Простувањето е лек

Добивај вести на Viber

Сите сме грешни, некој повеќе некој помалку. Ја паметам онаа реченица од Библијата која вели “оној кој е безгрешен, прв нека го фрли каменот”. Се обидувам да не судам (иако не секогаш ми успева) и да барам прошка кога грешам, а и да простам. Години наназад имаше во мојот живот човек кој ми ја искасапи душата. Ми требаше многу време да преболам, да простам и да заборавам. Паметам дека цената на мојот инает да не му простам и мазохизмот кој ме тераше одново и одново да ги преџвакувам сите лоши мигови ме чинеа здравје, како главоболки, стегање во грлото, она чувство на имање кнедла која стои и ден и ноќ. Дури и докторите велат оти лошите мисли се одразуваат физички и дека ни страдаат органите. Секоја емоција се манифестира на телото, сакале или не. Дури има и точно објаснување која на кој орган удира, па на пример, лутината предизвикува главоболки, вртоглавици и висок притисок, стравот е поврзан со стомакот, љубомората и стресот со жолчката, преголемата емотивност со тироидата итн.

Знам дека сето ова напишано изгледа многу едноставно, но вистината е дека простувањето бара многу работа на себе, откажување од суетата и соочување со сопствената несовршеност. Впрочем, улогата на “повреден” е секогаш чудно слатка и дава чувство на некоја надмоќ, додека не стане препрека за да си го продолжите животот и да терате напред. Ете, мене ми требаа неколку години за да сфатам дека чувството за кое се врзав не ми донесе ништо арно. Евоцирање спомени, навраќање на она што било неубаво, притоа заборавајќи дека сме имале и убави мигови кои несвесно сум ги потиснала за да можам да се вртам во својот круг на пеколот. Така, еден ден ми се потсмачи и од себе и од состојбата во која се ставив. И не само што ми се потсмачи, туку и ми се подзгади. Ок, сум била повредена...ок, сум била и навредена...ок, ми било тешко, ама доста беше. Да го вратам времето назад, не можам ниту пак сакам. Верувам дека секој еден човек кој ни доаѓа во животот, без оглед дали ќе замине за некое време или ќе остане, е лекција од која или ќе научиме нешто или пак ќе ги повторуваме истите грешки. Колку и да звучи нелогично, некогаш и кога го јадеме стапот и излегуваме од некој однос здробени, знае да биде и најдобрата работа која ни се случила во животот. Сега знам што сакам, исто толку добро како што знам што можам и што не можам емотивно и физички да поднесам, што ме исцрпува и ми ја арчи енергијата. Од друга страна, да не заборавиме дека и ние сме биле нечија лекција, колку и да сме убедени дека сме биле безгрешни или дека нашето било исправно. Како велат старите, патот до пеколот е секогаш поплочен со добри намери.

Одамна престанав да давам мислење кога муабетам со луѓе, особено кога ми кажуваат за нивни лични проблеми. Научив дека никогаш не можам да бидам во нивните чевли, колку и да сум емпатична, ниту дека можам до крај да се ставам во нивна кожа. Кога ме прашувале за мислење или сум се обидувала да го свртам муабетот, прашувајќи што тие сакаат да сторат, или ако инсистирале, сум напоменувала дека она што ќе го кажам се однесува исклучиво земајќи го предвид мојот табиет и знаејќи што може да ми искрепи душата. Но, приметувам дека се’ почесто умов ми се врти кон тоа дека човек мора да научи да простува, не само на другите туку и на себе. Простувањето на себе за слабостите кои се човечки и секој од нас ги има, го олеснуваат и простувањето на другите. Си простив себе што се обвинував како сум можела да бидам толку слабак за да останам во однос во кој не сум била среќна, си простив што свесно одбрав да замижам пред лагите за кои знаев дека ми биле сервирани, си простив дури и што едно време станав зависна од болката која ми беше приредувана, па дури и ми беше потребна. Си простив што лажев дека е се’ ок, што наместо да си заминам кога стана грдо, останав за да обвинувам. Да, си имав доста за простување и дури кога успеав да си кажам “Ано, за*ба работа, ама доста е. Доста со самосожалување и самозалажување, самообвинување”. Од тој момент, можев веќе да дишам и да функционирам нормално. Ми требаа после уште неколку месеци за да му простам и нему, ама наградата за тоа беше бесценета. Мир каков што немав доживеано, креативност, квалитетен сон.

