Поучни пораки за добри дела: Две нови книги на Ана Бунтеска во издание на „Просветно дело“

Добивај вести на Viber

Во издание на „Просветно дело“, на отварањето на Саемот на книгата, беа промовирани две книги на авторката и наша редовна колумнистка Ана Бунтеска. Станува збор за тин-романот „Девојчиња и момчиња“ и за збирката раскази „Шарени приказни“, чија содржина претходно излегуваше во продолженија во „Наш свет“ и во „Развигор“.

„Девојчиња и момчиња“ е роман посветен на сите тинејџери и на оние кои се чувствуваат така, приказна за другарството и за љубовта. „Шарени приказни“, пак, е збирка раскази за деца, за најразлични ситуации од детското секојдневие: на училиште, дома, на улица, во природа.. Станува збор за книга за децата, за родителите, за учениците, за старите и за младите, за сонувачите, за другарите и за другарките..

- Двете нови книги на Ана ги тераат децата и младите да мислат! Им го развиваат љубопитството во правец на поттикнување на критичко, иновативно размислување, надвор од стереотипните шеми. И не само да мислат со своја глава и критички да расудуваат, туку и да прават добри дела. На суптилен начин им ја поттикнува хуманоста и благородноста. Поучните пораки што Бунтеска ги праќа не звучат како клише фрази кои од едното уво влегуваат, од другото илзегуваат, туку како духовни патокази за изборот животот да го живееме добро, добронамерно и хумано. Кај неа екологијата на духот и екологијата на умот одат рака под рака - напиша Ана Јовковска, промотор на изданијата.

Продажна цена на секое од нив е 250 денари. Бунтеска во недела во 12 часот повторно ќе биде присутна на Саемот на книгата во ВИП Арената „Борис Трајковски“ на дружење со читателите.