Понеделничко-петочки муабет или “Што ќе правам после изолацијата” 2
И еве сме повторно со нашиот петочен муабет, или “Што ќе правам после
изолацијата”. Деновите си врват, пред нас е едно големо искушение кое се надевам ќе
го минеме брзо и лесно. Овој викенд ќе сме сите дома. Останете позитивни,
најдете занимација, не дозволувајте да паѓате со духот. Сепак, има многу нешта
кои можете да ги правите со вашите по дома. Играјте друштвени игри, гледајте
филмови, сега е идеален момент да си го пронајдете вистинското хоби кое ќе ви
ги држи рацете и умот спастрени. И знам дека ќе е мачно, но сето ова е за една
поубава, повисока цел отколку нашиот хедонизам. Да мине што е можно поскоро,
повторно да се вратиме на нашите навики, желби, потреби. Но, од друга страна
многумина од нас и ќе ги сменат навиките, желбите и потребите. А тоа некогаш и
не знаеме колку ни е потребно, додека не ни се случи. И во оваа меѓуколумна успеавте
да ме разнежните, насолзите, насмеете. Повторно си велам “зарем биваше да сме
исти или неверојатно слични”. Луѓето кои се нафатија заедно со мене да се појават во
колумнава сте ги гледале на ТВ, сте ги слушале, сте ги читале, ги знаете од
ваму или онаму. Им благодарам што ми ја отворија душата и што ги споделија со
мене своите 3, 5, 10 работи кои ќе ги направат после изолацијава.
Уживајте...заедно со мене, нив и вашиот и мој Женски Магазин.
И одиме...
Татјана Александровна-професорка
Откако ќе излеземе на слобода, прво што ќе сторам е тоа што ќе земам длабоко воздух со полна свесност дека почнува нова, подобра ера за човештвото. Ќе си седнам на клупа со другарките и ќе си се навалам со главата на нивното рамо. И ќе си зборуваме. Првиот викенд ќе одам во Охрид. Ќе ги гледам галебите како летаат над езерото и ќе се упатам накај Канео по мовчето. Ќе седнам на мојата карпа, под мојата врба и ќе ќутам. Ќе му ја исполнам желбата на мажот ми да одиме во Босна по стапките на Андриќ. Периодов ја чита "Мостот на Дрина", па малку се опседна и само за тоа прави планови. Така што, Вишеград, Сараево, Травник се нашата следна дестинација. И како последно, ќе влезам во море и долго, долго ќе пливам.
Ѓорги Калајџиев- новинар, поет, текстописец
Првиот ден по изолацијата ќе се обидам да останам дома уште еден ден, за да се потсетам како е да се биде дома кога се сака, а не кога се мора. Веќе следниот ден ќе "скокнам" до ближниот црковен храм "Св. Кирил и Методиј" за да му се заблагодарам на Господа што ме нема на ниеден од некролозите низ градот. Потоа ќе пропешачам до ридот за да ја видам панорамата на родната ми Струмица, повторно облеана во сонце (се надевам дека ќе го има). Ќе најдам време, заедно со ќерка ми, да ги нахраниме сите бездомни кучиња низ градот. Вечерта, ќе напишам песна за белото вино, за инает на сите опеани и препеани црни, црвени и рујни вина.)
Гордана Ѓорчева, Презентер во МТВМила Ана. Гледајќи ги твоите цртежи сфаќам дека секое лошо е за добро. Отсекогаш сум се восхитувала на твојата креативност и позитивна енергија.
П.С. Такви сме ние
Водолии
1. Прво би ја гушкала мојата бремена ќерка 24/7, на која во најубавиот период
не смеам да и се доближам, и реално страдам поради тоа.
2. Ќе ги изгушкам мајка ми, сестра ми, внук ми и сите што ги сакам. Прегратката
за мене е храна на душата
3. Ќе направам една добра дружба со моите пријателки и ќе ги бакнувам до
бескрај.