Зошто инсистирам на простување? Оти само така човек може да се исчисти во себе. Најлесно е да сме судии, да се издигнеме над оние кои ја утнале работата и да делиме правда. Најлесно е да дадеме совет од типот “остави го/ја”, “разведи се”, “направи вака или онака”. А најлесното се покажало и како најнепрактично, оти само го разгоруваме чувтвото на гнев кај оној кој и онака веќе се дави во него. Нит сум совршена, нит ќе бидам. Колку да знаете, на дотичниот му се враќав многу пати дур не пресеков. Ум не се дели и не се купува од туѓото искуство или начин како ги решава работите. Она што за мене е лесно за да пресечам, некому можеби е најтешката одлука во животот. Она што за мене е неможно да го сторам, некому е можеби лесно ко изговорено добро утро. Не сме исти, не реагираме исто. Ама она во што сум убедена е дека секој од нас има просветлување кога ќе прости, дали неверство, лага, навреда...сеедно. Секако, ништо од ова не важи ако простувањето е само на збор, а не да го мислите или чувствувате во себе. Се’ друго е само во ветар фрлен збор кој ќе ви се врати како бумеранг. Сум била таму и знам што зборувам. Дур се лажев себе дека сум надминала, сум се враќала на истото место.

Иљачот не е да се сеќава човек на грдите нешта за да не се враќа назад. Иљачот не е да си го јадете џигерот вртејќи ги низ себе сите расправии, навреди и гадости кои сте си ги кажале со некој. Иљачот не е да терате инает со себе и другиот, ниту да се убедувате кој бил во право. Џабе фрлено време кое може да го искористите на многу поубави работи.

Да се прости не е знак на пораз или слабост, напротив. Голема храброст и сила треба за да можете да продолжите без да боледувате од она што сте го доживеале во минатото. И минатото оставете го зад вас, таму му е местото. И веќе ако простувате некому, а повторно го пуштате во животот, никогаш не го спомнувајте она што поминало. Лезет нема, а ни логика. Тоа не е простување, туку само продолжување на агонијата.

А да...и не слушајте никого, туку само себе и она што ви го кажува срцето и телото. Подобар показател од тоа на каде треба да кинисате, нема. Туѓите искуства само ќе ви ја замачкаат одлуката која длабоко во себе веќе ја имате и ви е дефинирана. Се’ друго е само гола вода и арчење на енергијата која ќе ви биде потребна за да си го терате животот.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не ми ме мене срам

Од тебе прошка да побарам

Ниту круната од глата ќе ми падни

Ниту гордоста в канта за ѓубре ќе ја фрлам

А и женственоста иста ќе ми остани

Па дури и на колена клечела пред љубовта

Оти налет животот

Налет и пара и песни изнапишани

Ако пред она што љубов се вика

Чоек не знае глата да ја наведни

И тивко “прости’ да каже

Не ми е мене ич шубе

Грешките да си ги видам

И пред себе да си ги распостелам

Да си кажам оти улава сум

Што на душата ти стапнав

Наместо да танцувам во твоето срце

Токму онака како што требаше да биде

Онака како што и обајцата сакавме

Не ми е мене срам

Ниту шубе ме фаќа

Да замижам пред твоите слабости

И да пробам да те разберам

Без џелат да ти бидам

Ниту да те осудам што кревок си

Дури и тогаш кога цената скапо ја плаќам

Со твојот молк во кој тонам

И од кој не знам како да излезам

Не ми е мене срам

Ниту пак страв ми е

За раката прва да ја пружам

Со ширум отворена дланка

Со сиот ризик оти можеш во неа да плукнеш

И да си заминеш без да се завртиш

Ич не ми шубе

И срам немам

Ниту страв за пред тебе да се соголам

И главата на твојата дланка да ја ставам

Без многу да му ја мислам

И без да се каам

Ама од едно нешто душава ми се собира

Како стуткана хартија

Која колку и да ја исправаш отпосле

Никогаш не ќе биде како нова

Ниту на неа нова песна ќе збере

Ете

На краиштата на срцево мраз ми се собира

Дека нема ниту да ме чуеш

Ниту ќе посакаш повторно ликот да ми го видиш

Дека сум засекла онаму од каде враќање нема

Толку длабоко за да не зацели

И лузна ќе остани

За која иљач ќе нема

Ниту сега

Ниту за години отсега

Никогаш...никогаш назад