Попреченост

Добивај вести на Viber

Ја туткам темава за попреченост веќе со недели, ја префрлам како платнено марамче од џеб в џеб, ја премотувам, ја превиткувам, ја предиплувам и пеглам, па пак ја враќам. Имам толку многу да пишувам за неа и не знам од кој крај да ја фатам...

И, еве, веќе мојата порака доби форма.
Во животот сум имала и осетила многу попреченост. Не преку мене, туку преку блиски.

Кога имав 18 години, мојата мајка се разболе и оттогаш имав мајка со посебни потреби, којашто, иако не живеев со неа, стана моја голема грижа и обврска. Тоа беше голема попреченост за нас. Ми требаше време да почнам воопшто и да разговарам за ова со другарки, со познати... Ми требаше време да почнам да зборувам за тоа како дел од животот, како нешто што не е слабост, не е срам, и најмалку од се’, е моја вина. Ми требаше време (а тоа време дојде во последнава деценија) да разберам дека не морам да покажувам дека се’ е во ред, дека јас немам проблеми и потешкотии, дека имам контрола врз се’. Ха-ха! Какви некорисни верувања!

Од мојата 18-та година (а, можеби и порано), јас живеам живот со попреченост.
Дали е добро за мене и за сите да не го покажам тоа? Не. Како би покажала дека можеме да живееме, постигаме и бидеме тоа што сакаме и покрај сите пречки и попречености што ни се појавуваат на патот? Како ќе научиме што се’ има, што се’ сака да ни покаже и создаде природата, Универзумот, ако тргаме поглед на страна и гледаме само во она што го нарекуваме „нормално“? Како ќе научиме повеќе и поинаку?

Последните 10 години јас сум мајката со посебни потреби. Моето помало дете има попречености во развојот, нему му беше тешко да го развива и усоврши говорот, тешко му е учење, читање, насочување на вниманието на едно нешто, препознавање на своите емоции, меморирање, чекање, трпение, ред други работи... За волја на вистината, има многу работи што не му се тешки и ги знае и прави подобро од мене или од голем број други луѓе.  

Јас имам попречености во секојдневното функционирање.
Но, тие не ме спречуваат.

И, си велам: А, кој нема? Кој нема попреченост? Кој нема посебни потреби?

Универзумот не создава вишок луѓе на планетава, сите сме уникатен модел, секој за себе, со свој датум на производство и верувам дека претставуваме тест (пробен модел) за сите попречености и посебни потреби што Универзумот сака да ги истражи на оваа планета како вселенска лабораторија, за да ни подготви разни лекции од надминување, истрајност, верба, оптимизам, човечност, солидарност, креативност....додавајте сами.

 
Си велам: Која сум јас да се противам на тоа?

И, го слушам, Универзумот како ми одговара:
„Ти си таа. Ти си таа и ми требаш. Те праќам на оваа планета за преку твојот живот да успеам да дојдам до нови одговори, нови начини, нови докази за моќта на човечката издржливост и на креативниот човечки потенцијал. Она што, вие, луѓето, го гледате и доживувате како ПОПРЕЧЕНОСТ, тоа се моите различни модели на луѓе преку кои го усовршувам животот на вашата планета и ВЕ УЧАМ и вас да се усовршувате самите.

Те праќам за да го примениш сето тоа искуство и да го комбинираш со дел од бесконечните знаења што ви се ставени на располагање, за да придонесеш за ослободување на креативноста и видливоста на, на пример, многу други жени што гледаат и чувствуваат некаква попреченост. Во себе или околу себе. На тој пат ќе разбереш дека сите имаат посебни потреби и така ќе ги поддржуваш. Како посебни. Секоја една од нив.“

За што може да служи вашиот живот?

И кога мислев дека тука е крај на колумната, јас ја запознав Енџела К.
Таа е од САД и сака да и’ бидам коуч за да го развие својот личен бренд, насоката на нејзиниот бизнис и самодовербата во настапот пред светот и пред клиентите. И ова би можело да биде доволно возбудлива позитивна приказна за мојот нов продукт, бидејќи моите знаења и искуства, заедно со технологијата, ги надминуваат сите попречености што, во случајов, може да ни ги постави Пацификот.

Она што ме заплисна како бран од океанот по лице и по целото тело е приказната на Енџела. Таа има 32 години. На 7 години паднала на глава на некое игралиште и добила сериозна повреда на мозокот, по што следеле операции и речиси сите и’ предвидувале дека нема да заврши школо, никогаш нема да вози автомобил и што уште не.

Да скратам: Енџела не само што завршила колеџ, сама вози автомобил, туку завршила (како мене) и НЛП Мастер сертификација и неколку сертификации за коуч. Едната страна од телото малку послабо ја користи. Но, веќе работела и со клиенти во изминатите години. Млади луѓе. Енџела сака да им помогне на луѓето да разберат како можат да го менуваат својот ум и да постигнат се’ што сакаат во животот.

Имате ли вие некаква попреченост?

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching