Рисима Рисимкин, кореограф: Чудно време, ние работиме со телото, што сега е забрането
Скопје танцовиот театар (СТТ), како и многу други институции, преку својот Јутјуб канал, започна со бесплатно емитување на претстави во сопствена продукција. Со тоа СТТ, како што вели неговата уметничка директорка Рисима Рисимкин, е првиот од областа на танцот, не само кај нас, туку и во регионов, кој организирано, во вид на програма ги постира претставите од своите архиви во целост - онлајн.
-Тоа е за нас ново искуство, сите бевме навистина возбудени, додека го подготвуваме првото премиерно изведување во живо – вели Рисимкин, најавувајки дека оваа недела, секој ден со почеток во 18,30, премиерно ќе емитуваат целосни претстави, кои досега не биле онлајн, преку нивниот Јутјуб канал.
* Главната предност на изведувачките уметности – театар, балет, опера, беше урнатиот четврти ѕид, оној кон публиката. Дали онлајн-изведбите повторно го создаваат?
- Ова е време на нови можности. Секој од нас се прилагодува, учи како можеме да дејствуваме во иднина. Изведувачките уметности, кои досега одеа во живо, во овој период нема да можат така да дејствуваат, но тоа значи дека треба да размислуваме како ќе дејствуваме. Се надевам дека овој период нема предолго да трае, но колку и да трае, сите ќе научиме нешто. Ново време – нови искуства. Уметноста нема граници и не смее да запре. Таа го прави животот похумен.
* Како Ви се чини овој онлајн живот што го водиме последниве две недели? Што добивме, што изгубивме и што треба да научиме?
- Првиот впечаток е - чудно време. Нашата работа се заснова на секојдневна пракса и одеднаш се најдовме во ситуација да не можеме да ја практикуваме. Работата од дома ни е ограничена, поради карактерот на нашата уметност, нам ни е потребен поголем простор и комуникација, ние работиме со тело, што во моментов и исклучиво забрането. Да, ново време, наоѓаме начини да се справиме и сигурно од ова ќе произлезат нови креативни идеји, а кој ќе биде патот, рано е да се каже. Се уште имаме сеќавања и рутини, кои не држат, како и надеж дека се во еден момент ќе заврши и ќе се вратиме во некоја нормала.
А што ќе научиме? Основно што треба како поука да извлечеме од овој период, според мене, е дека секој треба и онлајн да внимава како се однесува, да нема вулгарности и ниски удари, простотија во изразувањето, мислам дека таквите написи се повеќе пречат и дека луѓето ќе почнат да се бранат од тоа. Би препорачала, секој да се држи до своето поле, стручност и експертиза, бидејќи, навистина е премногу од тоа сите да знаат се за секоја состојба. Препорачувам сите извори на информации да се проверуваат и да не се верува со леснотија на се што е напишано. Да го задржиме менталниот систем чист, колку што можеме повеќе. Да сме креативни и позитивни.
* Па, каква е, да го искористам насловот на вашата прва онлајн премиера „SMS (soul, mind and something else…)“, состојбата на душата, умот и на тоа нешто друго, во втората недела од нашиот карантин?
- Па, се уште чиста, хахахахахах. Повторно ќе нагласам, бидете креативни, сите имаме проблеми во својот мал свет во кој живееме, да се возрджиме од секојдневно плукање по се и сешто, да имаме малку верба и да се споиме во оптимизмот, помагањето, за да ја победиме оваа ситуација, која дојде без никој да ја посака.
* Познати сте со сопругот, како еден од најфункционалните бракови на јавната сцена. Како ви годи изолацијата?
- Хахахахахах! Па, ние во моментов двајцата работиме од дома, се обидуваме да имаме дневни нови рутини, да сме зафатени, секој со својата работа, комуницраме секојдневно со децата, ги следиме сите препораки и се обидуваме конструктивно да допринесеме за општата ситуација. Јас сум секојдневно во комуникација со танчерите на Скопје танцовиот театар, имаме онлајн канцеларија и работиме сите активно и мислам, конструктивно и креативно. Воедно, во комуникација сме и со сите наши студенти и се трудиме колку можеме да го искористиме периодов да учиме и да се надградуваме заедно. На некој начин, иако не сме во физички контакт сите сме блиски. Дома е мирно, сега за сега.
Ј. Франговска