4. Ќе одвојам ден кога ќе си се почастам со некое парченце облека.
5. Но, после сето ова, сигурна сум дека цел живот ќе практикувам дезинфекција,
не само на рацете. Ќе одржувам социјална дистанца од негативни умови.
Марјан Ненов
1. Да се изгушкам ко човек со одредени личности
2. Да излезам надвор и да земам силно воздух
3. Да си го вратам социјалниот и приватен живот назад
4. Ќе избегам од градов на неколку дена
5. Ќе бидам среќен и ќе усреќам други
Рамадан Рамо Рамадани
Прва работа што ќе ја направам после изолацијата е, да побарам соодветно место каде ќе можам да го спуштам челото на земја и да побарам прошка од Господ и од земјата за мене и за целото човештво што ја поганивме толку многу оваа земја што поради тоа и Господ на нас се налути па ако ова е само негова опомена да ја прифатиме сите како таква и да се поправиме во нашите постапки.
2.Одма ќе појдам кај сите мои роднини да се напијам кафе и чаша вода и да се исповидиме
3. Би сакал да дојдам во Скопје да си ги видам сите мои драги пријатели вклучувајќи те и тебе и да си поправиме муабет.
4. Обавезно шопинг и
5. Да почнам да им молерисувам на моите муштерии како една од последните дизинфекции после оваа епидемија
Ивана Настески ( графичар)
Периодот за време на изолација никому не му е лесен.Иако сите ние, знаеме, дека е суштински важно, да си го зачуваме личниот спокој и да не ни падне моралот , сепак времето поминато во изолација, тешко ни паѓа.Затворени во сопствените светови, со ограничени можности, срушени идеи и планови, мора да изградиме нови мисли и да бидеме на нивото на присилно доделената задача. Во еден момент, 5те работи кои би ги направила после изолацијата ми се чинеа малку, та не можев да се одлучам дали би одела боса до Охрид, дали би го препливала Охридското Езеро во еден здив, дали би трчала до Љуботен во стилот на Форест Гамп, дали би вриштела во некоја шума од бесконечна среќа или би оптегнала најдолгото платно па би го насликала со боите на среќата...Сепак, од можните 5 работи кои би ги направила, би направила само една.Би си ја прегрнала слободата. Онаа на духот, на патувањата, на насмевките, слободата на движењето..Се чини, дека без слободата не можеме ниту да трчаме, ниту да пливаме, ниту да сликаме, ниту да фотографираме, ниту да патуваме.Како целата Планета,наеднаш да падна болна. Убедена сум, дека ќе ја излекуваме, но моите прашања се дали ќе станеме подобри луѓе?! Дали ќе извлечеме поука? Дали ќе се запрашаме, искрено колку светови вистина останаа без срца? Дали ќе имаме и понатаму илјада желби или само една? И навистина, здравјето очигледно стана единствена и најважна валута, после љубовта. Зарем не?
Тања Кармзова Костиглиола- поетеса
1. Најпрво ќе го скршам син ми од гушкање. Ете, веќе скоро месец дена му ги бакнувам само ножињата исклучиво и непосредно пред туширање.
2. Во план ми е да ја испочитувам пролетта, макар за мене била позна, качувајќи се на дрвото на кое му го фрлив меракот последниот пат кога бев во парк Монсо. Ваше е да се молите у која виша сила сакате за да не ме собере полиција или психијатриска единица. Благодарам однапред.
3. Ќе водам љубов. И ич не ми е незгодно да ви признаам, сметам дека онаа кон човештвото што ме води досега ми должи малце да ја водам и јас неа.
4. Ќе спукам шише шампањ со колегите и ќе наздравиме за добиените битки на нашите пациенти. Впрочем, дел од нив што вообичаено ги прегрнувам ќе ги пречекам со отворени раце.
