Придобивките кај децата од танцувањето: Интервју со Андријана Петковски
Андријана е вработена во МОБ и е многу истакнат балетски уметник кој 17 години работи секој ден со деца и млади како тренер и кореограф по хип – хоп. Таа е дипломиран педагог и магистер по балетска педагогија, лиценциран меѓународен судија по модерни танци, предавач на факултетот за музика и уметност во Скопје и спортски директор на МАМТ, сопственик на студиото Break a leg и финално, сопруга и мајка на две деца, Исидора од 5 години и Михаил од година и пол.
Андријана има уникатен увид во тоа кои се придобивките кај децата од танцувањето и затоа одлучивме да разговараме со неа за да ни ги сподели нејзините искуства и знаења. Посебно во ова модерно и динамично време.
* Андријана, со Симона од Eat the beat работите многу блиску и вие се разликувате во некои работи. Може ли да ни кажете кои се тие и што е тоа што Ве спојува?
- Симона е прекрасна и нас нѐ спојуваат многу часови и години поминати во сала вежбајќи и вложувајќи во тоа да го извлечеме најдоброто од нас, учејќи ја техниката, развивајќи ги вештините и откривајќи ги тајните на танцот. Втората работа која нѐповрзува е љубовта и желбата нашето танцово образование и знаење да го пренесеме на многу генерации, од најмал до највозрасен. Но, тоа најчесто се децата. Работиме со нив за да им помогнеме да се развијат, со еден збор, да пораснат.
* Кои се најважните придобивки кои самите деца ги имаат од танцот?
- Според мене најважно, од педагошки аспект, е слободното време и простор за детете да ја изрази својата индивидуална природа, да ги развие и афирмира своите способности. Родителите треба да знаат и да бидат свесни дека подеднакво е важно кај децата од најрана возраст да се развиваат физички и интелектуално на исто ниво. Танцот е еден од начините каде на детето му се овозможува да ја надгради својата моторика, а во исто време да го активира мозокот преку учење на движења каде се развива логиката, памтењето преку движењата, имагинацијата и креативноста. Преку движењата и музиката кај децата се надградува и емоционалната интелигенција, посебно преку тимската игра. Така се втемелува когнитивниот и психичкиот развој кој им помага на младите во формирање на нивната сопствена личност во понатамошниот раст и созревање.
* Постои ли едно дете, едно лице, кое може да го издвоиш од групата и зошто?
- Искрено, ова е малку неблагодарно прашање за еден тренер затоа што не постои начин како да се издвои некој. Ги сакам сите. Танцот е интересна појава и може да биде индивидуален и тимски спорт. Многу е важно тренерот точно да го анализира и да ја познава детската психологија за да може да се извлече максимумот. Јас лично верувам дека е потешко да направите една добра група, тим, отколку индивидуалец. Тоа е така затоа што градејќи танцова група вие веќе имате направено одлични индивидуалци. Мислам дека тука е клучот на успехот, за еден тренер и еден клуб.
* Го подготвувате и четвртиот Dance off за во ноември. Има ли деца кои ќе се натпреваруваат и како тој предизвик ќе им помогне во животот?
- Полека, но сигурно, Dance off како натпреварувачки фестивал расте во бренд и претставува вистински предизвик, не само за нашите деца туку и за учесниците од поширокиот регион. Натпреварите за самите деца се предизвик, а за нас тренерите еволуција на нашата работа. Сите деца кои барем еднаш се натпреварувале имале повторна желба да излезат на сцена. Тој адреналин, возбуда, страв, срам, храброст од јавен настап, стекнување на самодовербата, радост, разочарување, борба, стекнување и делење на знаења, патувања, дружења и изнаоѓање на нови пријателства се само мал дел од самиот овој натпревар кој го развива карактерот кај децата.
* Што е тоа што го очекувате секој ден кога ќе влезете во студио и кога ќе почнете да работите со децата?
- Искрено, насмевка, начинот на кој те гледаат знаеш дека си нивни идол и мотиватор. Сакам да видам желба за играње, да видам дека се подобро од вчера и дека работеле на себе. Знаете, клучот на мојата долгогодишна успешна работа е тоа што секогаш поставувам повисоки цели од реалните. Точно е дека ваквиот процес е бавен и макотрпен и за децата и за мене, но резултатите и квалитетот се неизбежни. Сите кои работат со било каков спорт треба да знаа дека без ред, стекнати навики и дисциплина нема да имаат прогрес, успех и квалитет.