Раскинавме...или не?!

Добивај вести на Viber

Порано се смеев кога моите со доза на носталгија ми раскажуваа за “нивното време”, во кое сосем добро се функционирало без одредени придобивки во кои јас уживав кога бев помлада. Признавам, не ја разбирав таа нишка на тага кога се раскажуваа случки кои од денешен аспект се дури и смешни. Игранки, корзо, собирање на домашни седенки. Денешните дружби се сведоа на скајп, месинџер, вибер, смс, ммс, инстаграм и уште неколку алатки кои на едноставен начин можете да си ги инсталирате на телефон. Ок, јас сум интроверт и никогаш не ми било многу пријатно во големи толпи. Сум ја сакала самотијата, оти не само што сум уживала во неа, туку ми била и потребна за да се стишам однатре и да можам да пишувам. Не сум била журкаџиски тип, ниту сум сакала гужви во кои знаело да ме фати паничен напад и да не знам што со себе. Не дека сум дивјак, сакам да поминувам време со оние малкумина кои ми се светлина во животот, да одам на ручек, да испијам кафе. Сега со пандемијава малку сум и отповеќе аут со дружбите, но се надевам дека за кратко ќе може колку толку да се вратиме во колосек. Ова време-невреме ми ја потврди потребата од технологијата, како начин на комуникација со драгите ми луѓе, како потреба...но и како средство кое може многу лесно да ви го усложни животот.

Се’ си има две страни, нели? Црно и бело, Јин и Јанг. Во последната колумна со Божо во Машки магазин на Фактор ја начнавме темата за оние “преубави” можности кои ги нуди интернетот за да се дојде до комуникација меѓу двајца. Повеќе муабетевме за злоупотребата во смисол на досаѓање и инсистирање на муабет, кое некогаш преминува и во малтретирање. Па ми текна дека сето ова има неколку аспекти, кои не сме ги спомнале. Да, интернетот и социјалните мрежи го олеснија запознавањето. Прашање е само колку луѓето навистина се запознаваат на нет, оти ова е место каде што визуелно ги доживуваме оние со кои комуницираме (а не сме ги виделе во живо) преку слики, додека муабетот во чет е веќе нешто за што имам двојби од аспект на искреност. Секогаш првичниот нагон е да се прикажеме подобри и да бидеме прифатени. Како се проценува дека оној од другата страна е навистина она што кажува дека е? Можеби е до годините, но јас сум секогаш скептична кога се запознавам со луѓе, а тоа да не е во живо (сега читајќи го ова, Биба ќе крене една веѓа во смисол “дека ич не си кога ги запознаваш во живо”). Но, еве да претпоставиме дека имате некој кој што ви се допаѓа и муабетите. Ќе дојде време да се запознаете во живо и излегува дека тој/таа е супер личност, има муабет, има хемија и се случува БУМ...врска. И нормално, како што тоа бива во секоја врска не се запознавате само еден со друг, туку се запознавате и со другарките и другарите на партнерот/партнерката.

Тоа е она ко ќе речат дека една особа кога ја пуштате во својот живот, всушност пуштате многумина, оти таа не е единка која функционира сама. И токму тој момент е оној за кој сакам да зборуваме денес. Се запознавате со сите нејзе/нему важни луѓе. Во момент на еуфорија, сите и без исклучок ја правиме онаа легендарна грешка, а тоа е додавањето на другари, другарки на нашиот сакан/а на социјалните мрежи. И тоа е кул, интересно, забавно. Функционирате како едно големо семејство, на секоја ваша објава имате наклонетост од чопорот блиски кои стојат зад љубениот/љубената. Па летаат коментари со приватни шеги, има смеење, договарање за дружби. И тоа би било совршено, ако приказната завршува со “и си живееја среќно и весело до крајот на животот”. Со оглед на тоа дека одамна не живееме во бајка, а бајки ретко се случуваат во денешно време (за жал), некогаш раскинувањата се претвораат во вистинска траума. Олеснителна околност е доколку двајцата кои ја прекинала врската тоа го сториле без навреди, караници и сосем зрело се навикнуваат на новонастанатата ситуација. Оддалечувањето настанува без своевидна драма која повлекува тргање од пријатели, блокирање, па она легендарното дека наеднаш имате 200 пријатели помалку, оти сите фаќаат страна. Ете затоа не се трча ко прле пред магаре и не се станува пријател со пријателите на партнерот, односно мора да се има една дистанца која после ќе помогне нештата да не бидат (во најмала рака) чудни. Сум им кажала на моите блиски дека не можам да сум “френд” со нивните партнери, оти некако не ми одат тие две работи едно со друго. Партнерите можеби ќе бидат тука неколку недели, месеци, години...на крајот од денот, не ни сакам да имам таков близок однос со дечко/девојка/маж/жена на моите луѓе оти секогаш настануваат компликации кога работите тргаат во правец кој не е баш пожелен.

