Р А С П Р О Д А Ж Б А
Мажите никогаш не можат да ја разберат возбудата која се создава во женскиот ум кога на излогот од некоја продавница (особено на оние кои продаваат попознати бреднови), со големи букви е напишано “РАСПРОДАЖБА”. Не, да не се убедуваме. Тоа е како ние жените да се обидеме да ја разбереме вашата пасија за фудбал или формула. Значи, тие волшебни големи, ооооогромни букви кај секое женско чељаде има магично дејство. Тогаш, ни секс, ни Кијану Ривс, ни чоколадо во ПМС, ништо нема таков вкус како буквите кои безгласно во себе ги прпелкаме во устата Р А С П Р О Д А Ж Б А. Мхмхмхмх, каква убавина. И наеднаш, жената која во секојдневниот живот е вообичаено кротка и мила се престорува во амазонка, која е спремна да влезе во битка заедно со другите амазонки со кои под око се гледа, мерејќи си ги силите за тоа која ќе е побрза во одбирањето. Е сега, за жал со пандемијава ова веќе не е толку крволочен натпревар, оти лимитиран е бројот на посетители по продавниците, а башка и дишењето преку маска си го прави своето барем кај оние кои носат наочари, па им се замаглува погледот.
Не сум многу по шопингот. Не арчам време по продавници, оти ме фаќа тешка сафра, а некогаш и напад на паника. Отприлика знам со само еден поглед да си бендисам некое парче и проценувам од око дали ќе ме фати. Ако е фустан, мерам кај градите (ова повеќе од што сум гледала дека така прават, а не дека со моите 75Б тоа е неопходно) и мерам кај задникот, оти ко за слабичка жена фала богу, си го имам. Откако ќерка ми порасна доволно за да не ми бендисува што и’ одбирам, се помирив со тоа дека ќе се влечкам по продавници, па и во тие пресвети моменти кога се големите распродажби (амин). За утеха ми е што сака да носи и мои работи (па си се тешам дека сум cool мајка, иако според неа особите кои се родени во минатиот век, не можат да бидат cool), но знаеме да заглавиме во молови, при што, таа бира, јас висам пред гардероба, па со строг глас ми враќа парче по парче, па после јас тарашкам низ продавницата барајќи помал број, па поголем број, па друга боја. Да ми кажеше некој дека не само што ќе го правам тоа, туку и ќе си молчам, никогаш немаше да поверувам. Арно велеше мајка ми “да си имаш ќерка, да си дочекаш”. А кога ќе ми текне на моите тинејџерски шопингувања со мајка ми, одма ми текнува дека кармата е кучка. Не ретко се случуваше и одделно да се вратиме дома од трговски (оти во мое време немаше каде на друго место да се купува), а татко ми ден денес вели вака “кога ќе видев од прозор дека одите една позади друга со ифрит лути ликови, ме фаќаше страв”.
Сум имала можност од прва рака да видам како изгледа пазарење на време на распродажба, во услови на неконтролирано полнење на продавници. Најинтересни ми се мажите кои стојат надвор и со доза на страв ги гледаат ликовите на нивните поубави половини, како се трансформираат во “или е фустанот мој, или ќе падне крв”. Пустите, веројатно се надевале дека лошото ќе им излезе внатре, па барем дома раат ќе бидат. Чудесната психологија на ваквите купувања е што често пати ние жените купуваме она што апсолутно не ни треба. Чевли со потпетици како игли кои ќе фаќаат прашина со години дур не ги подариме некому, фармерки 3 броја помали во кои задникот може да ни влезе само ако при липосукција се отстранат барем 1,5 килограм маснотија, фустани кои немаат ама баш никаква шанса да се запетлаат кај градите, а да не изгледаме како линијата меѓу двете гради ни почнува од брадата. Се купува само заради тоа што е на попуст, или што би рекла една моја блиска со која стално се смееме, има “понижење” (што кога ќе се земат повеќе фактори предвид, не е далеку од вистината). Сите тие работи или завршуваат во ѓубре, или ги поклонуваме, или нашите ќерки ќе ги бендисаат после Х години, па ќе им се види аирот.
Најсмешното е што распродажбите знаеме дека не се вистинити. Веројатно само тогаш ја плаќаме вистинската цена на производите. Лично мене ми се има случено да платам ѓаол и пол за панталони во еден ексклузивен дуќан, за после да ги најдам истите (ама буквално истите) во една од фабриките во Штип. Да, за 100 денари. Точно, сто наши македонски денари.
Но, она што сакав да го кажам (меѓу другото) е колку ги преплатуваме не само работите кои ги купуваме, туку и оние кои директно ни влијаат на менталното здравје.
