Рингишпил

Добивај вести на Viber

Не можам да плачам, одамна. Ќе ми дојдат солзите, гласот ми напукнува, очите ќе ми се зацрвенат, дури и носот ќе ми протече и...ништо, ќе подголтнам и минува. Плачам однатре, некогаш се чувствувам како душава на ситно ренде да ми поминува како кога се спрема салата па се става на најситното за да си пушти сокови. Одамна не знам каде ми се солзите отидени или што ми се има случено за да си дадам забрана за искажување емоции на тој начин. Имаше еден период од мојот живот кога чувствував дури и физичка болка во грлото, па како секој добар лаик го превртев интернетот и си најдов барем 3-4 малигни болести, додека другарка ми Ани (која е психијатар) само со една реченица, односно прашање ми ја постави дијагнозата “Ана, плачеш ли некогаш?”. Солзите се лек и скапоцена течност која за мене е луксуз и нешто што го имам попатно изгубено. Сите семејни проблеми, болести, смрт, загуби кои ме треснувале на земја и ме поболувале, поминале без капка солза и со многу голема болка која останала некаде во мене, длабоко наталожена.

Тоа е веројатно најголемата причина зошто пишувам. Единствениот начин за да кажам што ми е, што ме боли, што ме радува или повредува е да го напишам. Товарот го ставам на хартија и колку-толку олеснува. Не за долго, ама барем ми помага да го исплачам преку збор она што ми тежи...до следната песна.

Пишувам на музика, секогаш. Не паметам дека онака “на суво” имам извадено песна од себе, без да свири нешто во позадина. И не сум сигурна до кој степен музиката ми е тригер за да можам да испишам она што ми лежи на душа, само знам дека зад секоја песна стои мелодија на која можам да се сетам, иако не се сеќавам на напишаното. Така, кога во memories ќе ми излезе песна која сум ја објавила пред години, веднаш ме враќа наназад и точно знам зошто и како е напишана, што сум чувствувала и која мелодија стои зад неа. Еднаш некаде прочитав дека кога се создава било какво дело, без оглед дали е поезија, проза или слика/фотографија, најдобро е да се избегнат сите останати дразби кои би создале лажно чувство при креирањето. Можеби треба отсега да ставам и линкови со песните кои ги слушам додека пишувам, за да ја имате комплетната слика. Од музика не се разбирам, односно, ја бирам по осет и по она што буди во мене. Како мала бев избркана од хор, бидејќи фалширав, а и сега како возрасна не можам да се пофалам дека ми оди пеењето. Или како што би рекла Биба “среќа што детето ти е на тетка ѝ Биба, а не на тебе”.

Цел живот музиката која ја одбирам да ми биде дел од секојдневието имала посебно место во моето срце. Имало музичари и групи кои и покрај широката популарност, не успевала во мене да разбудат емоција. Дури ми било срам и шубе да кажам дека не сум ги сакала воспеваните музичари, оти не сум била на чисто со тоа дали е сѐ во ред со мене што едноставно не можам да ги слушам или што не побудуваат ама баш ништо што ќе ме “потресе”.

Зошто го сакав Балашевиќ? Никогаш не се трудеше да биде она што не е, да е во мода по секоја цена, да создава песни кои се во тренд за да ја задоволи публиката. Токму онаа негова ноншалантност и појавата која и во поодминатите години му беше како на младо момче со рацете во џебови и без помпезност, ме правеше да се чувствувам дека човекот разговараше со сите нас поединечно. Неоптеретените стихови, полни приказни кои вешто ги раскажуваше на сцена, без притоа да создава фама со ефекти и бомбастични сценски настапи, скромноста која ја задржа и покрај големата популарност, ме фасцинираа секогаш. Знаејќи си ја мојата неможност да ја издржам пресијата од набој на масовни емоции, никогаш не сум му била на концерт. Знаев дека ќе излезам болна и здробена, слушајќи ги во живо песните кои ме потсетуваа на детството, баба ми и дедо ми, па и љубовите во мојот живот. Ја сакав неговата појава која немаше никаква врска со физичкиот изглед, туку со магијата што успеваше да ја направи. Ја сакав таа негова полунасмевка со која се чинеше дека вели “еве ме, да си промуабетиме за животот, за смртта, за љубовите кои сме ги имале и изгубиле”. Никој не раскажуваше приказни преку песна како што тоа го можеше тој. Никој!