И ако постои разум, тогаш нема проблем. Постепениот прекин на комуникација не остава никого исфрустриран и истрауматизиран. Уште поарно ако бившите партнери останат пријатели, па нема потреба од потресување. Но, што ако раскинувањето е болно, фрустрирачко, па дури и пропратено со насилство? Што ако е на начин кој повлекува омраза? Ете, тука е поентата на мојата двојба за “убоста” на социјалните мрежи како начин на запознавање (налет, веќе се’ оди во тој правец). Лично, ми фали времето кога имав еден симпатија кој беше во бенд (заради него почнав да го сакам оној џезон кој не го разбирам) и одев специјално да му се изнагледам (нормално, стуткана во ќош и никогаш не се запознавме).

Да се вратам на муабетот...

Траумата после раскинување благодарение на социјалните мрежи знае да биде исцрпувачко. Колкумина од вас имале такво искуство? Раскинати, а дотичниот или дотичната знаат се’ за вас. Што сте постирале, каде сте биле, со кого сте биле. Грдотијата скроз ја заменува убавината што сме ја чувствувале кога сме се запознавале. Медиумот кој бил средство за да дојдеме поблиску до оној кој ни се допаѓал, наеднаш ни станува непријател број 1. Па тука е и онаа армија пријатели кои не знаете од каде демнат...и не само на вашите бивши, туку и вашите пријатели кои некако мислат дека треба да ве известат што прави другата страна. Минатото никако да стане минато, заглавено во некое меѓувреме во кое ништо конструктивно не се случува. Раскинати, а како да сте се’ уште врзани со папочна врвца наречена ИНТЕРНЕТ. Имам изнагледано и изнаслушано секакви грдотии на оваа тема, од јавни навреди во форма на постови, вадење делови од приватни преписки, до следење преку лажни профили. Нештата стануваат грди тогаш кога затајува внатрешниот механизам на самоконтрола. Затоа, повеќе ги почитувам оние парови кои си ја држат интимата подалеку од очите на јавноста. Повеќе ги почитувам оние кои се воздржани, па макар биле и во брак, отколку оние кои сакаат сите околу нив да видат колку се среќни, притоа заборавајќи дека исто толку добро ќе се гледа и кога се несреќни. Не се опседнувајте со тоа што некој прави кога веќе не е со вас и не дозволувајте да бидете вознемирувани од тоа дали некој будно прати како ви тера животот. Ваше е да одболедувате ако сте биле повредени, да си ги соберете парчињата и полека да станете, побогати за едно искуство како НЕ треба. Ваше е да тргнете напред и да не дозволите било кој од вашето минато да се наметне како сегашност или иднина. Кажете ЧАО со истата леснотија со која сте го кажале и првото ЗДРАВО, ако знаете и сте сигурни дека е крај. И не дозволувајте да бидете вовлечени во ничија мрежа во која само уште повеќе ќе се заплеткувате. Правилата на секоја игра се многу едноставни. Кога не ви се игра повеќе, кажувате КРАЈ, станувате и заминувате. Од лично искуство, не се вртете, вртењето секогаш има цена, а кога веќе заминувате тогаш не вреди да платите прескапо за евтини емоции.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат

ко ќе заљубиш силно

ко ќе станиш љубов

најубавите песни низ прстите течат

како живо сребро низ нив светат

како вода што жубори

како лисја што шумат на ветар.

Такви песните биле ко љубиш

та во нив сласт и страст

сето срце на хартија распослано

и секоја буква поинаку се прелева

а зборојте крилја имаат

и сами се редат

како чест да му прават на оној

за кој биле наменети

како да му се поклонуваат

покорно

оти нема ништо посилно од таквата љубов

во која на колена ќе падниш

а душата простум ти стои

и рацете споени ко да се молиш

за да трае

да му траеш

и еден на друг да си траете

да не секне водата

и огној да не ги изгорат дрвата

оти тогаш меѓу вас тишина се раѓа

та и песните поинакви стануваат

буквите онемуваат

зборојте се прекршуваат

и колениците крвават

до коска се соголуваат

ама, па, ништо не те боли

оти налет таа болка

која е солена шега за онаа внатре што ти шета

та не знаеш дали кожата те боли

или мислите канцер ти фатиле

и се прпелаш меѓу два листа хартија

дури во црвено ги боиш

оти и прстите од бол ти крвават

од немоќ

од страв

од напукнат молк кој не знаеш како да го разбудиш.

Ете, така велат

дека најубајте песни се пишуваат

кога човек љуби или боледува

дека поубава песна нема

од онаа во која живееш... или умираш.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска