“САМА СИ ГО БАРАШЕ”!

Добивај вести на Viber

Сексуалното вознемирување вклучува:

-  допирање или воспоставување друг физички контакт, без ваша согласност

-  коментари кои имаат сексуално значење

-  инсистирање на секс или барање други видови сексуални услуги

-  правење сексуални гестови или сугестивни движења на телото

-  сексуални шеги и коментари кон вас

-  прашања за вашиот сексуален живот

-  навреди кои имаат сексуална конотација

-  непристојно изложување на делови од телото

-  сексуален напад.

Ова да си го научите ко Оче наш и да си ги преслушате ќерките дали го знаат наизуст, за никој никогаш да не им попува околу сексуалното вознемирување, затскривајќи го зад “нема врска”, “ти се причини”, “само се шегував”. Никогаш да не дозволите да бидете жртва на нечии болни игри, ниту да бидете жртва на околината која никако да научи дека сексуалното вознемирување или насилство нема и нема ни да има било какво оправдување, а најмалку дека некоја девојка/жена САМА СИ ГО БАРАШЕ! Никогаш да не дозволите вашите ќерки, сестри, пријателки да оболат психофизичкибидејќи во оваа држава уште живееме во среден век, век во кој жената била вреќа за боксирање и не смеела да зуцне ниту збор во своја одбрана. Никогаш да не дозволите ниту една жена во ваша блиска или подалечна околина да се срами за нешто за што не е виновна или да биде осудувана затоа што јасно и гласно кажала што и’ било сторено.

Во медиумите, а и на социјалните мрежи деновиве осамна фотографија од направена компилација на повеќе актуелни наслови во периодот од 24-ти до 29-ти јануари годинава, а кои во себе содржеа настани поврзани со насилство врз жените. Убиена жена, претепана поранешна девојка, тепана и заклучена жена по неуспешен обид да се изнуди секс од неа, дечкото пукал во девојката, уценувана малолетничка за да има секс, приведен маж кој физички ја нападнал сопругата, нападната жена од својот поранешен вонбрачен партнер, 19 годишна студентка пријавила таксист кој ја допирал по телото. 5 дена, за само 5 дена беа обелоденети 8 случаи на физичко и сексуално малтретирање на жените. И намерно потенцирам ОБЕЛОДЕНЕТИ, оти којзнае колку не пријавиле, премолчиле, подголтнале горчина или кажале дома, но биле убедени дека треба да заборават како ништо да не се случило.

Ова не ми е прва, а нема да ми биде ниту последна колумна во која ќе зборувам за насилството врз жената. Ова ќе е секако прва, но не и последна колумна во која ќе видите исечоци (не, ич не ме мрзеше да правам скриншот и да поцрнувам имиња, презимиња и фотографии од оние кои давале недолични коментари) од кои ќе ви се преврти утробата. Овој “мирен” и “питом” народ веќе одамна не е ниту мирен, ниту питом. Голем дел се самопрогласија за експерти кога е во прашање имањето мислење за се’, а најмногу за теми кои се се’ уште болни и тешки за жените. И ветувам дека дури ќе барам и начин (согласно нашите закони) како отсега да стануваат славни шегаџиите за кои напаѓање, силување и претепување на девојче/девојка/жена е одличен начин да се забавуваат и да се расфрлаат со коментари. И кога сме веќе кај законите и колку од нив се прекршени со ваквите коментари, би сакала да знам што превзема МВР во вакви случаи? Веројатно не баш дека е некој потресен или не баш дека кривично се гонат тие кои не само што оправдуваат насилство, туку и се чини дека не би размислувале многу да го применат истото во одредени ситуации, само ако им се може. За жал, кривично се гонети само тие кои по социјалните мрежи плукаат по политичарите, а веќе знаеме дека репутацијата и авторитетот на луѓето кои не’ есапат само кога задниците им се на дофат на фотеља се поважни од таму некоја си жена која била нападната, силувана, претепана....оти на крајот на денот, веројатно САМА СИ ГО БАРАШЕ!

19 годишна кичевчанка пријавила дека такси возачот кој ја враќал дома, се однесувал недолично и ја допирал по телото. И наместо да дадеме поддршка на девојката која во тој миг била сигурно избезумена и уплашена, ние веднаш тргнавме со анализа на случајот. “Ахам, се враќала дома во 4 часот наутро.....хм, којзнае што правела дотогаш....па уште и се дрзнала да седне на предно седиште!”

