Робување на модерен начин

Добивај вести на Viber

Да се биде слободен е една од најголемите човекови придобивки. Кога зборувам за слободата, не мислам само на онаа која ни е со Устав загарантирана, туку за слободата која секој сам си ја дозволува, или не. Интересно е дека истата ја живееме многу помалку отколку што мислиме и дека со текот на нашиот раст и развој сами си ја ускратуваме, благодарение на трендовите кои ги прифаќаме со ширум отворени раце. Да се биде слободен во себе, значи да се заврти грбот на многу востановени правила, кои најчесто се непишани и потполно непотребни. Децата чинам дека се најслободни додека не почнеме да ги вкалапуваме во општеството, наметнувајќи им некои однесувања за кои дури и ние немаме логично објаснување. Да, важно е воспитувањето, а особено домашното, кое останува за цел живот и кое остава белег кој е најважен за тоа дали детето ќе израсне во здрава единка. Важно е да ги учиме да разликуваат добро и зло, да знаат да распознаваат што е правилно, а што не, меѓутоа некогаш тоа оди и во правец кој личи на забегување.

Како мала ич не сакав да ме бакнуваат по образи. Не дека не бев воспитано дете кое кажуваше “добар ден”, “благодарам”, “извини” и “Ве молам”, ама кога повозрасните ќе ми се приближеа за да ме “шлапосаат” во образ, бегав, се тргав и велев НЕ. Ден денес го паметам чувството на одбивност и гадење кое ми траеше додека го чувствував полувлажното место на образот кое иако веднаш го бришев, ми оставаше во умот една непријатност која ја доживував и малку трауматично. Кога се роди ќерка ми, знаев дека никогаш нема да ја терам да биде покорна и роб на некои традиции. Едноставно, не ми се чинеше дека треба да и’ наметнувам некои општо прифатени работи кои немаат никаква врска со воспитување или манири. Така, воопшто не реагирав на прекорните погледи кога не сакаше да се поздрави или да се гушне со некого. Го оставив детето да си ја слуша интуицијата и да одбере кои луѓе и’ се допаѓаат. Не водев сметка за тоа дали некому тоа ќе му се допадне, дали ќе ме восприемат како добар родител и дали некој ќе се навреди. Менталното здравје на детето ми беше најважно, многу поважно од тоа дали оставаме впечаток на дивјаци или некултурни. Никогаш не ми се случило да посегнам да гушнам дете кое само не посакало да ми покаже на тој начин дека ме смета за “тета Ана”. Одлуката да ја спречам Нина да робува на обичаите ме натера да одбијам да ја крстам во црква додека сама не пројави интерес за изучување на религијата и да одлучи дали сака или не да биде крстена. Ушите не и’ дупнав од истите причини (иако сега како тинејџер повеќе ми зборува за тетоважи, па имаме договор дека кога ќе наполни 18 години, доколку уште има желба, ќе се тетовираме заедно. Инаку кога го договаравме тоа, со смеење ме праша дали ќе бидам жива до тогаш оти не сум баш млада, на што доби превртување со очи).

Робуваме на туѓото мислење за разни нешта. Некои за тоа што ќе каже народот иако секое чудо е за 3 дена, некои робуваат на мислењето на роднините и пријателите, некои на своите работни места, па трпат секакви гомненици кои после им се одразуваат на здравје и расположение по дома, а некои и на модата. Искрено, робувам само на желбите на ќерка ми и нејзините потреби. Научив дека слободата на умот и живеењето по свој терк е најдобро решение за подобрување и на физичкото и менталното здравје. А не дека не сум робувала, оти за да дојдам до ова, ми требаше време, работа на себе и многу труд, солзи и преиспитување. Робував на туѓото мислење и сугестии. Не дај Боже да чуев некој муабет за себе (а стално ги има, нели?), одма имав несовладлива потреба да докажам дека не е така. Налет живеачката ако се бориме со ветерници. Луѓето секогаш ќе имаат мислење за се’ што е најмалку важно за оној на кој се однесува мислењето. А знаете дека велат оти мислењето за нешто е како задникот, го имаш ама не се покажува (во случајов-кажува).

