалниот живот за кој до сега не бев свесна колку е убав, за жал
Трето: Обавезноо кафе со друштво покрај езерото, оххх убавинии
Четврто: Со синчето обавезно ќе нахраниме некое животинче...
и на крај се знаеее- кафана, музика, друштво
Папазовски Миле
КОИ СЕ МОИТЕ 5 НЕШТА КОИ ЌЕ ГИ НАПРАВАМ ПОСЛЕ КОРОНАВА?
Ах, таа Ана... секој нејзин збор, за мене заповед. Како да не ја послушам и не ги напишам "петте работи кои ќе ги направам после изолацијава" кога заспивам и се будам со нејзина книга под перница полна прекрасна поезија. Лесна работа е да пишуваш "што би правел" ама тешка работа е да го тргнеш стравот од неизвесноста... сите мои... и рода и пријатели и добри луѓе да ги чува Универзумот за да им се радувам и неброено гушки да им делам кому на јаве кому во мислите.... Чувајте се ве молам... ве сакам сите.
“...Два животи ми требаат...” (Ана Бунтеска) за моите 5 нешта... но да почнам...
1 - Средба со четирите внуци... двајцата во Скопје си ги делат задолженијата... малиот ми пушта на ТВ омилени музички видеа (како ли ги наоѓа нумерите на надворешни тврди дискови, а има само 9 години), а големиот (14) прави Капучино... двајцата нежни ко девојчиња.
Двата внука во Сплит, исто ја имаат поделено работата... внуката (19) не знае како да ме нагости (ми подготвува Интернет закуски... се’ нешто авангардно), а внукот (14) се лепи ко фластер за мене и не ме припушта. Средбите со ќерките е со гушкање, а со зетовците мафтање со раце во знак на поздрав и праќање бакнежи по воздушен пат. Пред да скокнам до Сплит со Ибицата од Балдзата (лична заменка за жена) ќе се дотерам набербер... не може да одам со зулуфи ко Александар Пушкин и со ќелавица одгоре... ќе се потстрижам тасма... а ла Јул Бринер или Тели Савалас (Коџак)... додуша тие беа бричени... јас ќе и’ кажам на берберката да ми напраи нуларица со то машинката.
2 - Да прошетам низ неколку државни институции за да фотографирам дела од татко ми... всушност да ја досредам книгата за Благоја Папазовски-Папаз (1924/85), ликовен уметник со Белградска Ликовна Академија во која ќе бидат претставени повеќе од 100 негови експонати... да оставам спомен од неговото творештво за идните генерации.
3 - Да дочекам промоција на Ана Бунтеска ко шо самата вели: “...ми се гледа на почетокот на есента пак ќе се собираме за да прославиме нова книга, а во меѓувреме се надевам и на нешто друго, ново”. А јас стискам палци за нов поетски земјотрес со нејзините жени алтани, змејови, жени љубов... и за гушка... иста гушка со Ана ко ја видов првпат.
4 - Дружба со моите мали пријатели кои одамна не сум ги видел Ерато, Илија, Мартин, Петар, Никола и гушкалчето Илина. Сигурно пркнале и не се веќе мали туку млади пријатели...
5 - Да излегувам на долги прошетки со мојата Дулчинеја, да ја однесам некаде на ручек, да купиме пропуштени книги од Моџо Килингтон, Тихомир Јанчовски и други... двајцата да се држиме за рака ко вљубени тинејџери... само да знаете колку ме чува... прашинка не дава да падни врз мене... зато ја обожувам. Таа пак ужива ко ќе ја прашам: “Ојме за Сплит?”.... не треба двапати да ја прашувам... се знајт... Ојме.
Сузана Ѓавочанова
Само ова да помине
Ќе те поканам на ручек
И шише вино
И едвај ќе дочекам
Во прегратки да ти се фрлам
Очите да ти ги видам
Лицето да ти го помилувам
И силно
Ама баш силно да те гушнам
Усните да ти ги избакнувам
Како до сега да не сум те видела
Ама ете... нели короната си отиде
Па наместо маски
Насмевките да си ги видиме
И воздишките чуеме
И мирисот помирисаме
И прсти во коси...
Ќе те фатам за половина
Ќе ти се напикам под кошула
И од таму нема да излезам
И никакви вируси нема да пуштам
Само Јас.. само Јас и Ти
Душо
Тоа би правела Јас
После коронава
Ништо не ми фали
Само Ти
Со чаша вино
На припек
Сонцето да не погали
И зацрвенети од нежности
Другите да не прашуваат
Зар само толку
Зар само толку
После корона и изолација
Хахааа е па на мене би ми било доволно
Мислам дека не е ич малку... дури повеќе од пет
Каролина Каровска Божиноска
1. Со детево одам Африка кај маж ми
2. Со детево одам Африка кај маж ми
3. Со детево одам Африка кај маж ми
4. Со детево одам Африка кај маж ми
5. Со детево одам Африка кај маж ми
Мирјана Илиќ Смилкова
Иако неспиена,под адреналин,под стрес како здравствен работник,ме научи ситуацијата да најдам глуво доба и длабоко да копам по себе.Често во мојот град користиме турцизми и зборот што го ископав во милион комбинации е ЌЕШКИ-поарно да....,камо среќа да....,Пропуштив несвесно моменти кои морам да ги надокнадам за да не ме јаде ЌЕШКИ.Постојат луѓе со кои си се немаме оти не се разбравме а ни идеше муабетов и винцето.Ми фали клупата каде јас и мојот најубав точак на свет со книгичето и кафенцето ја слушавме реката.Ми фалат моите јогини оти сонивната близина,спокој и енергија ми е полесно вежбањето и медитирањето можам и сама но ми го надополнуваат потрошеното.Ќешки да отидев на промоција на албум на син на моја другарка која со љубов бескрајна ме покани,ќешки место да наоѓав милион работи по дома порано научев да уживам во мои приоритети,работи што ми ја полнат батеријата.
Ова време невреме за некого е бура но за мене е мирно море на кое кон мене пловат сите ЌЕШКИ кои ги ископав од дното.Ќе ги надокнадам и ќе ги заменам со АФЕРИМ.Чувајте се мили мои ова е само интермецо време кога ќе си направиме резиме и план,за повеќе љубов кон себе и кон сите кога ќе си ја сакаме афтономната мудрост.
Л.К.
првата работа што ќе ја направам после кризава, е да си дојдам дома во Скопје за да си ја видам мајка ми. Голем поздрав!
Елвис Ковилоски Левис
Баш сакав да ти пишам пет работи
Ама шо
Сигурен сум дека ќе испијам пет кафиња во три саати по кафиќите прилепски
Ќе извежбам на свеж воздух
И само знам дека ќе се чувствувам слободно
Слободата во душата непроценлива
А. М.
И ова ќе помине. Кога тогаш ќе помине. Па оттука прашањето кои се тие 5 работи кои прво ќе ги направам?