Па добро бе луѓе, па дали сме нормални и зошто не?! Девојка се охрабрила да пријави насилство и со својата постапка сигурно ќе поттикне и други девојки/жени да не молчат. Колку повеќе се зборува и делува против насилството врз жените, толку поскоро ќе се искорени. Но, некоја си тетка од Свирип**ино заклучила дека женско чељаде не смее да седи на предно седиште во такси! Ај што вриеше на веста од одвратни шовинистички коментари кои ќе ги прочитате и сами во продолжение, туку на нив се надоврзаа и жени кои....што?....мразат жени? Или живеат со такви насилници, па ја мразат секоја која ќе го крене гласот, од пуста немоќ оти тие не можат? И да, знам дека секогаш е тешко да се говори за насилството, дека е болно, дека жртвата чувствува вина и срам...ама ние сме тие кои доколку дадеме поддршка, вината и срамот нема да постојат. Ние жените сме директно одговорни и до нас е колку ќе помогнеме или одмогнеме следните генерации од нашиот пол да бидат безбедни и храбри.

И откако веќе ми се згади денот, решив да пребарам по социјалните мрежи и други вакви коментари, кои се однесуваат на различни случувања, но кои имаат иста завршница...ОПРАВДУВАЊЕ НА НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНАТА/ЖЕНСКИОТ РОД.

Па налетав на коментари за тоа колку е “нормално” да се допираат жени кому како дојде, оти тоа спаѓало во доменот на “зафрканции” но ете, заради феминизмот и заштита на женските права (које е еквивалент на фашизам за дотичниот мудрец) наталитетот ни е намален. И не можев а да не се запрашам, каде и како се пораснати и воспитани луѓето за кои “хехехе” е сосем океј реакција на вакви коментари и постови.

И крајно, ми се преврти желудникот кога прочитав што е коментирано под објава дека маж се обидел да наведе на проституција дете на својата вонбрачна партнерка.

Сфатив дека сме мноооооогу далеку од еволуција на умот и емоционалната интелигенција. Сфатив дека сме векови далеку од земјите во кои жената се третира со почит која и’ следи како на човечко суштество. Сфатив дека сме примитивни и зли, дека реагираме само на оние дразби кои лично нам ни причинуваат штета. Сфатив дека имаме генерално отсуство на емпатија, кое патем речено е тоа кое создава разлика меѓу нормален човек и психопат.

Сфатив дека имаме уште многу фурни леб за јадење и едукација, за да постигнеме некаков чекор напред во нашево битисување. И да се разбереме еднаш засекогаш. Ниту една жена не “СИ ГО БАРА” ако носи кратко, ако прифати состанок со некого, ако се враќа дома во 10, 12, 04 часот, ако се шминка, ако е своја. Тоа е наше право и никој не смее ниту да ни го земе, ниту да ни го загрози. Единственото нешто што секоја жена го бара, тоа е да биде почитувана. Толку...другото е само дел и одраз на болни умови.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да викниш

Гласот да ти се чуе

Зборот да ти се памти

Да си кажеш се’

На душата што ти лежи

Оти душата молк не трпи

Ниту да збира ко бунар

Отрови на неа да се таложат

Ко во филџанот талог од црно кафе

Затоа да викниш

Секој пат до небо да свикаш

Кога си обесправена

Кога знаеш дека убаво не ти е

Кога некој ќе сака да те згази

И кога сама себе се газиш

Оти ниту еден човек

На овој свет роден не е

За туѓи поганлаци да трпи

Ниту некому покорен да биди

Да се поболува и бол да има

Да викниш

Секој пат кога убаво не ти е

Кога себе заради друг се губиш

И во темница талкаш

Удирајќи се од својата немоќ

НЕ да кажеш

И себе да се сакаш

И тело и срце здрави да ти бидат

Без грижа и страв

Оти не си нешто

Што некој друг сака во тебе да гледа

ЗБОГУМ да изустиш

И назад да не се вртиш

Секој еден пат

Кога некој на добрината ќе ти плукни

И кога за потсмев твојата мекост ќе ја има

Да викаш

Да се избориш за својата среќа

И во неа спокојот да си го чуваш

Како храм во кој ќе се помолиш

И во кој ќе си одмориш

Оти ништо не вреди повеќе

Од твојата насмевка и сјајот во очи

И никој не вреди повеќе

Од твојот мирен сон

И мирната рака во која трепет нема

Да викаш

И да ги чуеш оние кои викаат

Кои помош бараат свои да останат

Оти ништо немаш

Ако гласот го изгубиш

И главата наведната ти е

Ништо не ќе имаш

Ако станеш сенка на своите желби

Без глас

Без збор

Без себе