Прва љубов

Добивај вести на Viber

Низ животот сите имаме неколку љубови. За жал, само една единствена е прва, а што е најинтересно таа и не мора да е со реден број 1. Се прашувам дали е тоа поради нашето созревање, па она што сме мислеле некогаш дека ни се случило како љубов, било само вљубување или страст. Од временска дистанца, сега не можам ниту да кажам дали она што мислев дека ми било прва љубов, било токму тоа или некоја моја проекција на нешто што многу сум сакала да ми се случи. Да, било страст и тоа голема. Од онаа побудалувачка од која чоек може да се поболи. Секогаш кога ќе видам такво нешто кај луѓето, се потсетувам на филмот Горчлива месечина, во кој многу експлицитно и убаво е објаснето што може да направи некому баш таа опсесија која е сфатена како љубов.

Кога го гледав филмот (многу години пред да ми се случи таа “прва љубов”) бев убедена дека такво нешто е можно само на филм и никако поинаку. Таа зависност од некој, таа страст која знае да ги помести границите на разумот, таа потреба која се граничи со физичка болка беше потполно нејасно за мене. Како човек кој не сака авиони оти “нема таму што мене некој да ме вози, од кај јас да знам кој е и што е” и некој кој се породи со царски рез, но со спинална анестезија оти “како тоа мене некој ќе ме сече, а јас да не знам што ми прават”, можете да замислите колку контрол фриков за кој зборувам-јас, ми беше во шок кога еден ден го тресна таква опседнатост со некого. Да, ја нарекував љубов, оти потсвесно мислам дека ми беше шубе и страв да се соочам со себе оти не само што не беше љубов, туку си ја открив сопствената мазохистичка страна.

Од оваа страна, сега кога имам доволно години да знам што ми прија и на телото и на душата, не ми се верува дека таа Ана е истата оваа. Да, знам дека да не се појавела таа Ана и да не ми ја извади душата низ нос, или што би рекле моите битолчани, да си го изедам џигерот со лајче, немаше да надраснам некои состојби кои тлееле кај мене и да станам она што сум сега. А не дека сега сум совршена или потполно свесна за се’ околу себе, но за разлика од тогаш, сега знам многу јасно да ги видам знаците кои покажуваат недвосмислено дека нешто терам како што не треба.

Мојата “прва љубов” од денешен аспект можам да ја наречам мојата “прва нездрава опседнатост”. Муабетите од типот дека не можам без некој се само флоскули, тоа да знаете. Секој може без секого, луѓе губат најблиски и пак стануваат сабајле, пак смогнуваат сила да се насмевнат, а само тие си знаат како им е. И најмногу боли за семејството, се’ останато е само влегување во филм. Да, верувам во љубов и припаѓање, мислам дека тоа е нешто во што ќе верувам дур сум жива, но веќе не верувам во она “без тебе не можам”. Не само што можам, туку знам и како. Кога човек не е во дослух со себе, тогаш се фокусира на оној до себе. Колку ли само таленти пропаднале затоа што луѓето се забораваат себе во еден однос и стануваат сенка на оној до нив.

Научив дека вистинската љубов е онаа која само ве поттикнува да сте она што сте, да навлезете подлабоко во себе и да бидете со желба да се развивате и растете на свој начин. Онаа, вистинската љубов не е мачење и мисли кои се 99% насочени кон другиот и што тој или таа прави кога не сте заедно. Таа не бара ваше целосно припаѓање, оти само себе можете да си припаѓате, а да делите или споделувате со некого.

Таквата љубов ве прави спокојни и полни енергија за да можете да создавате и да сте креативни. Таа не уморува од црни мисли и не е полна прашалници каде е вашиот сакан и што прави во секој миг. Напротив, времето кое го поминувате сами е токму ваше време во кое се чувствувате поеднакво добро, како и кога сте заедно.