1.Ќе останам доследна на сама себе. И ЌЕ СЕ САКАМ уште повеќе од сега. ЗАШТО дефинитивно заклучив умеам да живеам. ОД ИЗОЛАЦИЈАВА КЕ ИЗЛЕЗАМ ПОЗДРАВА ПОСИЛНА И ПОУБАВА. Бидејки што и да се случува, само мој избор е како ќе се однесувам кон тоа па што и да е. И пред ковид 19 постоеле вируси. ЌЕ ПОСТОЈАТ И ПОНАТАМУ. И пред оваа изолација постоеле изолации што предизвикани од надворешни фактори што предизвикани од внатрешни побуди. ЗАТОА БИРАМ СЛОБОДА. СЛОБОДА НА УМОТ, ДУХОТ, МИСЛАТА И ТЕЛОТО. ПА ДУРИ И ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА. А КОГА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ЌЕ ЗАВРШИ, Е ТОГАШ: ЌЕ СЕ ВИДАМ СО СИТЕ ДРАГИ ЛУГЕ КОИ САКАМ ДА ГИ ВИДАМ, ЌЕ СИ ГО КУПАМ НАЈУБАВОТО НЕШТО ШТО ПРВО КЕ МИ ПАДНЕ НА ПАМЕТ ВО ТОЈ МОМЕНТ ЌЕ ВЛЕЗАМ ВО ПЕТ КАФАНИ ЌЕ СЕ КАЧАМ НА ВРВ НА ВОДНО... И ЌЕ ГИ НАПРАВАМ СИТЕ НЕШТА КОИ И ПРЕТХОДНО ГИ ПРАВЕВ. ЌЕ СЕ ЗАБЛАГОДАРАМ НА САМА СЕБЕ ЗА ТОА ШТО СУМ, НА МАЈКА МИ И СИТЕ БЛИСКИ ЛУГЕ ШТО СЕ ОКОЛУ МЕНЕ И СО МЕНЕ, НА УНИВЕРЗУМОТ.... РЕАЛНО ЌЕ ОДАМ ВО СПЛИТ. ДА ГО ГУШНАМ НАЈУБАВОТО И НАЈМИЛОТО ЧОВЕЧЕ... Никола. ЌЕ ГО ФАТАМ ЗА РАКА ЧОВЕКОТ ШТО ГО САКАМ И ЈАСНО И ГЛАСНО ЌЕ ГО ПРАШАМ:СО МЕНЕ СИ ИЛИ НЕ? ВО СИТЕ ИДНИ ДОБРИ И ЛОШИ РАБОТИ. НИКОГАШ АМА НИКОГАШ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ЖАЛАМ ЗА СИТЕ ПРОПУШТЕНИ ПРИЛИКИ ИЛИ НАПРАВЕНИ ГРЕШКИ ВО ЖИВОТОВ ЗАШТО ВСУШНОСТ И НЕ БИЛЕ ТОА... ТУКУ СЕ БИЛО НАШ ИЗБОР. ОСТАНЕТЕ ВО ДОБРО ЗДРАВЈЕ. Со вера, надеж и љубов.
Роберта Теова
Задача која ме стави на мисла : 5 работи кои ќе ги направам после изолацијава. Драга Ана, со својата умешност која само ти ја поседуваш, ме поттикна да размислам а што всушност ми е најважно после сите саати минати во тишина и самотија, разговори со ќерка ми, работа од дома, прочитани книги, изгледани серии и филмови, средени плакари и подруми во време на изолација … што после времето на корона …..
1.Би сакала да научам да го живеам секој миг со луѓето што ги сакам и на кои и јас искрено им значам, да научам да го проживеам баш тој секој миг, да сум присутна во него .. да го запомнам целото богатство што ќе го добијам во тие мигови и да ги запомнам нивните тажни или среќни лица зошто среќата и болката се испреплетени во нашиве животи… да запомнам се што тие мигови ќе ми дадат додека уживаме со вафла во Мартини, испиен салеп во Ли, наливно бело на Камник во Царпе Дием, сладолед во Џино, белис во Капри, торта во Ла Тераца.....….. тие мигови во „нашите„ места и на среќните лица на жените кои ми се целата подршка и кои ме подржаа и кога грешев и кога плачев...кога и тие носеа тешки животни одлуки а јас бев со нив.... е во ова време корона научив дека една е вистината : секундата е подолга од животот а ние многу минливи на ова парче Земја... затоа прва работа што ќе сторам е да ставам ЛАЈК на сопствениот живот и ќе тргнам...секое утро со насмевка и благодарност ...па колку сака нека е тешко....
2. Би сакала да можеме со ќерка ми барем еднаш месечно да имаме наше мирно време за женски муабети, онака отворено без стравови, жестења, обвинувања и простувања.
3. Би сакала да им кажам на хероите на мојот живот дека ги сакам и да имам храброст да поставам прашања од чии одговори самата се плашам па досега не прашав....
