РЕЦЕПТ: Еклери

Добивај вести на Viber

Старите добро еклери. Сѐ помалку ги има во слаткарите како од наше време. Го немаат истиот вкус, истата свежина, мирис … Ми недостигаа, па си ги направив. Ми недостигаат затоа што ме потсетуваат на времето кога роденден славевме во слаткарница со сок и еклер, со минимално традиционален тотално не-луксузен подарок. Кој всушност и не беше важен, важно беше да дојдат другарчињата. И дружбата и детските препирки. Навистина беше убаво … не знаевме за брендови и не бевме длабоко потонати во мобилните уреди ниту пак ги меревме материјалните добра, а и нашите родители беа повеќе со нас и имаа време за своето семејство.

Затоа кога ќе ви текне на старите добри времиња, тавче еклери ќе ви ги врати спомените …

Потребни состојки

240мл. Вода

115гр. Путер

130 гр. Брашно

4 јајца (м)

Прстофат сол

Најпрво ви треба шприц со поголем отвор (бр.10). Чист и подготвен за полнење. Големата тава од рерната обложете ја со хартија за печење. Рерната вклучете ја на 220 степени.

Измерете ги сите состојки прецизно и просејте го брашното. Во сад ставете ги водата, путерот и солта да зовријат. Кога ќе вријат додадете го брашното и мешајте постојано околу 1 минута. Кога ќе се соединат состојките тестото ќе можете да го соберете како топка.


Префрлете го во сад за матење и оставете да се излади околу 15 мин. Потоа со вклучен миксер матете го тестото додавајќи 1 по 1 јајце не сите одеднаш. Кога ќе добиете хомогена смеса префрлете ја во шприцот и направете долгнавести форми.


Печете 10 мин на 220 степени а потоа намалете на 190 и печете уште 30 минути односно да добиете златно-кафена боја.


Кога ќе се испечат оставете ги целосно да се изладат а потоа од долната страна направете по 3 дупчиња на секој еклер за да ги наполните со фил без да ги сечете.


Овие еклери ги наполнив со крем од пудинг од ванила засладен со кокосов шеќер. Кој откако ќе се излади се додава во пенасто изматен путер со малку шеќер во прав. Изладениот крем ставете го во шприц и отвор бр. 2 и полнете ги еклерите во дупчињата. Одозгора ставете растопено црно чоколадо.

Вистинско уживање кое ќе ве потсети на детството.


За Женски магазин, готви Маја Зивчевиќ