Постави ги границите!

Добивај вести на Viber

Во секојдневниот живот сите ги почитуваме границите или ограничувањата, се разбира оние кои се видливи и ни бодат очи. Па така, избегнуваме да паркираме онаму каде што е забрането, застануваме на знак СТОП или на пешачки премин (ова важи за тие кои имаат сообраќајна култура), не напнуваме ко волови во купус ако стои знак ЗАТВОРЕНО во продавница. И  сето тоа го правиме оти знаеме дека ќе го јадеме стапот по грб ако постапиме спротивно, или ќе ни страда џебот/слободата. Да нема закони и да нема последици од дивеење, веројатно би било многу поинаку. Со колективниот синдром на “знаеш ли кој сум јас” и мислењето дека сите сме Итар Пејо, би биле идеална подлога за деструктивност, па и автодеструктивност. Но ова важи само за работите кои знаеме дека ќе ни се удрат од глава ако ги сториме, оти кога се работи за меѓучовечки односи, нештата се малку покомплицирани. На чело не ни стои ферман колку можеме да поднесеме и до каде е дозволено да се оди, ниту пак имаме одважност (па дури и храброст) да кажеме дека нешто не ни се допаѓа. Оттука произлегуваат сите недоразбирања, проблеми и конфликти. Ставањето граница во односите со луѓето е прилично зезната работа од сите можни аспекти кои можат да ви паднат на ум. Од една страна имаме нелагодност дека ќе навредиме некого, а од друга страна се плашиме да не бидеме отфрлени.

Да бидам искрена, секогаш кога ги пишувам колумниве имам во главата флешови од минатото и тоа не само од далечното минато, туку и од поново време. И ден-денес се фаќам како се пазарам сама со себе кога треба да ја ставам црвената линија и да посочам дека “до тука може, а понатаму не само што не може туку е и забрането”. Моето снебивање од поставување граници не е дека сум ептен фина и љубезна (иако знам да бидам), туку од што ми е незгодно што мора да се ставам во позиција да се чувствувам непријатно. И сега се поставува прашањето зошто ми е непријатно и што ме прави да се чувствувам инфериорно во однос на луѓето кои имаат преголема самодоверба (или поточно, самобендисаност), па се силат и мислат дека сé им се може. Знам дека инфериорноста која ме обзема и фрустрира е мој личен проблем, со кој вака или онака мора да се справам. Но, зошто ја имам? И бидејќи сум скроена да бидам аналитична до раб на “вадење душа сама на себе-душоваѓање”, почнав да анализирам. Моето анализирање на било која состојба која ме измачува е страшно тупаџиска работа, оти кога ќе се фиксирам на нешто не си давам одмор додека сé не ми стане јасно.

И како секој добар археолог кој сака да копа по сопствените стравови, слабости и фрустации, почнав да роварам внатре во она што претставува градежен материјал од кој сум скроена. Открив неколку работи кои ама баш ич не ми се допаднаа. Немојте да мислите дека сега ми е нешто посебно убаво што ќе ги споделам вака, ама знам дека ако допрам барем до еден од вас и ако барем еден се најде во муабетов, можеби и ќе има некакво (па нека е и минимално) влијание за да смените нешто.

Првото што го открив беше страв од напуштање. Не знам дали е тоа така бидејќи немам браќа или сестри ама знам дека како едно дете во семејството стравот од напуштање ми бил огромен. Почнувајќи од пријатели, завршувајќи со партнери. Граници? Јок, ма какви граници на тој страв дека некој ќе си оди од мене. Не ми било важно дали некој вистински ме сака како пријател или жена, дали се грижи за мене или дали ме чува. Јас бев таа што љубеше за двајца и што одеше надвор и од своите можности и капацитети само за да не бидам оставена. Глумев глувост на озборувања зад грб од “блиски”, замижував пред очигледни знаци дека сум била изневерена или со еден збор, се правев слепа и глува за и на сé што можеше да резултира со осаменост ако изреагирам.

Второто беше суетата дека секој мора да ме сака. Тоа е оној момент кога егото станува толку силно, што дури и правењето нешто што било вон сите мои принципи или убедувања ми било ок, само за да добијам потврда дека јас сум ОК. А во психологијата има една вистина која вели дека човек ако сам за себе не е ОК, тогаш сигурно нема да биде и за останатите. И така бев (не)ОК, скриена зад лажната слика што ја имав за себе.

Третото беше огромната несигурност дека вредам. Ова го имам дури и до денешен ден, секогаш сум со сомнеж во себе кога се работи за тоа дали и колку вредам. Оставете ги мудростите од типот “паметните луѓе се сомневаат во себе”, оти лесно се губи осетот за тоа каде завршува сомнежот, а каде почнува несакањето на себеси. И како што тоа секогаш бива, сите наши слабости се како крв во море за ајкулите. Апсолутно ќе ве намирисаат и апсолутно ќе ве нападнат. Само што во случајов, мене секогаш ми страдаат срцето и душата. Ич не ми беше во прилог што ајкулите се препредени и многу добро знаат како да ми го зголемат чувството на несигурност за да издејствуваат сé што ќе наумат.