4. Би сакала да ги облечам моите нови чевли и да прошетам со нив кога со нашето кутре одам да си купам цвеќе од бабичките на Буњаковец зошто научив дека секоја прилика е специјална и дека сакам да сум дел од секоја....
5. и да ... one day everything will be OK….. си ветувам !
Искра Јанковска Михајловска
Една од работите што ќе ги направам кога се’ ова ќе заврши е дека ќе си го славам роденденот....секој нареден и никогаш нема да кажам дека не сум расположена за правење роденден
Марија Тунтев
Кога ќе помине кризава ќе одам во некоја егзотична земја, со добра другарка и ќе узиваме во се’
Ди Ана
Изолацијата е во нашиот ум, се плашам дека повеќе психички реагира отколку вистински што има моќ. И понатаму ги правам истите нешта што ги правам секој ден: вежбам , се сончам , читам , готвам, се јавувам на пријателите бидејки во "нормални услови " на живот сме секогаш со набиена агенда за да се видиме, сурфам на интернет, поминувам време со децата и домашните миленици. Единствено нешто поразлично е што не одам на работа и што имам време во изобилство. Ако некогаш немавме време за ништо, сега имаме време но не знаеме како со него? Цовид-19 е одличен психолошки експеримент.
Д.Аврамоска Радеска
Кога ќе помине ова лудило ..ќе земам одмор и не излагам од дома .Пет дена ќе се самоизолирам да не видам човек со очи.
Весна Вики
Кога ќе заврши ова лудило 5 нешта кои неизоставно ќе ги направам..
1.Конечно ке почнам со подготовките за свадбата на ќерка ми..зашто цел живот го чекав тој момент.
2.Ќе ти закажам на тебе Ано моја средба(подарокот уште ти стои)
3.Ќе идам кај другар ми Ленин Јовановски у кафич и не си одам дури не ме истераат (кафе вотка после пак кафе и така редом)
4.Ќе си ги изгушкам родителите зашто се во изолација (како медицинар да не им пренесам нешто)
5.Ќе идам кај чичко ми во Ческа да си го видам него и братучедите зошто ''колку љубов на овој свет му остана''.
Редоследот на нештата може да биде и изменет .
С. Р.
Ќе му се радувам на секој ден, како да е последен. Поздрав Ана
Ани Н.
Нема да му се лутам на маж ми и син ми кога нема да ме оставаат да чистам во сабота за да одиме на викенд
К. Г.
Кога ќе помине коронава ќе ја однесам вереницата во Турција на пред брачно патување а после свадбата сите пари ќе ги потрошиме на некој остров кај што ќе биде толку вруќо за да спиеме на плажа и да надокнадиме што збеснавме дома.
Мартина П.З.
Откако ке помине сето ова лудило ДАЈБОЖЕ се’ да биде ко со треба...
Првото нешто што ќе го направам е да одам кај МАЈКА и ТАТКО да ги изнагушкам како да било крај на светот, најсилно што можам да им ја искажам мојата љубов која ја имам кон нив и да им кажам колку само неможам без нив...
Втора работа е да ги однесам децата сите 4 туто комплето секаде каде што ќе посакаат, бидејќи не се излезени со денови веќе незнам колку..
Трето што ќе направам е да одам на работа затоа што ми фалат колегите.
Четврто одам да се изгушкам ако треба кај секоја другарка посебно на врата, зошто знам дека нивната прегратка е најискрена...
И како последно си посветувам време за себе...
Бидејќи навистина го немав за сето ова време што поминавме во карантин нормално секогаш за доброто на децата, бидејки тие ми се се’ во животот...
Б. Б.
Како пензионер од ризична група прво ќе ги видам внучињата и ќе одам на прошетка со нив во паркот и на партија шах со соседот.
Николина С.
Со другарките ќе идеме у Сити Мол на филм, сладолед и да си купиме нешто за облакање. Седенка у парк на трева, а Мики да ме нервира со гитарата пошо не знае да свири а се прај дека знае и мисли дека така се фаќаат женски.