5. Вибер кафе со Ана. Секоја во својот бар, сабајле со сè подочњаци. Имаме за зборење и за ќутење, и тоа мноооогу!
Ивана Кнез- моден дизајнер
1. Ќе скокнам од параглајдер над Охрид
повторно за да се потсетам дека сум жива
2. Ќе одам на место на кое не сум била до сега
3. Ќе продолжам да готвам
4. Ќе продолжам да читам и сликам
5. Ќе продолжам да го поминувам секој викенд во
природа
6. Ќе продолжам да одржувам дистанца во маркет
или банка.
Тоа што скроивме пандемија како род, треба да не
потсети каде се грешиме. Секогаш ќе победи природата колку и да сме алчни. Не
ги затворајте очите пред сировиот конзумеризам, животот е многу повеќе од едно
седење во кафана
Ивана Рамаданова- новинар
Изолацијата е еден вид добра лекција за сите нас кои малку подзаборавивме на вистинските вредности и оние мали нешта кои не прават среќни. Една од првите неколку работи кои би ги направила е секако средба со моите најблиски и најсакани. Да ги изнагушкам и да им кажам колку многу ми фалела нивната физичка присутност. Иако не сум голем љубител и зависник од кафе, ама веднаш после изолацијата би испила едно добро еспресо и еден Бушмилс во "Синдикат", онака со најголем мерак:) Колку и да звучи смешно, морам да посетам и фризер и стоматолог, чисто да не останам со полу скршен заб и со подрасната коса:)) Воедно со одбрано друштво имаме договор да одиме на едно "наше тајно" место во таверна на самата плажа покрај море... Ми фали звукот на галебите, мирисот на слободата и топлината на сонцето дури ми го грее срцето... Се надевам дека после ова сите ќе бидеме подобри и посовесни луѓе, дека ќе се цениме и почитуваме еден кон друг, дека ќе се посветиме повеќе кон домот и семејствата и ќе ја сакаме и чуваме природата околу нас.
Драгана Левенска-актерка
Си ветив дека нема да брзам никаде , ќе правам се умерено и нема да трчам по пропуштеното .
1. Долго ке
пешачам по кеј
2.Ќе ги изгушкам сите мои драги луге .
3. Ќе одам во театар
4. Ако се отворат граници , фаќам авион да ги видам моите родители
5. Првото кафе ке го пијам на отворено , парк , водно и сл .
6. Ќе ги зголемам дупло моите тренинзи
7. Ќе одам на планина да дишам кислород .
8. Секако -педикир , маникир , фризер и масажа задолжителна
9. Ќе ми треба и едно добро шизење по градов
Од хаштак седидома ќе прејдам на излези надвор
Карла Шкрлец - Загреб
1. ќе се вратам дома и ќе си ги изгушкам родителите и браќата
2. ќе се шетам по Загреб до “изнемоглост” (оти ми се може)
3. ќе јадам баклава со сладолед од McDonalds (веќе предолго време сакам да го пробам тоа)
4. ќе најдам начин што порано да отпатувам до Шпанија
5. цел живот ќе ги гушкам сите како последниот пат да се гледаме
Тања Димитриевска- фотограф
1. Ќе одам кај мајка ми да ја изгушкам
2. Ќе ја фотографирам промоцијата на новата книга на Ана Бунтеска во Битола и ќе ја изгушкам
3. Ќе си купам пар нови сандали
4. Ќе бидам повеќе во природа и низ град со фото апаратот
5.Ќе му се радувам на животот уште повеќе
Габриела Илиевска- медицинско лице и основач на Поинаку
Кога и ова ќе помини, а ќе помини, медицинската маска ќе ја заменам со мојот омилен црвен кармин, а со колегите со кои заедно ги врвиме најгорчливите денови, на работното место ќе изедеме купишта слатки!
Ќе станам пред изгрејсонце, ќе се качам на Пелистер и од таму ќе го гледам будењето на Битола!
