Пред огледало со Јована Стојменовиќ: Не сум зависник од салоните за убавина
Таа е ранобудник и секое утро, на гледачите на утринската програма „Ја сакам Македонија“ им почнува со нејзината насмевка. Јована Стојменовиќ, освен за водител и новинар со правилна дикција, важи за една од најнегуваните жени во домашниот јавен живот. Откривајќи ги своите ритуали за убавина, Јована вели дека многу внимава на негата на косата, карминот ѝ е најважен дел од шминката, и си ветува дека наскоро активно ќе им се врати на фитнесот и на аеробикот.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Јас верувам дека негата може многу да придонесе во процесот на забавување на стареењето, па на дневно ниво вложувам во неа. Почнувам со основното - миење на лицето со благо средство и студена вода, па нанесувам хидратантен крем за лице, кој освен што треба да ја потхрани кожата, ми служи и како база за течната пудра, а потоа во зависност од обврските нанесувам онолку шминка колку што е потребно.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Преферирам медицинска козметика бидејќи сум склона на алергии на козметички препарати. Употребувам Vichy производи, кои освен што се хипоалергени, ми одговараат поради високата хидратација што ја обезбедуваат. Кремовите и серумите на овој бренд содржат и минерали од термалните води во составот, а истите се покажаа многу пријатни за мојот тип кожа. Обично одбираме витамински кремови, занемарувајќи го ефектот на минералите врз кожата, а сите знаеме колку се пријатни термалните води и морето за кожата. Со мојот ангажман како уредник во „Убавина и здравје“ добив многу нови сознанија од професионалците што се однесуваат на правилна нега, но и информации за брендовите и уникатните производи, па изборот ми е многу поедноставен.
* Посетувате ли козметички салони?
- Не сум некој зависник од услугите на салоните за убавина. Преферирам домашна нега, но не можеме се што е потребно да си обезбедиме во домашни услови. Затоа во „Студиото Сикрет“ одам поради професионалната нега и масажите кои обезбедуваат ефекти и за убавината, но и за здравјето. Ми се допаѓаат нивните професионални третмани за лице со маски за потхранување или третманот со кислород кој се изведува со апарат кој овозможува продор на кислородот во длабинските слоеви во кожата и обезбедува брзо видливи резултати, па затоа ми е омилен.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Основна нега на косата да ја третирате што помалку со хемиски препарати и апарати за стилизирање. Ниту најквалитетните производи не можат да ја поправат ситуацијата кога влакното сериозно ќе се оштети. Поради природата на работата, јас морам да ја фенирам и стилизирам косата, но гледам истото да го сведам на минимум и секако да го доверам на професионалци чиј приоритет е пред се здравата коса, а таков е тимот на „Бубе студио ИН“.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Ги прикривам несовршеностите на тенот со кремови и пудри за лице. Немам потреба од коректори, но секогаш нанесувам пудра за лице кога излегувам. Во зависност од расположението или приликата, ги истакнувам или очите со сенчање, туш и маскара или усните, но ако ставам акцент на нив со крамини во интензивни нијанси, на очите нанесувам само маскара.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Ја сакам декоративната козметика на Lancome, нивните сенки за очи, кармини и сјаеви се единствени. Употребувам MAC маскара и Guerlain бронзер и руменило.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Само камена пудра, за да го матирам лицето кога сум пред камера и кармин за усни. Задолжителен е и балзам за нега на усните и антибактериски влажни марамчиња за рацете. Несесерот во чантата ми е прилично тенок, но затоа кога патувам, препаратите за нега на лице и тело, од гелови за туширање, пилинзи, шампони, маски, серуми... Половина куфер резервиран за нив!
* Омилен парфем?
- Испробувам и ми се допаѓаат нови и различни парфеми од сезона во сезона, но два парфема ми се незаменливи во шкафчето: Chanel - Chance и Carolina Hererra – CH.
* Како ја одржувате линијата?
Не ја одржувам, но ќе почнам повторно со поголем ангажман во тој дел. Веќе со години не вежбам, иако сум човек што многу рано сфати кои се придобивките од активниот живот. Интензивно тренирав аеробик и фитнес од својата шеснаесета година, а последниве години не правам ништо освен поинтензивно пливање на летниот одмор. Но, наскоро планирам да си направам програм и да се фрлам на работа!
М.Џаровска