Пробиотик – неопходност при секоја антибиотска терапија
Здравјето претставува комбинација на позитивни психофизички, емоционални, ментални и социоекономски состојби и влијанија на околината кои се вклопени во една индивидуа.
Со векови борбата со инфекции претставува предизвик. Во раните години на минатиот век со откривањето на првите хемотерапевтици и антибиотици, ентузијазмот за сувереноста на антибиотската терапија е голем, a совладани се бројни проблеми на глобално ниво.
Долгогодишните искуства во примената на антибиотиците, налага дека антимикробната терапија треба да е апсолутно неопходна за да се ординира. Корисно е она ординирање на антибиотска терапија кога корисноста од препишувањето го надминува ризикот од настанување на несаканите ефекти. Честа е и употребата на комбинирана антибиотска терапија, каде со синергистичко дејство се победува инфектот.
Антибиотиците се важна група на лекови. Тоа се делотворни лекови кои значително го смениле исходот на бактериските заболувања. Ги применуваат многу профили на лекари и нивната секојдневна потрошувачка е значително поголема од кој било друга група на лекови. И покрај докажаниот ефект во третман на инфекции, речиси секој тип на антибиотици има одредени несакани ефекти. Освен проблемот со резистенција, сè повеќе сме свесни за влијанието на антибиотиците освен на патогената и на нормалната флора, која како обвивка ја чува внатрешноста на организмот.
Почнувајќи од усната празнина, целиот дигестивен тракт, гениталните органи, микрофлората е чувар на стабилноста на организмот. Имено, стерилниот дигестивен тракт на почетокот на животот брзо се населува со најдобриот пробиотик – бактериите од мајчиното млеко.
Поимот пробиотик во науката се среќава 70 години. Во гастроинтестиналниот тракт постојат повеќе од 500 видови на микроорганизми, или таканаречени корисни бактерии. Пробиотиците се познати како корисни бактерии, кои помагаат во обновувањето на нормалната цревна микрофлора. Со технолошкиот напредок за подобрување на пробиотската отпорност стигнавме и до четвртата генерација на пробиотици.
При администрација на антибиотици честопати настанува дисбаланс на цревната микрофлора. Последовното намалување на колонизацијата е добра подлога за колонизација на патогени бактерии во цревата и често зголемен ризик од развој на цревна инфекција, а како главен симптом се јавува дијареа. Антибиотиците кои делуваат на анаеробните бактерии, како аминопеницилините, цефалоспорините и клиндамицинот често предизвикуваат дијареа. Иако на почетокот дијареата се јавува како несакан ефект, во некои случаи може да се развие во хронична или перзистентна дијареа. Се смета дека 25 проценти од случаите на дијареа е предизвикана од Clostridium difficile. Овој патоген може да предизвика колитис, честа компликација од антибиотска терапија. Најдобро е пробиотиците да се администрираат со самиот почеток на антибиотската терапија и да продолжат да се користат една до три недели по прекинот на терапијата. Бидејќи Lactobacillus можат да бидат инхибирани од антибиотиците, се препорачува да се администрираат најмалку два до четири часа по администрацијата на антибиотикот.
Пробиотиците делуваат на тој начин што ја намалуваат инвазијата и адхезијата на патогените бактерии и на тој начин го заштитуваат гастроинтестиналниот епител.
Пробиотиците делуваат во ГИТ и преку имуномодулација, зголемување на бројот на клетки кои продуцираат имуноглобулини во интестиналниот мукус и преку олеснување на транспортот на антигените до лимфоидните клетки, обезбедувајќи на тој начин побрз имунолошки одговор. Се борат со патогените бактерии како E. coli, C. difficile и Salmonella spp. со продукција на антибактериски супстанции. Со добрата адхезијата на пробиотиците на ѕидот на интестинумот се превенира врзување на патогените за истиот.
Нема подобро лекување од превенција. Ако не сме во можност да превенираме појава на многу болести кои бараат задолжителна, често долготрајна антибиотска терапија, многу е важно правовремено да ги превенираме или лекуваме ефектите од антибиотската терапијата со пробиотици.
Бурим Шабани – доктор по општа медицина
* ПР - објавафото: Freepik