Една од Божјите заповеди (да бидам искрена, иако не сум верник многу ме бендисува, оти има исконска мудрост) е “сакај го ближниот свој, како што се сакаш себе”. И нормално, ова не само што звучи убаво, туку се чини и како многу лесно. Како човек кој секогаш преферирал да ги учи работите на потешкиот начин (не дека сакам, туку така сум скроена), ми требаше долго време да научам не само да се сакам, туку и како да се сакам. Зошто велам “како”? Затоа што тенка е границата меѓу сакањето себе и билдање на егото, а треба многу знаење, работа на себе и умешност за да се разграничат овие две работи. Не дека не кикснувам, не дека сум експерт за да препознаам веднаш каде егото ми вмешало прсти и ја извитоперило љубовта кон себе во нешто сосем друго, ама ме теши фактот што не ми треба долго време за да го воочам тоа и се разбира, да пробам да го поправам.
Уметноста на сакањето себе е пред се’ нужност и ако нешто е приоритет во животот, тоа е токму тоа, а уште поголем приоритет е таа уметност да ја пренесете на своите деца доколку сте родител. Како тинејџер, ќерка ми ги има тие мигови на “несакање себе”, особено кога се работи за физичкиот изглед. Да, пубертетот си го прави своето, критички да се гледаат во огледало, да видат недостатоци и онаму каде што ги нема, но во основа, стекнувањето самодоверба и способноста да се гледа посуштински на убавината е многу важна. Па муабетиме, па се конфронтираме, па се расправаме, па се пазариме, ама од петни жили се трудам да и’ објаснам дека љубовта кон себе е коренче кое мора да се полева, чува и пази за да израсне во стабилно дрво, со стебло кое ќе може да ги искрепи сите животни ситуации. Оти да сме на чисто, сакањето на својот израз во огледалото е ништо во споредба со она кое низ животот мора да го имаме за да се заштитиме од секакви ситуации и проблеми.
Не се сакав себе долго време, а не го ни знаев тоа. Мислев дека е тоа нешто нормално со кое се соочуваат сите луѓе. И воопшто не зборувам сега за физичкиот изглед, оти никогаш не сум имала однос кон тоа, ниту за себе ниту за другите. Сум се чувствувала комотно во телото што го имам, со тој лик кој што го имам, не ми пречело да имам неколку килограми повеќе или помалку, дали (ко што ми велеше другарка ми Алма) ми се гледаат коските-решетките кај градниот кош, дали сум имала мали гради. Е сега, не ми беше убаво кога во еден период од животот накачив 76 килограми (а имав претходно 50), ама неубавото ми дојде од практични причини оти бев трома, ме болеа нозете и брзо се задишував. Несакањето себе ми се манифестираше на сосем друг начин, перфидно и неприметно. Немањето самодоверба како жена, партнер, човечко битие. Имав чувство дека секогаш кога ќе бев навредена или повредена, сум го заслужила тоа без да се запрашам дали мојата “казна” соодветствува на делото кое сум или не сум го сторила. Полека почнав себе да се гледам низ очите на другите, па бев добра за себе само тогаш кога ќе добиев потврда дека сум добра и бев онолку лоша колку што нечие субјективно мислење ќе ми беше плеснато во фаца. Бев во неколку врски без врска, во кои не само што не го добив она што го сакав/барав/заслужував, туку и не ми беше вреднувано она што го давав. Сосем доволно за да ме срози како личност и да ми потврди дека нереалната слика за мене кој таму некој ја имал е всушност вистина.
А вистината е секогаш некаде помеѓу две тврдења, нели? Не дека не сум грешела во односите со луѓето околу мене, но секако дека не сум била толку ниско на скалилото на вредности како што неколку пати ми било посочено дека сум, од причина што некој имал потреба да ме згази мене за да се издигне себе. Полека почнав да работам на самодовербата и да си го почитувам внатрешниот глас или порив кој секогаш недвојбено беше во право за тоа како да постапам во одредена ситуација. Секогаш на ум ми стои тоа дека колку и да сум сакана или обожувана, не смеам да го изгубам сопствениот компас кој точно покажува до каде сум и каде сум. Љубовта која ја добивам од вас е многу поголема од љубовта која сум ја добила од луѓе со кои сум била интимна, а и во двата случаи сум се дала себе, целосно. Но и покрај вашата безусловна љубов, не си дозволувам да ја сметам за нешто што е неменливо и се обидувам да останам доследна на себе, да ви ја дадам вистината, мојата љубов, слабости, болки, стравови.
