Радикални се операциите кај жените кои се во напреднат стадиум на канцер на грлото на матката: Интервју со проф. д-р Стојовски
Поради карцином на грлото на матката, жените кои се борат со оваа болест остануваат без репродуктивните органи и тоа само доколку станува збор за почетна фаза, а доколку болеста веќе е во напреднат операбилен стадиум се пристапува кон радикален оперативен зафат со отстранување на матката, јајницити, лимфни јазли...Податоците за се поголемиот број од женската популација која заболува од овој вид рак се алармантни и затоа подигнувањето на свеста за превенција од оваа болест не треба да се сведе само на еден месец, односно само јануари, вели во денешното интервју за Фактор проф. д-р Марјан Стојовски, спец. гинеколог и субспец. гинеколог онколог во Клиниката за гинекологија и акушерство.
Јануари е месец посветен за борба против ракот на грлото на матката, а последната недела од овој месец е недела кога се прават голем број активности со цел подигнување на свеста за ова сериозно заболување. Професоре Стојовски, дали е доволно само еден месец интензивно да се посвети внимание на сериозна болест, која на глобално ниво е четврта по смртност или мора да се најде начин да се дејствува континуирано со цел заболувањето да се превенира?
Проф. Стојовски: Да, како што кажавте јануари како прв месец од новата година не случајно е избран како месец за подигнување на свеста за ракот на грлото на матката. За таа цел на светско и локално ниво се превземаат голем број на активности чија цел е информирање, скринирање и подигнување на свеста за позитивните ефекти од вакцинацијата против ХПВ како средства за борба против ракот на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката на глобално ниво според смртноста е четврт најчест карцином, со околу 670 000 новоткриени пациентки со карцином на грлото на матката од кои 370 000 завршуваат со летален исход, а воедно овој тип на карцином претставува и шести најчест карцином кај жените во Источно Медитеранскиот регион. Само за илустрација во 2020-тата година според податоците од СЗО дијагностицирани се околу 90 000 жени, а повеќе од 47 500 жени починале од оваа болест.
Најнизок процент на новозаболени пациентки има во високоразвиените европски земји кои имаат огранизиран скрининг од пред триесетина години (Норвешка, Шведска, Германија итн) каде што има 2 до 5 пациентки на 100 000 жители.