“Ќе имам поише секс”
“Ќе му кажам дека го сакам”
“Нема да носам ракавици ни во зима”
“Ќе си фатам дечко доктор”
“На одам кај бабами на ручек и ќе изедам се што ќе ми стави во тањир. Само прашува на телефон дали јадам”
“Чекам да почне фудбал”
“Ќе правам второ дете”
“Нема да се плашам кога некој ќе кивне или закашла”
“На келнерот у кафана ќе му оставам напојница колку една плата”
“Ќе одам на фризер козметичар и масажа”
Цветанка Конеска
Најпрво ќе истрчам да ги видам мајка ми и татко ми на 3км. од мене ; Со најубавата торта да ги издуваме свеќичките за нивните родендени , мојот, на син ми и на внука ми ; Да се изнагушкаме и изнасмееме за сето ова време што си фалиме ; Ќе наполниме едно кафуле со најдобрите пријателки и колешки за сета поддршка и разменети шеги на соц.мрежи ; И на цел глас ќе викам колку си ги сакам сите !
Имаше и некои кои не се за објавување, а беа поприлично забавни и полни хумор. Не се објавени оти има изрази кои не знам како да ги амортизирам без да изгубат на автентичност, а имаше и онакви кои беа со црн хумор кој лично многу го сакам. Сепак, ова се времиња во кои хуморот не треба да има ниту една црна точка. Сакам да сите да ви се заблагодарам за довербата, за споделувањето, за оптимизмот, за искреноста, за љубовта. Да се чувате и секако се читаме повторно во понеделник на нашето редовно дружење.
И за крај, да ве потсетам да бидете секогаш нежни едни со други, особено во ова време-невреме. Да сте ми живи и здрави, ве љубам.
Алтан зборот да ти е
Ко ламба во ноќ да свети
Ко стомна вода за жеден чоек да биди
Ко корка леб во рака на сирак
Ко мирен сон за грешник
Уста ко ќе отвориш мед да потече
Ама пусто за така
За така да биди треба душата чиста да ти е
Ко бистра вода во планина
Ко небо без облаци
Ко снага на мома лична
Ко дете на мајчини гради
Душата да не ти се испогани
Со лоша мисла да не ја храниш
Со завист да не ја поиш
Да ја чуваш ко азно под перница
И одвреме навреме да ја забришуваш
Таму кај шо се заматила да ја светниш
Кај шо лошотилак капнал
Таму пиле да ја замиеш
За да не ми ти го нагризи срцето
Оти најбрзо чоек заборава кој е
Ако душата некаде по пат си ја остави
И не клај некој знак за да се врати по неа
Та после
После години ко ќе минат џабе е
И да ја сретниш пак си заборавил оти твоја била
А и да ја одминеш можеш
Оти ѓаолот веќе си ја зел и по свое ја скроил
Алтан да ти е зборот
Со него да лечиш
Со него љубов да даваш
Некому надеж
Некому љубов
Некому утеха
Ама никому бол да не нанесиш
Оти чоек колку и силен да се прај
Ниту телото
Ниту душата од камен му се
И на дикат си клава
Од умот после на срцето му тежи
Дур еден ден телото не му оболи
Дур болести не го изгризат однатре
Да ми го паметиш ова
Дека зборот знае сабја да биди
Да исечи онаму кај шо нож не можи
Да искини во чоека се’
Ко од хартија да сме сторени
Така можи зборот да те скини
Така можиш некого со збор да скиниш
И не џабе се рекло
Оти зборот треба алтан да ти биди
Поарно премолчи
Поарно на само изнапцуј се
Викај и лути се
Оти еднаш кажан да го голтниш не можиш
Ниту назад да го вратиш
И тебе ќе те боли
Не само оној за кого бил наменет
И тебе на душа ќе ти тежи
И умот таму ќе ти биди
Умен да е чоек
Умни да сме и да знајме во себе СТОП да речиме
Да го замрзниме зборот пред од нас да излези
Оти тој алтан треба да е
И ништо помалку од иљач
Ништо помалку од љубов
Ништо помалку од живот