Робувањето знае да биде прилично неосетно и перфидно. Колкумина од вас/нас не се облекле онака како што сакаат и им е убаво, затоа што приликата налагала поинаку. Ми се случувало да се стегнам во фустан во кој можам само да стојам, оти ако седнам личам на она човечето-Мишелин, па да натнам штикли на мене од кои после 3 минути ме убиваат стапалата и на крај завршувам со од на пингвин, кој да се разбереме, не е ниту женствен, ниту пријатен за гледање. Како стареам, баталив се’ што ми создава чувство како да сум голтнала метла или ме тера да ми биде непријатно и неудобно, оти и на најсреќните пригоди сум изгледала измачено, со израз на болка на ликот. Сега ретко излегувам од старки и балетанки, а во зима на рамни кондури и чизми. Најважно е што знам да ги носам и ми е убаво, се чувствувам и убаво и убава. А жива вистина е дека човек како што се чувствува, така и изгледа. Во мода беа и оние мали ташнулиња, кои рака на срце изгледаат секси, ама пусто, внатре збира само клуч и свиткани пари. А јас ако со себе не носам 4 несесери, кои се пикнати во еден голем, па новчаник, телефон, средства за дезинфекција, книга, нотес, полнач, слушалки, клучеви ко да сум бравар....не ме бива. Се чувствувам гола и несигурно. Инаку да, имам 4 несесери пикнати во еден голем. Имам и сведоци кои можат да го потврдат тоа.

Да се робува, па дури и на модерен начин е сепак робување и ставање себе во рамки. А рамките порано или подоцна ни го одземаат воздухот и не’ прават да бидеме затапени. Човек е слободен онолку колку што ќе одлучи да биде, онолку колку што сам на себе ќе си дозволи и онолку колку што е храбар да живее на начин на кој ќе биде спокоен и среќен. Слободата сами си ја даваме и сами си ја одземаме. А интересно е што веднаш препознаваме кога некој отстрана се обидува да ни ја одземе слободата, притоа не распознавајќи кога сами се ставаме во стапица. А мотивно за ставање себе во стапица е различен, ама коренот е секогаш ист. Да бидеме прифатени од околината и другите, без да мислиме на тоа дека нема фајде од тоа да сме општо прифатени ако длабоко во себе знаеме дека тој начин на функционирање не е начин кој навистина би го одбрале за себе, доколку сме искрени со себе.

Муабетот ми е...што и да правите со себе, да сте спокојни. Секоја друга одлука е само себеизмачување, фрустрација и незадоволство кое, кога-тогаш ќе си го земе данокот. А најмногу се отплаќаат оние грешки кои сами сме си ги сервирале, оти како шлаг на тортата е и чувството дека никој не ни е виновен што не сме среќни, освен ние самите.

Робувајте само на вашата среќа, оти како и да ги свртите работите, сепак сами се раѓаме и сами умираме.  А попатно, дишете си ја слободата и ценете ја, за да се почитувате себе. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ниту една крв поцрвена не е

од онаа која ќе ја пролееш

за тие кои најмногу ги љубиш

ниту една крв погуста не е

од онаа која ќе капе долго и тешко

за тие чија смрт со твојата ќе ја замениш

ниту една воздишка не боли повеќе

од онаа која ја испушташ

за да се збогуваш со себе

и ниту еден вресок погласен не е

од оној кој телото ти го распорува

кога душата в кафез ти трепери

што би дал во замена за својата слобода?

или не! Не така, туку...

што би зел во замена за својата слобода?

колку чини вдишувањето и издишувањето

кога знаеш дека свој не си

та со полни гради бескрилни птици во небото гледаш

а таму огледало полно олово

и ти треба време

ах, време ти треба за да се видиш

да се препознаеш и да се одвоиш од толпата

еј

дали скапо би ја платил смеата која ти врие

во гркланот

и чекорењето без страв од својата сенка

колку ти чини водењето љубов без синџирите во себе

кои те прават роб на навики

кажи ми!

колку ти чини слободата?

онаа која не умееш да ја видиш

ниту пак правилно да ја испишеш

за да можеш барем во себе да ја исчиташ

или еве

колку те чини слободата?

ако оставиш зад себе смет

и раце полни неважни допири

туѓи накарминисани усни

и облици по калап редени

туѓи мисли и искривени слики

та почнеш да ровариш во она што од душата

ти останало

ќе имаш ли сила

или барем храброст да започнеш

да ампутираш сè што затруено ти е

без страв дека можеби од тебе ништо не ќе остане

м?

еве, во очи гледај ме и кажи ми

колку ќе бараш за својата слобода?

кому ќе ја продадеш и за колку

имаш ли цена до која грчевито ќе се држиш

или ќе му дадеш попуст на оној кој прв ќе се јави

колку ти чини душата, душо моја?

и дали на срцето етикета имаш

на која неколкупати цената е прецртана

за да се продадеш барем за нешто ситно

колку

колку ти чинат соништата и ти

слободата...и ти