Посен рецепт: Зошто денеска се прават младенчиња

Добивај вести на Viber

Денес православните верници го празнуваат Младенци, Денот на Светите 40 маченици, во спомен на младите војници кои го положиле животот за верата во Исус Христос. Во народот, овој празник е познат како Младенци кој го одбележуваат сопружниците во првата година од бракот.  Еден од обичаите кој е врзан за овој празник се младенчиња. Домаќинките, според обичаите прават 40 колачиња, ги печат и ги премачкуваат со мед, со што се изразува желбата, браковите склучени ова година да бидат слатки. Младенчињата секогаш се подготвуваат посни, поради Велигденските пости. 

Потребно е:

- 600 грама брашно

- 300 милилитри млака вода

- 45 грама свеж квасец

- 2 лажички шеќер

- 1 лажичка сол

- 3 лажички маслиново масло

- мед за премачкување


Подготовка:

Во млака вода ставете го шеќерот и оставете го квасецот да порасне. Во соодветен сад ставете маслиново масло, додадете го квасецот, солта и со брашното замесете меко тесто. Садот со тестото покријте го со чиста крпа и оставете го на топло место 30 минути, додека не надојде тестото. 

На работна маса на која претходно сте ставиле брашно истурете го тестото од садот. Со сукало рзвлечете го на 1 сантиметар дебелина, а потоа со чаша или со некоја модла во форма на круг направете кружна форма. Многу е важно да не ви остане тесто и целото да го потрошите за 40-те колачиња. Ако ви остане вишок тесто, ставете го на последното колаче. Наредете ги на подмачкана тава или обложена со хартија за печење. Покријте го со крпа и оставете ги колачињата да надојдат уште 30 минути. 

Колачињата премачкајте ги со масло. Ако во времето кога се Младенци има расцветани овошки, скинете едно гранче и со него на 4-5 места избоцкајте ја површината на младенчињата. Ако не најдете расцветано гранче, направете го тоа со босилек.

Ставете ги во загреана рерна да се печат околу 20-25 минути на 200 степени. Печените младеничиња, додека уште се топли премачкајте ги со мед и оставете ги да се оладат пред да ги послужите.