Приказна со среќен крај за Скопје- Фантастичен концерт на Филхармонија во парк со музика од Чаплин

Добивај вести на Viber

На само шест години, малиот Џеки Куган станал светски славен, откако го играл детето во истоимениот филм со Чарли Чаплин. Фимот снимен во 1921 година е нем, но она што освен брилијантната актерска игра на Чаплин и екипата го прави посебно емотивен е музиката.

Скопјани вчера имаа ретка привилегија да ја слушаат музиката од филмот „Детето“ во живо, отсвирена од музичарите на Филхармонија со која диргигираше Џијан Емин. Присутните во Градскиот парк го гледаа филмот „Детето“ на видео бимови, како на најубав градски пикник, седнати кој на ќебе, кој на трева, со пијалоци за разладување. Музиката, иако делува како позадина на филмот беше всушност главното доживување.

Ниту една сцена која генијалелецот Чаплин ја изглумил, немаше да биде толку моќно доживеана ако не беа нашите врвни музичари. Чарли Чаплин, освен што ја глуми главната улога во филмот, скитник кој се грижи за напуштено дете, е и  режисер, сценарист, продуцент и монтажер, но тој е композитор на музиката која ја слушавме вчера.

Диригентот Џијан Емин ја замоли публиката да му одадат почест на Чаплин со аплауз на почетокот од конецертот, а за музичарите пред него, таква потреба и немаше, тие го заслужија секое ракоплескање кое го добија за време и на крајот од овој убав настан.

„Детето“ завршува со среќен крај, од напуштено, момчето на крајот на наоѓа својата мајка, а Чарли Чаплин му станува татко. Среќно се заврши и овој концерт, дел од низата традиционални на Филхармонија во парк, со задоволна и насмеана публика. Едвај го чекаме следниот, догодина.

М.Џаровска