РЕЦЕПТ: Салата со јагоди
Кога ви се вечера нешто „light“ или сакате да намалите килограми, салата е најдобра опција. Уште па кога ќе си купите малку кисели јагоди немате друг избор освен да си ја направите следнава.
Потребни состојки:
50 гр. Јагоди
Шака рукола
4 листа Ајсберг салата
1 ротквичка
50гр. Мешано сирење
1 лажица сушена коприва
1 м. лажичка сушен босилок
50гр. Сончоглед (несолен и непечен)
Четвртина кромид
За дресинг:
Балсамико гел
Маслиново масло
За почеток секогаш зелените салати и јагодите ставајте ги 10 мин во вода со сода бикарбона, био или не, не го пропуштајте овој чекор. Убаво исплакнете ги,исушете ги и складирајте во пластичен сад со кујнски „папир“ одозгора па во фрижидер спремни за вечера.
Јагодите и ротквичката насечкајте ги на листови, сирењето на мали коцки а кромидот на стапчиња. Листовите рукола и ајсберг може да ги искинете со рака или насечкате по желба. Сончогледот помешајте го со сувите зачини и сол и тостирајте 5 минути на жешка тава или тостер.
Се заедно помешајте во сад, додадете 2 лажици маслиново и 3 лажици гел балсамико, посолете по желба и уживајте.
*Ајсберг салатата може да се замени и со марула салата а мешаното сирење со козјо.
За Женски магазин, готви Маја Зивчевиќ