Ќе ги изгушкам мајка ми и тетка ми кои ги немам видено од почетокот на пандемијата, а со брачедите под итно ќе ја закажиме традиционалната средба!
Ќе ги викнам другарките, ќе ги фрлиме телефоните и ќе одиме на зборање и на чорба...паралелно!
Ќе ги соберам моите поинакви, сите до еден, ќе седниме на Широк Сокак и со саати ќе уживаме во битолскиот кабадајлук!
Ќе му се радвам на денот и на сите кои ги знам ќе му кажвам дека ЖИВОТОТ Е УБАВ!
Дарија Андовска- композиторка
- ќе се нашминкам, дотерам и излезам без план и намера за скоро враќање дома. Минимум 3 дена. Со танцување, пеење, веселење до бесвест. And repeat.
- гушкалче сум, ќе си ги гушкам сите. Сите сите сите. Многу, долго и силно. And repeat.
- ќе си организирам патување. Колку повеќе места, колку полудо и почудно- толку подобро. Ма што едно, многу патувања. Тие секогаш ми биле најдрагата инвестиција. And repeat.
- колку што си ја сакав, почитував и чував слободата досега... Е, double that. Ма што double, triple that. And repeat. - никогаш веќе нема да поминам цел ден во кревет, без разлика колку сум уморна и исцрпена. Нема повеќе денови (па и ноќи) за пропуштање. Ни дружби од било каков калибар.
Ана Иванова-уредник во Просветно дело
1. Ќе си ја гушнам мајка ми најсилно што можам.
2. Ќе ги организирам најлудите роденденски забави за моите ќерки.
3. Ќе одам на најромантичната вечера со сопругот.
4. Ќе одам на најдолгиот можен ручек со брат ми.
5. Ќе си го испијам најдооолгото макијато со сестра ми Весна.
6. Како дел од тимот на Просветно дело, ќе ја организирам најголемата промоција на книга за Ана.
7. Ќе одам на првиот концерт со моето друштво.
8. Ќе си ги изгушкам сите драги луѓе во мојот живот.
Борис Секирарски- метеоролог и иноватор
Кога сето ова ќе помине никој од нас нема да е истиот и сите ќе мора да си ги залечиме раните. А јас? На првиот ден онака обично ќе го прошетам градот за да поминам меѓу нас кои се уште "сме" тука. На вториот ден ќе се проверам себе си. Јас дали сум тука! На третиот ден ќе продолжам како ништо да не ни се случило! На четвртиот ден ќе продолжам како ништо да не ни се случило! На петтиот ден ќе продолжам како ништо да не ни се случило! Можеби и ќе си поверувам! ...дека навистина ништо не ни се има случено! Ништо освен животот.
Баки Шакировски-параглајдерист
Ана би рекла, колку е потребно за среќа?
• За рака да ја фатам Инана, и со малечкото Пежовче да одиме до Николчо во Трпејца, Томаси на Переја... Пијани, што од љубов што од алкохол, да уживаме во глетката како Звездата тоне некаде таму далеку во хоризонтот...
• Да потонам подлабоко во нов кредит за да си нарачам нов глајдер, за да се издигнам што повисоко, да ги допрам облаците, да го помирисам воздухот, да уживам во сите тие бои на небото и земјата! Ми фали таа магија која е сплет на сите прекраснотии и стравови во едно...
• Сакам повторно во црна темнина да се качам на врв на Љуботен да го гледам Сонцето како изгрева!
• Сакам да се качам на точак и да возам... возам... возам...
• Сакам мало макијато! И Caol Ila 12ка! И Слобода!
Пред некој ден
напишав:
Ова ќе помине, и кога тоа ќе се случи, се надвеам ќе ја смените перцепцијата за
се што нè опкружува... Природата, животните, како се однесуваме помеѓу себе...
Се надевам со други очи ќе гледате, ќе мирисате поинаку, повеќе ќе слушате...
"Сé ќе биде, само еден ден нас нема...."
