Принципи во непринципиелен свет
Не сум некој голем поборник на принципи, особено кога принципиелноста е со знак равенство на закоравеност. Не сум ни некој следач на општите норми кои не ги сметам за норми, туку за затвор. Или во превод, не сум поборник на сето она што претставува ограничување или слепо следење на воспоставено однесување оти “така треба”. Мислам дека токму од “така треба” си патиме најмногу во животот, па дури и си го нарушуваме квалитетот на живеачката додека еден ден не ни светне оти не е ова демо верзија на животот, туку што ќе направиме сега и тука...ете само тоа се брои. Тука несомнено ги ставам и оние непишани правила кои велат оти треба да останеме во нездрави односи со луѓе кои заслужуваат да им се покаже среден прст, оти е срамота да се разведуваме или разделуваме кога имаме деца. Исто така, во тој кош ми се и оние муабети дека жена не е жена ако не се реализира како мајка и сопруга, оти нели, од раѓање нé спремаат за мајчинство и да бидеме нечии жени. Се згрозувам од гледиштата дека поарно е да се трпи отколку да се биде сам, или дека деца се прават за да има кој да ти даде чаша вода ко ќе остариш. Чинам дека многу ги мешаме лончињата за тоа што е принцип, а што е насилно наметнат критериум како да се живее.
Од друга страна, поборник сум на принципиелност во поле на чесност, здрав разум и релации, работа и сé што нé прави достојни за да можеме со чист образ да застанеме секое утро пред огледало. Поборник сум на една од поубавите, а можеби и најубава поговорка или мудрост која гласи “не им го прави на другите она што не сакаш да ти го прават”. Колку би бил овој луд свет поубав секој да тргне токму од тоа, нели? Да не им го прави на другите она што не сака да му се прави, или накратко, пред да сториш нешто, стави се во чевлите на другиот. Но, мојата утопија сепак не е наивност и глупавост, оти доволно е само да ги отворите социјалните мрежи за да видите дека сите сме теоретски потковани за принципи во свет кој не е само непринципиелен, туку и без скрупули. Дали ме прави тоа да се чувствувам исфрустрирано? Секако дека да. И не само што сум исфрустрирана, туку некојпат се фаќам како сочно пцујам кога ќе се најдам во ситуација да ми мавта некој со принципи и правила, а самиот не ги почитува ниту малку.
Пред некој ден ми излегува пост од една група во која сум извесно време, а која според поставеноста треба да е група во која се разменуваат искуства за книги и нови изданија. И самото тоа веќе кажува оти посетата на таа група треба да е уживање и учење нови нешта. Ама не е. Не е, затоа што постот кој го прочитав беше во најмала рака невкусен. Ставени три скриншота од жена која пишала (со име и презиме, па и слика натопорена за случајно да не сме во недоумица која е) нешто што е критика. Жената која беше ставена на “ѕидот на срамот” си пишала зошто не и’ се допаднала некоја книга, односно зошто не и’ се допаднал преводот на македонски, па зела и си ја купила книгата на англиски. И сето тоа би било ок, ако постот кој и’ беше посветен, не беше пропратен со коментар од таа која ја постираше преписката дека жената (таа која критикува) е неписмена и имала граматички грешки во своето образложение, цитирам “кога неписмен критикува превод, а неговите две, три реченици се со многу граматички грешки (и неколку хехенца)”. Ако нешто не поднесувам, тоа е простотилак на ставање преписки или слики (без да се скрие идентитетот) за јавноста да гледа сеир. Да не се разбереме погрешно, сите преписки кои во себе содржат говор на омраза, закани, навреди не треба да се пикаат под тепих. Напротив, треба да се реагира. Не мислам дека треба да се толерира некој да ве малтретира или да ви се качува на глава и да помине неказнето. Ама ова не беше таков пример, ова беше мислење во кое немаше ниту еден навредлив збор или било каков негативен контекст. Па мајку му, од кога е забрането да се каже мислење за книга или музика? Нели сите имаме право на избор и мислење или е тоа така додека не стапнеме некому на плускавец?
И ко што ме дал Универзумот ваква каква што сум, изреагирав. Секако, мојата реакција беше во насока да се даде мислење дека ваквите објави се невкусни и дека критиката не е нешто од што треба да бегаме. Па колку пати имам добиено критики и еве ме, жива и здрава. Некои сум ги одминала, некои сум ги прифатила, но сите ме замислиле. Впрочем, критиките секогаш се поттик за преиспитување, или барем би требало така да бидат сфатени. Дел од мојот коментар беше и дека не е првпат да има вакви објави со потсмевање на нечија писменост и дека (еве го она со “не го прави тоа што не сакаш тебе да ти го прават”) би било исто ако секој член од групата го сподели токму тој пост но со негативен коментар на таа која се потсмева и навредува некого јавно. Воедно, во делот на правилата или принципите на групата стои назначено дека навреди и говор на омраза е строго забрането. Какви двојни аршини! И што е најинтересно, мојот коментар мистериозно го снемува, исто како што мистериозно ја снемува опцијата да коментирам повторно на постот. Фантастично и секоја чест. Не е поентата дали ќе се бришат коментарите или дали јас ќе останам да членувам во таа група, оти и јас ќе преживеам без нив, а и тие без мене. Поентата е дека принципиелноста е згазена токму од оние кои ги поставиле принципите.