Муабетот ми е дека еден куп луѓе ни влегуваат и излегуваат од животите, притоа нанесувајќи ни огромна штета. Пријателства кои се еднострани, љубови кои се лажни, а наседнуваме на зборови и лажен сјај. Колку пати ви се има случено да преплатите со сопственото здравје и нерви, луѓе кои дури и да би биле на распродажба, не би имало кој да се турка со вас за да ги земе. Опседнати со потребата и желбата да сме сакани, долгата осаменост и емотивна прегладнетост, цвилењето однатре за убав збор, сето тоа им ја накачува цената на сите оние кои се дојдени за да си одат, извлекувајќи го од вас најдоброто за себе, а за возврат ќе ја добиете само нивната суета и самобендисаност. Ги преплаќаме оние кои некако не’ намирисуваат дека самодовербата ни е падната, па со брзина на светлината успеваат да не’ убедат дека само и исклучиво покрај нив ќе бидеме среќни, без оглед што не се чувствуваме така. Набрзо, убедени сме дека сме безвредни доколку ваквите цицачи на енергија не ни се во животот. И тоа така тера, некогаш со децении, некогаш (ако имате навистина среќа) помалку од година, но болката отпосле е иста.
Закрепнувањето е долго, болно и тешко. И онака претходно намалената доверба е уште повеќе намалена, осаменоста поизразена. Ама знаете што? Неверојатно е колку брзо поминува откако ќе ве удри тоа сознание дека сте сами. Прво доаѓа она чувство дека повеќе не ве стега во градите, можете слободно да вдишете, стомакот не ви е чувствителен, главоболките се намалени. Да, телото многу добро знае да ви покаже кога правите нешто што се коси со она што е добро за вас. Пред години, имав мака со грлото. Да не ви кажам што се’ ми мина низ главата. Па стомакот, па мигрени, па само си наоѓав некои болести, а верувајте, знам да бидам со прилично бујна фантазија дури и за болести (на страна дека знам да бидам хипохондрик). И кога расчистив со себе дека тогашниот живот ми беше мизерија и дека колку повеќе давав, толку бев понесреќна, си заминав. Оттогаш научив дека што и да ми е на телото, прво да си направам муабет со себе и главава (ама потполно искрено и без да се саботирам), па после да видам дали сум за на доктор одење.
Не купувајте се’ и сешто, ниту по продавници, ниту од луѓето. Едноставно, некои нешта не вредат ама баш ич. Едноставно, некои работи колку и да се евтини, цената која ја плаќате е премногу. И едноставно, научете дека не е се’ за вас. Како што има работи кои изгледаат прекрасно, а не ви е комотно во нив, има и такви луѓе. Однадвор мед, однатре пелин. И не си ги потценувајте ниту телото ниту интуицијата. Тие најчесто однапред знаат дали е нешто добро за вас или не. И памтете, умот нека ви биде пријател за да не ви стане непријател. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Која е цената на среќата
Да си светната во очите
А од нив љубов да блика
Та лицето да ти цути
Ко градина трендафили в лето
И снагата лесна да ти е
Како по облаци да чекориш
Која е цената
Онаа што спремна си да ја платиш
За спокој во градите
За секое вдишување мир да ти е
А со секое издишување
Насмев на усните да имаш
Без страв или втисната брчка на челото
Која е цената на љубовта
Онаа за која си слушала во бајки
И во која болка нема
А радоста не се мери во грамови
Онаа во која се’ e до небото
И никако, никогаш назад
Дур смртта не ве раздели
Која е цената на храброста
Со која збогум ќе речеш
И никогаш нема да се завртиш
Дури ни тогаш кога сама остануваш
А во тоа сама само бура има
И колку и да те боли срцето
Продолжуваш по патот кој не е ваш
Која е цената
Која е цената на своја да бидеш драга моја
И да се љубиш како него што си го љубела
Да се чуваш како него што си го пазела
Да се милуваш по душата
Како што неговата си ја галела
За да се сочуваш себе за себе, од себе
Која е цената
Која ли е таа цена
Која си спремна да ја платиш
Со продавање на душата на ѓаолот
И цената на твоите солзи која е
На очајот кој те обзема
На горчината која телото ти го труе
За да љубиш некој кој за љубење не е
За да останеш некаде каде што местото не ти е
Да живееш умрена
И смртта да ја чекаш како спас
Оти нема цена радоста твоја
Ниту солзата пролеана
Ниту дланките во тупаница стиснати
Нема цена твојот сон
Ниту смеата која заглавена в грло ти е
Нема цена
Нема цена животот твој
Кој бледее и гасне
Тогаш кога љубена не си
И тогаш кога денот е сив
А ноќите ти се векови долги
Нема цена само она што
Со својата умирачка ќе го платиш