Предавање во Будимпешта за Македонската винска култура и традиција

Добивај вести на Viber

„Треба да бидеме малку поупорни за да се претставиме, да ја презентираме нашата винска култура и да се запознаат луѓето надвор од Македонија какво богатство поседуваме, а светот не знае за тоа“, вака го започна разговорот со нас докторантката Георгина Једиковска, после предавањето на Институтот по славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, на тема „Вина од Македонија – вовед во македонската винска култура и традиции“.

Настанот беше организиран од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, во соработка со Здружението „Вина од Македонија“ од Скопје, со цел да овозможи преглед на винската култура, традиции и модерните вински перспективи на земјата во 21 век.

Предавањето се одржа на англиски јазик, па така студенти од различни земји имаа можност да присуствуваат на истото.

Једиковска ја претстави Македонија и нејзината винска историја од антиката, па до денес. Зборуваше за винските региони и нивните специфични карактеристики, автохтоните вински сорти од Македонија и за сортите кои се најзастапени денес. Најмногу внимание од нејзиното излагање предизвика делот каде зборуваше за винскиот бон-тон, како правилно да се пие виното, кое вино со која храна оди, односно како да се стане професионален дегустатор на вино.

Присутните на крај имаа можност да пробаат неколку автохтони видови на вина од Македонија. И тоа Вранец, special selection од Тиквеш, и Темјаника и Ркацители од винаријата Стоби. На настанот присуствуваа околу 50-тина гости, кои со себе понесоа одлични импресии од предавањето и вината што можеа да ги дегустираат.

На настанот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Будимпешта, Горан Стевчевски, првиот секретар во амбасадата Ненад Младеновиќ, како и хрватскиот лектор Рене Чипањ Бања и словенечкиот Младен Павичиќ.

Сместена во срцето на Балканскиот Полуостров, Македонија е една од последните неоткриени вински земји во Европа, каде спојот на живописната природа и сјајното сонце придонесуваат за 4000 годишната историја на производство на вино што датира од античко време.

„Одличен настан, многу интересно предавање и дегустација на македонски вина! Интересот ме изненади! Хрвати, Црногорци, Срби, Словенци, Грци, Французи...

Не само студенти, имавме и професори. А уште повеќе ме радува тоа што сите си заминаа насмеани, задоволни и инспирирани“, изјави лекторот Златко Панзов.

Настанот „Вина од Македонија – вовед во македонската винска култура и традиции“ претставува прв од серијата настани предвидени во манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2022“, манифестација од големо значење за нашата држава. „Доколку вашата култура ја презентирате во друга културна средина, таа станува видлива за таа публика. Колку повеќе сте присутни во дадената културна средина, толку повеќе се зголемува интересот и се оформува публика. Рецептот е многу едноставен“, изјави Панзов.

Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта константно организира настани за промовирање на македонската култура во Унгарија. Од 2019 година ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ на коja успешно ја презентира македонската култура преку промоции на книги, концерти, изложби, филмски вечери итн. Последниот во низата настани беше и промоцијата на книгата„За македонскиот јазик“ од Конески на унгарски јазик. Во досегашниот период организираа повеќе промоции проекции на македонски кратки филмови и долгометражни филмови, џез концерти итн.

„Во однос на наставата на Лекторатот, планирано е воведување на нови предмети, зголемена медиумска активност за претставувања на можностите за изучување на македонски јазик итн“, додава Панзов.

За соработката со македонскиот лкторат Георгина вели: „Оваа идеја ја имавме одамна со лекторот, но некако не можевме да најдеме време да ја реализираме, но ете се случи тој склоп на околности сега да ја одржиме оваа промоција“.

Интересно предавање кое присутните го следеа со големо внимание. Еве и за нашите читатели, што точно претставивте?

Г.Ј.- Претставивме дел од историјата, винската историја во Македонија, претставивме дел од модерната технологија, која ја имаме во нашата земја, и некои карактеристични вински сорти кои се одгледуваат кај нас и нивното значење за нас како Македонци и како земја која претендира да се постави на светската винска карта.

Зборувавте и за најстариот вински регион во Македонија.

Г.Ј.- Се работи за тиквешкиот регион и е од исклучително значење затоа што винската култура и цивилизација таму се навраќа дури до 13 ти век пред наша ера.

Имено во тој период Македонија претставува главен центар за производство на грозје и вино во Римската Империја. 

М-р Георгина Једиковска има завршено додипломски студии по лозарство и винарство на Факултет за Земјоделски науки и храна при УКИМ, завршила постдипломски студии по хортикултурно инженерство со специјализација по лозарство и винарство при Универзитетот Сент Иштван, Будимпешта, а во моментов е на докторски студии на докторската школа за хортикултурни науки при катедрата за лозарство и винарство на MATE, Будимпешта (Hungarian University of Agriculture and Life Sciences).

Г.Ј.- За оваа професија потребна е многу макотрпна работа, многу труд и многу вложено време, секој кој би сакал да навлезе во винскиот свет и да стане вински професионалец може да го направи тоа со голема желба. Јас се одлучив за кариера во академската фела, моментално сум во процес на извршување на моите докторски студии. Ова ми е прва година, претходно магистрирав на истиот универзитет, додипломските студии ги завршив на универзитетот св.Кирил и Методиј на факултетот за земјоделски науки и храна и не знам каде патот би ме однел понатаму, но да се надеваме на некое добро и позитивно место.

Колку се унгарците запознати со нашата винска култура?

Г.Ј.- Македонските вина во Унгарија се реткост, унгарците не се запознаени толку многу со таа наша винска култура, но во исто време и ние треба малку повеќе да го зајакнеме маркетингот да се испромовираме како што треба затоа што навистина имаме што да претставиме. Нашиот квалитет доаѓа дури после југословенскиот период со самата појава на сите приватни винарии кои постојано работат за да придонесат за развој на квалитетот и тоа е добра работа на која треба да продолжиме да работиме.

Но повторно да кажам, треба да бидеме малку поупорни за да се претставиме да ја презентираме нашата култура и да се запознаат луѓето надвор од Македонија какво богатство поседуваме, а светот не знае за тоа.

Неда Маретиќ