Правилниот биоритам е клучен за мојот успех: Интервју со Мери Мирческа, шампионка во планинско трчање
Фокусот, посветеноста и самодисциплината се клучни и неопходни моменти за успех при долгите планински трки, но пред се’ мора да имате огромна љубов кон планината, раскажува Мери
Мери Мирческа е наш женски планински тркач, која се класифицира како најдобра. Таа ги обожава планините, па планинарењето како омилена активност се претвори и во нејзина професионалност. Секогаш во потрага по подалечното и недостижното, ја откри планинската атлетика, па така трките по планините, покрај нејзиното срце, ги исполнија и нејзините раце со многу признанија и освоени први места. На повидок е најголемиот предизвик досега, односно Мери доби сигурно учество на најпрестижната светска трка годинава, во Франција. Таа е, исто така, дел од работната организација на Тинекс и со тоа покажува дека вистинските пасии во животот, не можат да го успорат неговото нормално функционирање. Напротив, таа добива само поголема поддршка од колегите и, се разбира, од семејството.
*Во кој животен момент ја создаде сликата да бидеш она што си денес, најдобар планински тркач?
- Во еден спонтан, извонреден момент кога со моите стари пријателки и нови пријатели решивме да започнеме да трчаме на планина и од сета дружина се издвоивме само двајца, кои што им „забегавме“ на останатите со километражата. Пак нагласувам, сe` се случи спонтано, природно.
* Ги обожаваш планините и височините. Како изгледа врвот од најгоре?
- Јас ги обожувам планините во секој свој сантиметар, и на подножјето и во шумата и над шумата. Од најгоре врвот изгледа сериозно. Ме плени глетката што ја дава врвот.
* Кога станува збор за поголеми трки, за подалечни дестинации и успеси, како се предизвикуваш самата?
- Токму тоа е и причината што сум целосно посветена на овој спорт, големите трки. Уште кога за првпат дознав дека има трки со должина од околу 160 км кои се трчаат непрекидно ден и ноќ на планина, беше голем пленувачки предизвик за мене. Неопходно е да направиш одличен менаџмент за да ја истрчаш таа должина успешно. Мора да си определен, фокусиран, посветен, а пред се’ да имаш огромна љубов кон планината. Мора да си самодисциплиниран.
* Те очекува огромен предизвик оваа година. На 30 август ќе трчаш на најпрестижната светска трка во планинско трчање во Шамони, на Мон Блан во Франција. До каде си со подготовките и како се чувстваш?
- Многу сум среќна и благодарна што ја имам можноста да учествувам на таа најпрестижна светска трка на Алпите во трите држави Франција, Италија и Швајцарија. Во тек сум со подготовките и се надевам дека здравјето ќе ме послужи за таа трка.
* Во подолгите и поинтензивните планински трки, кога најчесто се случуваат критичните моменти, како се справуваш со нив? И која е првата мисла на мотивација, која сама по себе ти доаѓа?
- Најпрво се пцујам себе си, па ќе се налутам, па криза и се така по ред. Најнормално е да се има криза на тој напор што се вложува. Но, критичен момент е надминувањето на таа криза. Многу битен фактор е менаџирањето на храната и напитоците, би рекла од клучно значење е да не дозволиш да дехидрираш воопшто.
* Колку посветеноста на планинарењето и трчањето ти остава простор за друга работа?
- Доволно време. Јас работам 6 дена неделно и имам разбирање од другите колеги и колешки, а исто така имам разбирање и од дома.
* Чија поддршка досега ја поздравуваш како најголема?
- Една моја драга колешка Соња, која во името на мојата работна организација Тинекс, ме поддржа во мојот почеток, кога немав постигнато никакви резултати. Тоа најмногу ми значеше. Потоа, добив поддршка и од мојот најдобар другар Диме. Без поддршка не може да се напредува. Исто така многу се поддржуваме јас и мојот трениг партнер Александар, работиме тимски и ги споделуваме сите моменти на кризи и радости и достигнувања поврзани со овој спорт.
* Една здрава навика која ја практикуваш и ја препорачуваш на сите.
- Правилен биоритам. Редовно спиење во ноќните часови. Разновидна исхрана која се состои од сите видови на храна: овошје, зеленчук, месо и млеко, односно според потребите на индивидуата, поголема застапеност на еден или друг вид на храна во одреден период. Тренирање во секакви временски услови со соодветна опрема, а не барање изговори: ладно е, вакво е такво е.
Емилија Манасијева