Што е она што не’ тера да се посветиме некому до степен да заборавиме на себе? Кај мене тоа беше отсуството на самодоверба и сакање себе. Мислев дека јас сум она што ќе го видам во очите на мојот партнер. Дека не треба да се трудам за себе и околу себе, туку да ја задржам сликата што некој ја создал за мене. Замислете сето тоа да го правиме во сите сфери од животот. Дома, со пријатели, на работа. Каков ли е тој товар кој сами на себе си го наметнуваме. Каква ли е таа несигурност за да сме оптеретени да сме секому совршени, без да застанеме и да се прашаме кои сме, што сме и што сакаме.

Зошто слободното време го сфаќаме како казна, наместо како благослов и одмор? Ми беше страв да сум сама, да поминувам време со себе, да сум своја. Ми беше страв да бидам нешто за што немав нечија потврда дека сум таква таман ко што треба. Таман за кого?! За сите освен за себе. Лекцијата си ја научив на потешкиот начин, впрочем кај мене никогаш не функционирало она да учам од туѓото искуство. Не! Ко што велеше баба ми, запнував ко вол во купус, додека не ми дојде умот. Кој може, нека се поштеди од болката на учење се’ сам и нека “купува туѓи искуства”. Кој не може или не знае (ко мене), нека е спремен на борба и болка, ама и на просветлување.

Научив да кажувам НЕ, дури и на оној кој го нарекував љубов. Претпоставувате дека токму од тој момент “љубовта” тргна надолу. И не, не е вината во него, оти јас така го научив. Јас бев таа која мислеше за двајца, работеше во врската за двајца, љубеше и за двајца...попатно заборавајќи го едниот, себе. И тоа, повторно од денешен аспект, тврдам дека не било љубов. Не може човек да сака некого повеќе од себе (освен детето). Може да сакате некого приближно колку себе, може да имате огромна љубов кон некој, ама таа не е оправдување ниту компензација за љубовта која мора да ја имате кон себе. Првиот момент кога ќе почувствувате дека станувате зависни од некој, кренете рачна оти од тој миг ако не реагирате, возилото ќе оди само надолу. Зависноста станува болест и пеколен круг во кој решението со секој одминат ден, ќе ви биде се’ подалеку у подалеку.

Јас излегов од тој круг. Ден-денес имам последици и преиспитувања, имам страв да се препуштам, страв да сакам. Ама се имам себе, таква каква што сум, со многу убави и неубави работи за кои сум свесна и од кои не бегам. Релациите со луѓето ги сведов на дружби во кои се чувствувам себе во секој миг, а не да бидам циркузант кој ќе биде забавувач или полнач на нечие его. Она што сакам, кажувам. Она што не сакам, кажувам.

Внимавајте на себе, љубовта ако е вистинска, прва или за вас, ќе ви го осветли животот. Бегајте од темнината, во неа тешко се наоѓа патот за назад. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Љубов која не бара

Која не тежи

Која не боли како бодеж

Љубов која нема облаци

Која не лее солзи

И која не знае за лузни

Љубов која не ја валка душата

Која не тежи ко земја црна

Која не е како надгробен споменик

Љубов која не бара помен

Како кај умрен 40 дена

И која нема задушница

Љубов која во лето лековита сенка е

А во зима топла прекривка

А на пролет и есен шарен свет

Љубов слатка како овошка

Чиј сок во усни се топи

И која леплива сласт остава

Љубов која е вода изворска

Жед да изгаси

Тело и душа да искрепи

Љубов во која страв нема

Која е храбра како воин

Која сила дава за чекор напред

Љубов која кантар нема

Која не се купува

Онаа која не се продава за алтани

Љубов која трае

Во која векот ден е

А денот свети ко сонце

Љубов која утеха носи

Која нема прашалници

Која не бара одговори

Љубов пиле

Љубов во која своја ќе си

И оној карши тебе таква ќе те љуби

Љубов во која зборот е мек ко памук

Допирот лесен ко тивок ветар

Погледот како молитва тивка

Љубов душо

Онаа која прва станува

Дури и тогаш кога чоек има

И сито и решето минато

И зад себе многу бол оставено

Љубов

Онаа која ќе те подмлади

Онаа која ќе те разубави

И на секоја бразда роза ќе посади

И на секоја лузна градина од убост ќе никни

Таква љубов

Таа љубов

Првата љубов која и последна ќе остани