Приоритети

Добивај вести на Viber

Кога се навраќам наназад, јасно гледам како низ животот ми се менувале приоритетите во зависност од годините кои сум ги имала и потребите. Одамна не ми е важно да бидам тип-топ средена, да излегувам секој ден, да сум секогаш со луѓе и да присуствувам на дешаванки. Тоа го имам поминато одамна, сега некако поважно ми е да се чувствувам удобно во она што го носам на себе, да имам мир и да се слушам себе. Станав практична во поглед на гардеробата, обувките и чантите кои ги носам. Или во превод, почесто сум во фармерки или долги фустани (зависи колку ми студи, а зиморлива сум), повеќе не се ставам себе на маки да носам високи потпетици оти после со денови ме болат стапалата и тоа ми оди на нерви, а носам ранци во кои ми збира лаптоп, книга и сите дребулии кои ми се уредно подредени во помали несесери, а сето тоа во еден голем (знам, ама никој не е совршен...веројатно има и дијагноза за ова). Практичноста ме ослободи од робување на оние ситни нешта кои си дозволував да ме окупираат во мислите, а со тоа ми се ослободи време за оние работи кои ми се важни. Кога ќе се спомне стареењето, на сите нам ни текнуваат само лошите пропратни работи, како брчки, години, изминување на времето, ама сето тоа е само до штелување на мозокот. Мене стареењето ме ослободи од баналности, научив да си го почитувам мислењето и интуицијата, да не арчам часови и часови на она што ме оптеретувало порано. Станав поорганизирана, побрза и кога се работи за луѓе околу мене и поостра. Токму времето од кое сите се плашиме, ми покажа дека може да биде и пријател доколку си го вреднуваме онака како што тоа е најдобро за нас.

Едно време, приоритет ми беше само моето постоење на земјава и мислев дека сум посебна, дека светот се врти околу мене. Пуста младост, колку е само полна заблуди од кои или човек ќе поднаучи нешто, или цел живот ќе си тапка во место. Потем осознав дека секој од нас е посебен на свој начин и дека таа посебност може да го разубави светов ако се користи правилно. Потоа, на ред беше кариерата која за среќа лесно ја истуркав оти бев спремна да се вложам целосно во тој период од животот. Откако станав потполно самостојна и финансиски независна, мајчинството ми дојде како подарок. Е сега, да сме на чисто со тоа дека секој човек како независна единка си има свои приоритети. А приоритетите се како она кога се вели дека за вкусови не се дискутира, односно дека сите се за почит, без оглед дали се во корелација со моите, вашите или се сосем спротивни. За мене, пред 15-16 години тоа беше да станам мајка. Искуство кое ме смени, ме натера да согледам многу работи во себе за себе, ме научи што значи безусловна љубов и трпение. Никој не се раѓа со мајчинство во себе. Да, ние жените сме можеби биолошки скроени да се грижиме за другите, па тука се и оние детските игри во кои девојчињата секогаш  имаат кукли кои се нивни бебиња, ги повиваат, ги негуваат и си играат мајки. Сепак, сосем друго е кога навистина ќе имате бебе в раце и тогаш почнува нова етапа во која нема повеќе јас, јас и само јас.  И да, има жени кои не стасуваат до оваа етапа од животот од различни причини и секогаш остро реагирам кога некој ќе спомне дека жена која не е мајка, има промашен живот. Апсолутно не се сложувам, но тоа е веќе тема за некоја друга колумна.

Кога станав мајка, приоритет во животот ми стана Нина. Не, не сум од оние посесивни мајки кои ги ставаат децата под стаклено ѕвоно, иако и ќерка ми знае дека кога се работи за нејзиното здравје или безбедност јас го имам првиот и завршниот збор. За се’ останато може да се пазариме. Во меѓувреме, попатно учам а и таа ме коригира доколку забегам со грижи или ја напнувам. Меѓусебниот договор дека секоја од нас има право да каже што мисли и да реагира доколку другата забега, си стои цело време и за среќа, функционира. Но, таа е приоритет по кој се водам кога правам планови и тоа ќе остане така додека не биде доволно зрела и возрасна за комплетно да се грижи сама за себе. Како разведена жена која е сама долго време, кај потенцијалниот партнер секогаш ми било важно да знае дека детето ми е на прво место и дека кога се работи за деца, нема компромиси. Истото го почитувам доколку партнерот е сам, но со деца кои или ги одгледува сам или има викенди со нив. Времето за децата и со децата е најважното време во кое блискоста се гради, се негува а со тоа и довербата. Но, подеднакво разбирам доколку некој/а не функционира како мене. Секој си има свој начин на воспитување и гледање деца, што не значи дека мојот е исправен а туѓиот погрешен и обратно. Едноставно, различни сме и секој си има воспоставено одредени правила кои на моја возраст е не само невозможно да се променат, туку е и губење време и енергија.