Држ'те се...
Весна Дукоска-директор на Просветно дело
1.Ќе го славиме роденденот на мојот најмал син Филип, поради ситуацијата не го славеше со деца од училиште, сите негови другари и другарки едвај ја чекаат забавата
2.ќе го славиме роденденот на мојот поголем син Андреј, поради ситуација не го славевме сите заедно со поширокото семејство и неговото друштво. Денес полни 20 години и ќе биде голема забава
3. ќе одам кај моите родителите на ручек, со брат ми ќе пиеме кафе
4. ќе го славам роденденот на ќерка ми Јана кој е во мај...се надевам до тогаш ќе заврши изолацијата
5. ќе го славиме роденденот на мојот сопруг Горан кој е во мај и се надевам тогаш ќе биде завршена ситуацијава со вирусот
Жарко Костиќ-мотивациски говорник
1. Кафе во BKW
2. Пастрмајлија во Астера
3. Тенис во евросет
4. Предавања низ Македонија
5. Работа со клиенти во живо
Дејан Георгиевски Жапон-кафе бар Жапон
После изолација сто ке направам прво:
1. Ќе седнам сам во Жапон и ќе испијам 2 еспреса
2. Ќе одам во кафана цел ден со сите што ми недостасуваа
3. Ќе го запалам моторот првпат оваа сезона и ќе се возам низ град
4. Ќе одам во Сити мол и ќе изнакупувам гардероба за сите пари
5. Ќе одам во црква да запалам свеќа и да се помолам за здравје
Билјана Темелкова-Бејковска-Центар за човекови права
Секогаш мислев дека не постои никој кој би можел да ме запре во намерата да правам што сакам. Но, ете доживеав и јас да бидам послушна и да почитувам правила (за прв пат во животот). Многу работи ми недостигаат дури сум во карантин, ама за оваа прилика еве пет кои ќе ги направам, откако ќе ја поздравам пандемијата:
1. Ќе ги видам и најсилно ќе ги гушнам моите родители!
2. Ќе го прославам мојот роденден!
3. Ќе уживам со моите пријатели! Ќе пиеме кафе, ќе јадиме салати, лепче со лук, по некое благо и сладолед! Ќе се смееме и бескрајно ќе уживаме во слободата!
4. Ќе се потрудам да се исклучам од виртуелниот свет, различните вести, статистики и информации. Ќе се насочам кон природата! Ќе ги надокнадам сите изгубени чекори низ планина! Задолжително е и некое патување. Најблиска дестинација – Скопје и Охрид. Од карантинот ќе ги задржам само книгите! Може и по некој филм!
5. Ќе уживам во разубавувањето, дотерувањето, купувањето ситници и подароци! п.с. Ќе живеам, ќе дишам, ќе го славам секој нов ден! Секое утро ќе се трудам да бидам посреќна верзија од себеси.
Милена С. Цветановска-Статуафест
1.Ќе ја гушнам
мајка ми, без маска и ракавици на мене! Тоа е првата работа што ќе ја направам.
Со оглед на тоа што нејзината работа значи контакт со многу луѓе, строго се
придржуваме до мерките.
2. Ќе изиграм целодневен уличен перформанс. Како што станува времето се повеќе
сончево, до толку повеќе ми фали работата како жива статуа. Лошо е што сите
настапи ни се откажани заради целокупната ситуација.
3. Статуафест. И ова едвај чекам да се случи!
4. Патувње! Многу ќе патувам!
5. Ќе одам на коктели со другарките во балски фустан, круна и високи штикли!
Ирена Спировска-новинар
Еве ги 5-те работи кои се на врвот на мојата листа што сакам да направам кога ќе заврши изолацијава:
1.Да се качам на некоја од нашите преубави планини повисоки од 2 000 метри надморска височина и да уживам во природата...