Сакај се...или сакај се себе за да можеш да ги сакаш другите е најголемата вистина во која верувам. Не постои човек кој ако е во суштина полн нељубов кон себе, е способен да ги сака останатите. Флоскулата “те сакам повеќе од себе” е фуј и бљак, оти важи само во еден и единствен случај, а тоа е кога се децата во прашање. Се’ друго е гола вода и потполна невистина. И таа реченица најчесто ја кажуваат оние кои себе не се љубат доволно или воопшто. Тоа наликува на она “што знае дете што се 100 кг”, оти што знае некој што е љубов, ако ја нема во себе за себе. И нема да се сложам дека е тоа себично, оти себичноста се манифестира на сосем друг начин, таа е само прекумерно обрнување внимание на сопствените желби и потреби, без да се води сметка дали со тоа одземате некому нешто. Линијата меѓу сакањето себе и себичноста е скоро невидлива и знае да нанесе многу штета. Во името на себичната љубов се направени многу грешки кои одат во правец на посесивност, љубомора, па и физичка пресметка доколку не може човек да се контролира. А тоа не е љубов, тоа е само желба за трофеј кој ќе свети во вашата стаклена комода и кој ќе фаќа прашина.
Љубовта е уметност, начин на живот, баланс, мудрост, трпение и откажување. Во име на љубовта човек треба да е спремен да простува (и на себе и на другите), да знае дека таа е универзална, оти не може да кажете дека живеете љубов а да сте полни предрасуди, осудувања и критика. Балансот е клучен за да се прави разлика меѓу партнерство и губење себе или другата варијанта е негување на слободата до степен да се плашите да сте во врска. Мудроста лежи во мерење на постапките и зборовите за да се каже она што ви лежи на душа, а да не е расправање или навредување/повредување. Трпението е клучно, оти како што очекувате да ве прифатат онакви какви што сте, не заборавајте дека и другата страна ги има истите очекувања. И на крај, откажувањето од сопствената суета кога сте во било каков однос за да сфатите дека не сте вие центарот на светот, но и дека не смее никој да ви биде центар на светот, оти ако еден ден се изјалови целата работа, ќе се најдете во ситуација да не знаете да продолжите сами.
Сакај се, или љуби се себе е најважната лекција која мора секој од нас да ја научи. Таа лекција дали и колку сме ја научиле се гледа токму во моментот кога треба да застанете зад себе во ситуација кога сте омаловажени, навредувани, повредувани...сеедно дали е тоа дома, на работа или на улица. Без таа лекција, секогаш ќе се враќате на истата појдовна точка која ќе е со прашањето “зошто ова баш мене ми се случува”? И да, ќе се случува онолку често колку што ќе заборавате на себе и на љубовта кон себе. Таа љубов ќе ве сочува некогаш и од сами себе, кога по инерција ќе сакате да сторите нешто што на долгорочни патеки ќе ви донесе само неуспех и голема штета.
Направете нешто за себе, сакајте се, негувајте си ја душичката, чувајте си го срцето и не заборавајте дека се раѓаме сами и умираме сами. Помеѓу тие два мига, сакајте безусловно...и себе и оние околу вас. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
К’смет да имаш
ете таков за алтан-луѓе до тебе да се
збор да ти дадат
од душата песна да ти истечи
да се истркала ко лавина среде планина.
Тука
до тебе да ти се
и да можиш на нив снагата да ја одмориш
да се навалиш без да му ја мислиш
дали ќе ти ја додржат мислата
или телото ќе ти го искрепат.
Таков к’смет да си имаш
и со него низ животот да врвиш
оти парата ќе ја изарчиш
алиштата ќе се скусат
трпезата ќе се полни и празни
ама срцето за полно да ти биди
и да знае да чука во спокој
во ритам кој нема дишењето да ти го скуси
или да те замелуши ко по тежок сон.
К’сметлија да си во животот треба
за да можиш од ништото с` да сториш
а тоа с` да го зачуваш за на старост
та и тогаш ко на младост да бидиш.
Оти поминува,
поминува она што со пара можи да се купи,
поминува и арното и лошото
само чоек да знај
да го има тој к’смет во песни опеан
за да има крај себе неколкумина
со кои без збор муабет ќе прај
и без објаснувања свој да биди
та со еден ред испишан
цел ферман да си изреди
а во него само убајни
за сила да му дадат
и тогаш кога умот удолу ќе тргни
ете тогаш да знај сам да си поможи
и среќен да остани
тогаш кога денот во ноќ ќе се стори
а ноќта полна воздишки тешки.
Само к’смет
само к’смет чоек да има
за чоек во себе да остани.