Рецепт за багет: Засукајте ракавите и направете си вкусен леб

Добивај вести на Viber

Рецепт за багет со мека кора од која можете да направите и брускети - со неколку трикови ќе биде свеж неколку дена!

Багет - вкусен леб со потекло од Франција по рецепт на вегетаријанката од кујната, блогерката за храна Кристина Ѓорѓевиќ. Вака направен багетот е многу крцкав, но ако сакате да биде малку помек, по печењето можете да го завиткате во крпа, па ќе добие малку помека кора. Многу е вкусен и кога ќе се подгрее следниот ден. Кората ќе биде малку потврда, па најдобро е да го загреете во рерна, или да го искористите за подготовка на брускети. 

Повеќето од вас сигурно викендов се слободни, а ние имаме супер рецепта.

Состојки:

*500 гр меко бело брашно + уште малку за месење 

*300 мл топла вода

*7 гр сув квасец

*1 лажичка шеќер

*1 лажичка сол

*2 лажици сончогледово масло + за премачкување

Подготовка:

Во топлата вода додадете квасец, шеќер и една лажичка брашно, промешајте и оставете да надојде. Во поголем сад просејте брашно, посолете и измешајте. Потоа додадете го стасаниот квасец и масло, замесете мазно тесто, оставете го во сад подмачкан со масло и покријте го со крпа.

По еден час премесете го тестото и вратете го во садот. Оставете го повторно да нарасне уште еден час. По еден час повторно премесете го тестото и вратете го во садот. Почекајте тестото повторно да нарасне (најмалку половина час) и поделете го на 2 или 3 еднакви делови, во зависност од тоа каков багет сакате, поголем или помал.

Секој дел со раце се развлекува во правоаголник и се витка во лепче. Се ставаат на плех обложен со хартија за печење и се остава да нарасне уште 60-90 минути. Околу 15 минути пред печењето, со остар нож исечете го лебот дијагонално. Непосредно пред печењето премачкајте ги со мешавина од топла вода и масло.

Се пече во рерна загреана на 200 ˚C. Доколку забележите дека брзо добиваат боја, намалете ја температурата на 180 ˚C и оставете ги да се печат до крај. Испечените багети извадете ги од рерна и оставете ги да се изладат на решетка.


FOTO: Ilustracija - Freepik