Соочувањето со себе отсекогаш ми била најмачната, најболната и најпроклетата работа која сум ја искусила и која секојпат (без оглед колку пати сум ја минала) ме измачувала до изнемоштеност. Но, од друга страна секогаш била и најлековитата придобивка оти сакале ние или не, кога доаѓаме до таа точка назад веќе нема, нема каде. Почнав да ставам граници, полека и многу неамбициозно, оти ми беа терет. Почнав да учам да си ги слушам умот и телото, оти ми се потврдило милион пати дека константната болка во желудникот, гушењето во грлото (како да ви се заглавило нешто внатре), срцебиењето и немирот во утробата се секогаш знаци дека одам против себе. Пробај, откажи се. Почни, застани. Па  згора на сé (како јагода на шлагот), чувството на грижа на совест дека велам НЕ жива ме изеде. Работата врвка, кај некој душа низ нос ти вади, па уште и да се чувствуваш виновно дека треба да изреагираш. Нит се водев, нит се терав, ама не се откажував.

Знаете, има моменти во животот кои кога ќе се случат, многу работи ви се разјаснуваат, ве просветлуваат и ве менуваат. Еден од тие мигови беше болеста на татко ми, кога најгрубо ме тресна од земја сознанието дека кога човек се разболува, ретки се тие што остануваат тука. Мистериозно ги снема сите оние кои барале услуги, сите кои знаеле дека вратата им била ширум отворена и за арно и за лошо. После тоа, уште еднаш го почувствував истото кога се разведов. Едноставно, луѓето ги снемува како да имаш чума, иако по сите медицински норми разводот не е заразен. И тогаш станав свесна дека не само што сум сама, туку и дека можам сама, дека знам сама и дека нема ништо полошо од тоа да си напуштен од сам себе. Застанав на нозе дури откако повторно научив да чекорам по својот пат, без да скршнувам и без да барам опции кои ќе ми го скратат чекорењето и она што морам да го минам за да стасам до себе. И сфатив дека границите сами си се поставија, неосетно и бескомпромисно.

Не е точно дека сега сум апсолутно имуна на нелагодноста од ставање граници, би ве излажала ако речам дека е така. Разликата од тогаш до сега е дека многу повеќе се почитувам и повеќе се сакам себеси. Немам веќе дилема дали да почнам да мрчам ако нешто не ми се допаѓа, оти ако премолчам имам презир кон Ана која била олицетворение на сервилност.

Зошто ви го кажувам ова? За да знаете дека сите ги биеме истите битки и ги имаме истите слабости. За да знаете дека сите се прашуваме “зошто мораше ова баш мене да ми се случи”, но и за сте свесни дека некои работи колку и да се болни, треба да ни се случат за да се гледаме не само себе поинаку, туку и другите. Ви го кажувам ова оти знам што значи да не може човек да се погледне во огледало и што значи за психата кога дозволувате сé и сешто. И ако ништо друго, да знаете дека не сте сами, ниту во убавите, ниту во лошите расположенија. Затоа, ставајте граници секаде и секому ако се почувствувате лошо заради нешто или некого. Не давајте да ви газат по душата, ниту да ви плукаат на добрината. Оние кои ве сакаат и почитуваат, ќе останат и ќе внимаваат на секој збор и дело кон вас. Оние на кои им е поважно да си го истераат своето на ваша штета, одминете ги. Сепак, мора човек да научи да плива во морето полно ајкули...и да преживее.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Никој не е поважен од тебе

Да, тебе ти зборувам

Токму онака како што и себе си велам

Тогаш кога паѓам удолу

И кога ми се чини оти крај нема

Кога мислам оти болката е амбис

Кој целосно ќе ме проголта

Без да можам и без да знам

Како назад да се вратам

Никој

Ама баш никој поважен од тебе не е

За да го дадеш срцето на тацна

И душата ко градина да ја отвориш

За да ти газат со валкани чевли

На кои се собрал смет

Од нечија желба да те избербати

Никој од тебе поважен не е

Дури и кога најмногу се сомневаш

Дека за љубов си создаден

И дека убост треба да ти светне

Кога во огледалото се пулиш

И желудецот ти се наткрева

Од кловнот кој во него ти се смее

Никој

Ама баш никој не смее да ти биде

Поважен од срцето и душата твои

И желбата за да си ги пазиш

Од алчни раце да ги сочуваш

Кои се учени само да грабаат

Без усул и без милост

Оти многумина на патот твој

Кои со уста ти се насмевнат

А очите од челик ќе им бидат

Не те есапат за човек

Да не даваш

Да не си дадеш себеси дозвола

Некој поважен од себе да ти стане

Не од суета

И не од самобендисаност

Туку за да не ти се урниса животот

И ноќ во денот да ти влезе

Оти додека човек на човек волк му е

Дотогаш да се пазиш

И на себе прво да си мислиш

Без никому лошо да сториш

И без мисла лоша да те јаде

Оти нема ништо полошо

Кога со сите си

А без себе остануваш

Како сирак кој веќе ништо и никого нема