Ретки се уметниците кои ја задржуваат искреноста и скромноста низ целиот пат од славата. Ретки се оние кои не си дозволуваат да бидат замаени дека вредат повеќе од другите само затоа што ја имаат моќта да им се пикнат на луѓето во душата. Ретки се оние кои остануваат да чекорат по патот кој го одбрале, не дозволувајќи лажниот сјај на проклетството наречено “јавен живот” да заборават кои се и што се. Животот под лупата на широките маси е товар со кој малкумина знаат да се справат, без притоа да изгорат. Балашевиќ не беше ѕвезда, туку небо полно ѕвезди.

Секоја песна-мало ремек дело која ја пееше/раскажуваше како кога порано се собирале луѓето околу огништето, па си раскажувале приказни. А неговите беа вистинити. Мислам дека не постои човек кој не се нашол себе барем во една негова песна. А секоја за себе е по една лекција за животот и полна одговори за прашања кој секој од нас си ги поставувал.

Она што човек го создава со љубов во која се внесува целосно, не умира. Она што го даваме од себе, а не е мерено со кантар, ниту е лага која ја сервираме за трошка популарност, не умира. Публиката тоа го знае, го чувствува и не го заборава. Чудно, но секогаш после смртта се гледа појасно што некој оставил зад себе и колку тоа допрело до луѓето. Сите кои жалиме по Балашевиќ, жалиме по нашето огледало во кое сме се гледале себе, жалиме по човекот кој можеше толку лесно да ни каже дека во суштина сме исти, без притоа да го кити кажаното. Едноставноста на неговите зборови беше најголемата сила која ја поседуваше.

Тоа што сакам да го кажам е следново... не ви треба ниту слава, ниту моќ, ниту агресивност за да натерате некого да ве слушне што имате да кажете.

Не ви треба брендирана облека за да оставите впечаток, ниту бесни автомобили за да импресионирате.

Не ви требаат неразбирливи зборови и комплицирани изразувања за да допрете до нечие срце.

Ви треба само храброст да бидете она што сте, доследност во убедувањата кои ги имате и чиста совест.

Не е ова плач по згаснување на нечиј живот, впрочем смртта започнува од денот на нашето раѓање. Ова е само потсетување дека животот е рингишпил... мојата омилена песна. Ова е само потсетување дека ни треба боја во и онака црно-белиот свет во кој живееме.

Да сте ми живи и здрави.

П.С. Наместо песна за денес, еве го текстот од песната која ми е во срце.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Curi od jutros u čet'ri i pet
Rešilo Nebo da potopi Svet
Nad gradom danima
Vise iste kulise

Poliva kiša
Al' to joj je zanat
Ma, sve mi je ravno
K'o Severni Banat
Manje-više
I sa kišom i bez kiše

Vreme se vuče k'o teretni voz
Gde li vecčeras da pomolim nos?
Klasika: "Konobar
Uno kafe Makiato."
Pa da...

Prolazi vreme
Al' to mu je manir
I sve je to plitko
K'o plekani tanjir
Izeš sliku
Nigde jedra na vidiku

O, daj okreni
Taj ringišpil u mojoj glavi
To ne zna niko, samo Ti
Bez tebe drveni konjići
Tužno stoje
Dođi, iz plave boce se pojavi
Bar jednu želju ispuni
I dodaj Svetu malo boje
Čudo moje

Veče se klati
K'o prezreli klip
Teška vremena
A ja težak tip...
Mmm...gravitacija za čas
Uzima svoje

Slab sam ja igrač
Za subotnje gužve
Al' shvatam pomalo
Te pokretne spužve
Neko pijan
Lakše Život odrobija

O, daj okreni
Taj ringišpil u mojoj glavi
To ne zna niko, samo Ti
Bez tebe drveni konići
Tužno stoje
Dođi, iz plave boce se pojavi
Bar jednu želju ispuni
I dodaj Svetu malo boje
O, čudo moje

Sustajem, odustajem
Pritiska me kao pegla
Javi se, pojavi se
Dodaj Svetu malo vergla

Nekad si me čudila
Danas bi mi tako legla
Dodaj malo ludila
Dodaj Svetu malo vergla