2.Да направиме голема семејна дружба и ручек во родното место на мојот татко, прекрасното село Лешок под големите сенки на старите ореви и костени покрај Лешочкиот манастир
3.Да возам велосипед околу Мавровско езеро и да јадам качамак кај мојата пријателка Ника
4.Да одам на вечера во омилениот ресторан со моите пријателки за да се изнаприкажеме и да наздравиме за што останало позади нас и за се она што доправа доаѓа
5.Да ја однесам Искра Донева на Виенски бал за кој се подготвувавме со голема возбуда, но за жал се одложи за месец мај поради новонастанатата ситуација со пандемијата
Биба-Нирвана
После ситуацијава (не сакам името да и’ го спомнам) како ПРВО би направила вака: 1.Ќе си отворам дуќан, ќе си ги дотерам моите муштерики и муштерии (ти си прва на список) да бидат убави и срекни.
2.Ќе си одам во кафана со моите на ручек ,вечера додека не не’ избркаат
3.Ќе си отидам во природа со мојот сопруг, ќе си кулираме во убавините 4.Ќе шетам по дуќани за да си се подновам нешто
5 Ќе си отидам во Сплит за мојот витамин( море ) што ми фали
Продолжуваме и следната недела. Продолжуваме со оваа петочна колумна која се разликува од понеделничката, додека еден ден не кажат на ТВ “готово е, помина”. Ви благодарам на сите пораки кои пристигнуваат и кои (ветувам) ќе бидат објавени и во следните колумни во петок. Пишувајте ми за вашите желби, соништа...пишувајте ми се’ што ќе ви падне на ум, без да се плашите дали е тоа банално, смешно или обично. Не постои желба која е банална, смешна или обична. Праќајте ми свои мисли, песни, па и пцости (некако ќе ги дотераме заедно за ем да не ви тежат на душа, ем да може да се објават). Читајте ги овие прекрасни луѓе и дозволете и тие вас да ве прочитаат. Деновиве од викендот ќе ве бомбардирам со поезија, а во понеделник ќе ја имаме новата колумна, новиот понеделнички муабет.
И да знаете, не сте сами во било какво расположение и да се наоѓате. А и ова ќе мине, наскоро. Да сте ми живи и здрави, можеби не можеме да се гушкаме, ама можеме да напишеме или кажеме убав збор. Ве љубам!
Неќам чурук луѓе
Да им го гледаш забалото
А во очите сонцето им згаснало
Ич ги неќам таквите
Демек убај
Демек фини
А ко ќе те прашаат како си
Погледот им шара налево-надесно
Чунки гајле им е
И не им е
Не им е гајле ниту кој си
Ниту како ти е
Дал тежина на душата носиш
Или радост во срцето ти пее
Таквите милост немаат
Дури ни кон себе ја носат
Оти брана кај грлото си клале
Та нит да плачат можат
Нит да се кикотат со тебе
Такви многу изникнаа
Ко коров
Така баба ми покојна велеше
“коров-луѓе, кај не ги садиш, таму ќе ти никнат”
А мене троа страв од нив ми е
Оти јас кавгаџиите си ги сакам
Та и плачковците
И оние кои дур смеата им гргори
Земјата околу ѕвони
Тие, таквите мои се
Убај
Со милост во ликот
Ко ќе те погледнат
Ти се чини дека на облаци лежиш
Меко ти е и топло
А ко ќе те изгушкаат
Ех
Ко во висока трева зелена да се тркалаш
Мирисаат убо тие луѓе
На спокој и арнина
Оти и арнината мирис има
Исто ко лошотилакот
Ама тој смрди на гној
Смрди на душа расипана
На нешто шо те тера подалеку да бегаш
Моиве луѓа сите убо мирисаат
Зато ко ќе ги гушнам да плачам ми иди
Од радост
Од среќа
Од шо ми се чини оти дома сум си дошла
Таквите Господ и Универзумот да ми ги поживеј
Таквите
Моите убај, убај луѓе