,

Продолжив појака од било кога: Кристина Димитријевска прозборе за разводот со Кајмакоски

Добивај вести на Viber

Животот лани ѝ сервира победи на избор на убавина, и пораз на личен план. Во 2019 Кристина Димитријевска (23) од Тетово беше најфотогенична убавица на Мис Глоуб во Улцињ, а годината ја заврши како мис Балкан, на меѓународниот избор на убавина во Белград.

По навидум три години идиличен брак со поп-ѕвездата Даниел Кајмакоски во кој се роди синот Давид и семеен живот подалеку од камерите, се разведе, и повторно се врати триумфално на модните писти и во шоубизнисот.  

За најтешката одлука во својот живот, за улогата како мајка, за пробивот на музичката сцена и што значи да си мис, Кристина откри во интервјуто за „Женски магазин“.

* Честитки за титулата мис Балкан. Какво е чувството како најубава на Балканот?

- Благодарам на честитките, секоја жена поседува своја убавина. Искрено го сакам натпреварувачкиот дух на изборите и адреналинот кој нѐ дрма на бината. Оваа титула мис Балкан е посебна за мене, затоа што Балканот го доживувам како своја територија и чест ми е што баш мене ме избраа да ја понесам оваа ласкава титула - најубава девојка на Балканот.

* Како изгледа зад сцената на ваков интернационален избор на убавина, каква беше организацијата во Белград и со која друга убавица од Балканот најмногу се дружевте на изборот?

- Со оглед на тоа дека овој избор го организираше поранешна мис, ни приреди се тоа што таа посакала да има пред многу многу години наназад. Секоја од нас имаше посебна соба, свој мир и време да се одмориме и да се подготвиме за изборот. Имавме организирано прошетки, заеднички вечери, фотосесии, проби. Сѐ помина во најдобар ред. И посебно ми беше убаво што се одржуваше во мојот омилен град Белград. Кога сме кај дружбите, се дружевме колективно, немаше поделби, бевме сите како една фамилија.

Кристина со модниот менаџер Мики Црнокрак

* Често учествувате на избори на убавина. Што треба да поседува една мис, освен убаво лице и тело?

- Па да, може да се каже дека често учествував и учествувам на избори за мис тука, но и пошироко во светот. Искуството ме научи дека секоја мисица има своја убавина и секоја држава свој специфицен вкус. Освен убаво тело и лице, се оценува и интелигенција. На Мис Глоуб од каде што исто така се вративме со титула, имавме head challenge и влегов во финалето од вкупно 60 држави. Така да, не е сѐ во површниот надворешен изглед, како во животот, па така и на изборите за Мис.

* На свои 17 години ја освоите титулата Новогодишна балканска убавица. Која титула ви е најдрага? Дали наградите се големи ?

- Мојот прв избор за мис беше на моите 15 години. Се сеќавам многу добро на тој избор, иако бев малечка. Се одржуваше во скопската дискотека „Колосеум“ која веќе не постои. Тој момент кога слушнав Зимска Убавица за 2013 година е Кристина Димитријевска, нема да го заборавам никогаш. Колку титули и да следеа после тоа, таа првата секогаш ќе биде посебна за мене, зашто тој момент го сонував како малечка. Кога сме веќе кај изборите кои следеа, собрав доста титули. Би ја издвоила Новогодишна Балканска Убавица на само 17 години. Искрено никогаш не ми било важно за наградите. Најголемата награда беше што го живеев својот сон.

* Како се подготвувате за избор на убавина?

- Јас се подготвувам така што се посветувам на себеси повеќе од вообичаеното, одам на построг режим на исхрана и вежби. И гледам да не си ја трошам енергијата залудно. Затоа што некои избори се напорни да се издржат. Со долги проби, на штикли по цели денови, неспиење.. Но, големата љубов кон оваа работа ми дава сила и мотивација.

* Младите девојки сонуваат за ваков живот. Зошто? Кој е Вашиот совет за нив?

- Секој од нас сонува некој сон. Битно е кога ќе се разбудиме да знаеме дали да почнеме да го остваруваме или да го заборавиме. После направената математика, почнете да си ја решавате животната задача. Доколку нешто силно сакате, борете се за тоа. И кога ќе биде најкритично и без надеж, тогаш уште посилно посакајте и не се откажувајте.

* Каков е вашиот став кон естетските операции кој земаат сѐ поголем замав и во Македонија? Дали нешто би смениле на себе?