Демократијата е право кое никој, никому не смее да му го одземе или оспори. Слобода на говор не е да се плетат приказни за некого или да се плука по нечиј живот, туку да се каже мислењето. Дури и тука мешаме брзини, па ете, врската на двајца познати за јавност личности беше пропратена со еден куп гнасни коментари оти нели, слобода на говор. Никако да разграничиме каде почнува мислењето, а каде е границата за да се јадат гурабии. И сето тоа си поминува глатко, како да немаме веќе кочници во себе за да знаеме кога треба да кренеме рачна. И додека се потсмеваме на критики од кои може да се научи нешто и да се подобри квалитетот на работите, на голема врата циркулира простотилакот и чешањето на јазиците. И не, не можам да се помирам оти сé во мене вреска оти не е во ред и не е едноставно принципиелно да се однесуваме вака. Сé има граници и тие граници ако не се почитуваат, демократијата и слободата на говор преминуваат во анархија. Можеме да зборуваме за мојот начин на пишување, можете да си го дадете мислењето и да си кажете дали ви се допаѓа или не. Можете да не ме читате, може да споделите приватно дали нешто ве погодило. Но, она што не дозволувам е мешање онаму каде што ниту јас си дозволувам некому да се мешам. Можам да сослушам, да дадам совет ако ме прашате, но никогаш нема да си дозволам за ви коментирам за тоа какви ви се одлуките, начинот на живот или да се обидувам насилно да ви го сменам мислењето. Едноставно, не ме личи да си го пикам носот во работи кои не ме засегаат, а кои вам ви се важни и ве болат. А најмалку од сé ми доликува да ве ставам на пост полн со потсмев и да ви се силам дека вие врска немате од ништо, а јас сум најпаметна. Или, нема никогаш да го сторам она што знам дека ако ми е мене сторено, ќе ме навреди или повреди.
Принципиелноста која се пропагира носи голема одговорност, кон себе и кон околината. Таа не е нешто на кое може во секој миг да се каже “пупу, не важи”, оти во дадена ситуација така ни чини. Напротив, затоа е и тешка, оти придржувањето кон неа значи да си ја голтнете суетата некојпат или достоинствено да останете доследни на неа дури и тогаш кога сите ви се наострени. Многу работи не знам и допрва ќе учам, ама знам дека е многу лесно да навредите или повредите, многу полесно отколку да насмеете некого. Сепак, бирам да сум од оние кои ќе се обидат да ве насмеат или утешат, иако некогаш ич не ми е до смеење или кога не знам што со сама себе. А принципите кои сум ги одбрала и според кои живеам, ќе си ги вреднувам и почитувам, оти токму тие ме прават она што сум...за среќа или за жал.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Биди доследен на себе
И тогаш кога за потсмев си
И кога мајтап со тебе играат
Кога ти се чини оти бесполезно е
Или кога губиш надеж
Дека нешто ќе знаеш
Или дека ќе умееш да смениш
Биди доследен на себе
И не се сомневај
Во она што во себе го имаш
А знаеш дека арно чиниш
Дури и тогаш кога сé против тебе е
Или кога мислиш дека нема смисла
Да се бориш против ветерници
Биди доследен на себе
И на мислата своја
Особено ако чиста ти е
И ако образот ти свети
Тогаш кога сиот свет во кал се дави
И кога те влече удолу
За да се избербатиш и ти
Биди доследен на себе
Ако убоста ти е во умот
И нежноста на раце ти спие
Ако душата ти пее приспивна
И ако делата алтани ти се
Дури и тогаш кога ќе ти плукнат в раце
И кога грбот ќе ти го завртат
Биди доследен на себе
Кога сите се против тебе
И кога сакаат да те испоганат
Со сиот смет кој во себе го носат
Та избори се за свој да останеш
Оти ако сам кон себе почит немаш
Џабе сите лажни почести ќе ги носиш
Биди доследен на себе
И остани доследен во себе
За да можеш во огледало да се пулиш
И од ликот свој да не се срамиш
Ниту од сенката да си бегаш
Оти си станал зол
Кон себе и кон ближниот свој
Биди доследен на себе
На зборот и делата
Оти сите сме кршливи
И сите сме ранливи
И сите в земја ќе завршиме
Ама зборот
Зборот и делото кое ќе го оставиш
Ете, по нив ќе те памтат
И по тоа дека доследен си бил
Чоек да бидиш, чоек да останиш
Поетесата Ана Бутеска