Пред некоја година запознав маж кој беше разведен со две деца. Комуникација одлична, забавен, духовит, човек со кого имав различни теми на муабет, а башка и физички ме привлече. Значи, на прва...баааам, хемија и на ментално и на физичко ниво. Испивме кафе заедно, она што го заклучив од куцкањето само ми се потврди дека да, ме привлекува. Истото го видов и кај него, па нели првата помисла е дека се’ одеше како подмачкано. Грешите! Каменот на сопнување беше токму различните приоритети. Неговите деца повозрасни, моето 10-тина години. Нормално, време со Нина за шетање, муабет, разнесување на училиште, англиски, музичко, родендени. Колку да имате поширока слика, мене ми се нема случено да ја оставам кај моите на спиење, а јас да бидам некаде на друго место...никогаш. Или ако сум излегувала, сум се враќала кај моите за да ја разбудам следниот ден и да си го тераме филмот. Наеднаш, се најдов во ситуација кога добивам забелешка дека е доволно голема за да ја оставам сама дома за јас да бидам со некого. Претпоставувате како заврши муабетот, нели? Ме чепна онаму каде што не е дозволено никому да чепка, особено што праевме муабет за тоа каков е мојот однос со Нина, како ни се навиките и теркот на живеење. Впрочем, никогаш не сум се дрзнала дури и на моите другарки да им солам памет што да прават со децата и како да ги гледаат. Тоа е индивидуална одлука, начин на живот и право кое секој од нас го има. Почувствував гнев и една обесправеност (која можеби и беше претерана од моја страна, но беше чувство од кое не можев да се ослободам). Немав ниту збор изустено кога тој поминуваше викенди со децата, кога ненадејно мораше да одложи пиење кафе или некаков договор, оти некое од нив сакало да преспие таму. Истото го барав и за себе, разбирање дека јас сум пред се’ мајка, а потоа можам да бидам се’ останато.

Таа приказна заврши уште пред солидно да започне, а јас само почувствував олеснување што е тоа така. Отпосле, кога правев муабет со другарките за целата ситуација, повеќето од нив кои се сами и кои излегувале со мажи кои биле или самци (без деца) или разведени (со деца) се соочиле со истата ситуација, па ми беше кажано дека едноставно мажите се такви. Не се сложувам, имам другар кој сам си ги одгледа децата и за кој знам со колкава љубов ги порасна во прекрасни млади и умни луѓе, кои имаат вистински вредности во животот. Не се сложувам дека за ова сме поделени на мажи и жени, оти познавам и мажи кои децата си ги ставаат на прво место, а и жени на кои децата не им се пречка за да постапат поинаку од она што постапив јас. И не е погрешно ниту едното, ниту другото. Погрешно е да настојуваме да влеземе со мислење и став онаму каде што е кревко, каде што не сме повикани да кажуваме како треба или не треба и онаму каде што се обидуваме да смениме нечиј живот за да ни биде нам поудобно.

Или, ако сакате посликовито еве вака би било....за мене приоритет е ќерка ми, но за некој кој нема деца, приоритет може да биде работата. Оставете настрана она дека не се споредува, оти кај секој од нас различно функционираат тие работи. Поентата ми е дека ниту јас имам право да попувам дека работата може да чека, ниту некој има право да ми кажува дали треба или не да ја оставам ќерка ми сама дома цела ноќ. На повозрасни години, секој од нас треба да знае дека човекот карши себе или го прифаќа целосно, сосе багажот кој го носи со себе, или работите завршуваат тука. А багажот може да се деца, родители, работа и никој од нас не сака да биде осудуван за тоа или да се чувствува лошо.

Да сте ми живи и здрави и да си ги негувате приоритетите без оглед што околината мисли за тоа. Никој не оди во вашите чевли, но и вие не се обидувајте да натнете туѓи, оти најчесто се или прешироки или претесни за вашите стапала.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ми се скуси времето

Ко заборавена облека во плакар

Која после години ја пробуваш

И се гледаш во огледало

Та ти се чини оти туѓа е

Оти по грешка завршила кај тебе

Ми се скуси времето

Како алишта пуштени на погрешна програма

Во машината за перење

Та ја вадиш и се чудиш како си згрешила

А потем ги оставаш да се сушат на ветрот

За да се најдат ко крпи за бришење прашина

Ми се скуси времето

Како кога кожата тесна ти станува

Та затега од сите страни

Како она што во себе го носиш

Сака да излезе низ неа

А не може, ете не може

Ми се скуси времето

Она време кое за тебе ми беше

Она кое по тебе се мереше

Та мери, крои, пребројувај

Секогаш излегувам покуса

За часовите во кои среќна бев

Ми се скуси времето

Како претпоследното парче од колачот

Кое по грешка преголемо излегло

Та сега последното тенко е

Ниту за да се фрли

Ниту за некому да го понудиш, да се отчестиш

Ми се скуси времето

И не знам дали на кројач да го однесам

За да му прикрпи нешто

Да му додаде барем некој ден

И во тој ден се’ да биде во ред

Како бајка во која има среќен крај

Ми се скуси времето

И ај

Ќе речеш налет времето

Туку душава што ми се скуси

Та сега се прашувам

На каде да кинисам

Со ваква душа во едно никакво време

Во кое ниту себе се гледам

Ниту пак тебе можам да те најдам

Во ова време во кое невремето живее

Со душа ко за друго тело стокмена

Скусена како времето

Во кое ме нема

Во кое ти присутен не си

Во кое заедно не сме