- Искрено модерно стана да сите девојки имаат некој калап по кој треба да изгледаат. А тогаш се губи смислата на природната убавина и различноста. Доколку некој има проблем естетски, во ред е да го реши, но се' си има граници. Понекогаш и малку може да биде премногу. На себеси засега ништо не би менувала, а во иднина ако имам потреба, зашто да не.

* Имате ли идол во модниот свет?

- Кога сме кај модниот свет, ја обожавам Адриана Лима. Но, жена лавица дефинитивно за мене е Џенифер Лопез. Жена која има толку професии и во сите еднакво успешна, секоја чест.

* Пред да се омажите за познатиот пејач Даниел Кајмакоски, имавте активна манекенска кариера. Дали таа продолжува или се фокусирате само на изборите за убавина?

- Како што напоменав, во модниот свет сум од мали нозе, пред една година се вратив повторно, а што ќе биде понатаму ќе покаже времето, а секако многу работи зависат од моето најдобро модно студио „Црнокрак“, чиј член сум од бебе, како што често знае да каже Мики.

* Активни сте и на музичко поле. Дали се надевате на сериозна музичка кариера?

- Според мене музиката е лекот за тагата и ѕвончето за среќата. Снимив две песни, првата е дует со Андреј Миске, а втората „Само парфем обуци“ е дует со Амир Ибраимовски, текстот го напиша Саша Миниќ, музиката е на Гоце Симоновски, а снимавме во студиото на Лазар Цветковски. Спотот ни го изработи најдобрата продукција АХ МЕДИА која ја води Армин Хасановиќ. Имаме и следни проекти, кои во текот на следнава година ќе ги реализираме. А како ќе бидат прифатени, останува да видиме.

* На млади години се омаживте, станавте мајка и се разведовте. Што Ве мотивира да истраете на зацртаната цел?

- Јас сум амбициозна и полна со љубов. И таа љубов моментално е насочена кон моите најблиски и зацртаните цели. Сѐ започнува од самите нас, и љубовта и среќата и тагата.

* Во бракот со Кајмакоски го добивте синот Давид. Зошто се разведовте?

- Да. Јас од мојот брак со Даниел го добив најубавото животно дело, а тоа е моето ангелче Давид. Се разведовме затоа што не сме биле еден за друг.. А јас се водам по тој мит, подобро добар развод, отколку лош брак.

* Какви се сега вашите релации?

- Па, нашите релации се сведени само на бивши сопружници. Животот оди понатаму.

* Како го надминавте разводот? Кој во тие тешки моменти Ви беше најголема поддршка?

- Разводот е нешто што доколку е подобро, тогаш направете го. А ако не сте сигурни почекајте. Затоа што е тежок момент. И не беше лесно пред да ја донесам дефинитивната одлука. А понатаму беше тешка борба, но сигурна сум дека беше правилна одлука колку и да ми беше тешко. Не допуштав никој да ми биде утеха, еден ден самата решив дека е доста, и продолжив понатаму појака од било кога.

* Какво дете е Давид? Кој се грижи за него додека сте на пат?

- Давид е најсреќно и најсакано дете, кое е многу поврзано со мојот брат. Брат ми му посветува големо внимание, буквално се како двајца браќа (се смее). А мојата мајка го чува како мало ангелче. Ние четворицата функционираме одлично, фала богу.

* Како го поминувате слободното време?

- Слободно време немам, затоа што имам премногу обврски, а после обврските сум мајка. Ако успеам да најдам малку време за себе, преферирам да читам добра книга и настојувам да се ослободам од секојдневниот стрес.

* По што ќе ја паметите 2019, што сакате да заборавите, а што си посакавте во новата 2020 година?

- 2019 ќе ја паметам по тоа што почнав од нула, а за некое време станав лиценциран фитнес инструктор, донесов две титули (мис фотогеничност на Мис Глоуб во Улцињ и победа на Мис Балкан во Белград), снимив две песни и работев баш турбо. Но, се исплатеше, кога нешто правиш со љубов, за возврат добиваш љубов.. кога тогаш.

Не би сакала да заборавам ништо, затоа што и лошите работи ме направиле уште посилна личност. Во новата година официјално посакувам здравје на мојата фамилија и на сите луѓе во светот, тоа е најважно, зар не. А можеби имам и некоја желба, ама не смеам да ја откривам.. нема да ми се оствари.

Лејла Сабит