Рене Зелвегер во улогата на Џуди Гарланд: Фаворит за Оскар

Добивај вести на Viber

Како родена тексашанка, Зелвегер и` пристапи на оваа улога со истата неустрашивост  и шарм со кои ја играше и улогата на симпатичната дебелка - Бриџит Џоунс

 Американската актерка Зелвегер која во филмот „Џуди“ја игра улогата на славната актерка Џуди Гарланд ќе маѓепса многумина. Филмот „Џуди“, според сите показатели, се наметна како сензација во предоскаровската сезона токму поради улогата  на Зелвегер, која ја паметиме по брилијатнниот филмски лик на Бриџит Џоунс во серијалот „Дневникот на Бриџит Џоунс“.


 Филмот „Џуди“ е не претерано скапа продукција која се темели на театрската претстава „Зад виножитото“ која се занимава со подоцнежните години од кариерата на големата актерка и пејачка (1968/69 г.) кога  таа веќе немала филмски ангажмани  (последниот филм го снимила во 1963 г. ) и главно настапувала како пејачка. На овие настапи, лондонската публика некогаш ќе ја испратела со овации, нo некогаш ја гаѓала и со храна, особено кога ќе дојдела неподготвена, пијана или под дејство на седативи. Инаку, Џуди Гарланд ќе остане запаметена по филмовите „Волшебникот од Оз“, „Ќе се сретнеме во Сент Луис“, „Божична парада“ и „Ѕвездата е родена“ и концертниот албум „Џуди и карнеги Хали“ за кој доби четири Греми награди.

Во филмот има многу флешбекови - некои се однесуваат на тинејџерските години на Гарланд, на времето во  студиото МГМ каде, наводно, била принудена постојано да биде на диета и на медикаменти за подигнување на работниот елан и медикаменти за спиење.

Филмот е режиран од Руперт Голд, попознат како човек од театарот отколку по своите филмски и телевизиски дела. Интересен детал во филмот е претставувањето на два лика – геј пар кои биле нејзини страстни обожаватели. Познато е дека Гарланд била икона на геј популацијата која ја обожавала поради нејзината енергија со која ги совладувала сите животни неприлики исто како како и самите тие.

Зелвегер како родена тексашанка му пристапи на овој ангажман со иста неустрашивост  и шарм со кој ја играше и улогата на полничката Бриџит Џоунс, и покрај тоа што никогаш немала ништо заедничко со лондонското поднебје. Публиката и дел од критиката се уверени дека за својата бравурозна изведба таа може да одбие Оскар со оглед на тоа што нема друга посериозна конкуренција.