Самата си месев леб кога бев детe: Искрено интервју со Лепа Брена
Прва во тогашна Југославија облече ултра мини фустан, беше прва и единствена пејачка која сними филм во три дела во кој си се глуми самата себе. Делови од „Хајде да се волимо“ беа снимени дури и во Африка, а во еден од филмовите главната актерка „скокна“ од познатиот мост во Мостар. Во поранешна Југославија се продаваше дури и леб наречен Лепа Брена. До славата која ги помина југословенските граници, Брена стаса од нејзиното родно место Брчко во Босна на кое има интересни сеќавања. На 15 декември, таа ќе одржи концерт во Скопје, во ВИП Арената „Борис Трајковски“. Расположена за муабет, Лепа Брена ни откри дел од својот живот за време на вчерашното гостување во Скопје.
* За концертите во белградската Арена се уште се пишува, дали во Скопје на 15 декември ќе го видиме истото шоу, со истата продукција, и дали ќе пеете со микрофонот кој ви е подарок од сопругот?
- Да, аполутно. Скопскиот концерт ќе биде реплика на белградскиот, колку што условите во салата „Борис Трајковски“ тоа го дозвололуваат. Јас мојата публика не ја делам на тоа од каде е . Ќе пеам со микрофонот Sennheiser digital 9000 кој ми го подари мојот сопруг за роденден, и среќна сум што сум единствена на Балканот која има таков микрофон. Тоа е направа која како да го чувствува сезнибилитетот на еден пејач, му влегува во душата и во емоцијата. Кога ја слушав Адел, на концертите во Мајами како пее на ист таков микрофон, посакав и јас да го имам. Чекавме околу шест месеци додека стаса, но вредеше. Ќе настојуваме сите големи концерти да ги правиме како белградскиот, тоа е причината што доаѓаме со екипа од 50 луѓе.
* Колку ви се потребни одрекувања од некои лични задоволства за да се одржувате во добра кондиција толку години ?
- Па, јас со години наназад се научив да живеам како војник, и да бидам строга кон себе си. Секое претерување би ми наштетило, без оглед дали е тоа претерување како недоволна физичка кондиција на пример, која ќе донесе последици. Пеењето е како возење велосипед, тоа е нешто што никогаш не се заборава, но пејачката кондиција зависи од физичката кондиција. Јас одамна се одреков од некои животни задоволства. Смешно ми е кога ќе слушнам на нашите простори кога луѓето велат: Ако не јадам и ако не пијам и не пушам, за што тогаш живеам? Јас имам многу други причини да живеам. Научив да бидам умерена во храната и да си скратам многу работи кои претставуваат балканско задоволство. Јадам се помалку месо, и за себе можам да кажам дека не постам секоја среда и петок, туку постам веќе 35 години. Ако јадам месо, тоа е еднаш во неделата. Мојата исхрана се сведува на некои лесни протеини, супи, чорби, можеби некоја јапонска или тајландска храна. Секоја храна, само не оваа нашава балканска. Понекогаш ќе ми се случи да изедам некоја сарма, или некое месо, но потоа ќе се покајам, затоа што јас тоа не можам да го сварам.
* Потекнувате од местото Брчко, а Босна е позната токму по таквата храна која ја споменавте пред малку. Какво детство имавте и научивте ли некој рецепт од вашата покојна мајка?
- Јас сум многу лоша готвачка. Многу сум подобра организаторка. Готвам само ако морам или ако децата ми побараат. Инаку, знам се да готвам. Кога бевме мали, мајка ми не учеше да месиме леб, за да не мораме надвор да одиме да купуваме кога беа силни зими. Навечер месевме леб за да го имаме свеж за на сабајле, а преку ден правевме мекици и пити. И ако ме прашате кој е најубавиот спомен кој веќе на себе си не можам да си го дозволам, тоа е да го замесам лебот навечер, утредента да го испечам, и потоа да го јадам со домашен путер и со оној познат џем од сливи кој во себе ги имаше и лушпите. Некои можеби претпоставуваат дека денес нашата куќа мириса на парфеми и на некои вештачки мириси, но сепак, нашиот дом најмногу мириса на храна. Големо семејство сме, сакаме да се собереме на маса и заедно да јадеме, тоа ни е традиција, само што јас некако се научив да живеам под рачна кочиница поради љубовта кон мојата работа и поради поччита кон моето здравје. Во овие години, треба многу повеќе да се негуваме.
* Споменавте семејна традиција. Со вашиот сопруг Боба сте повеќе од 25 години во брак, а медиумите често ве „разведуваат“. Зошто никогаш не реагирате на тие написи, и има ли повод што јавноста толку се занимава со вашиот брак?
- Мислам дека на овие наши простори е многу здодевно ако речете дека живеете еден нормален живот. И тие написи се нешто што ги одржува читателите на порталите. На таквите луѓе не им е интересно ништо што е нормално. А ние сме едно нормално и здодевно семејство. Медиумите нека си работат својата работа, ние нема да демантираме.
* Која е највредната особина на вашиот сопруг која ја пренел и на вашите деца?
- Тој е една многу комплексна личност. Тој ги научи нашите деца дека ако сакаат да бидат хедонисти, во тој случај треба да заработат доволно пари за да бидат живеат таков живот. Ги научивме дека од нас го наследиле брендот, името и презимето на своите родители, а својот бренд и почитувањето од луѓето ќе мораат самите да си го изградат. Нашите синови се добри момчиња, но Боба е едноставно човек кој страстно ужива во својот живот, сака големи ангажмани и големи дела. Она што е кај него е карактеристично е тоа што не сака да се експонира во она кое што го постигнал.
* Токму поради еден бизнис на Боба, вие на почетокот од деведесетите живеевте во Скопје.
- Боба тогаш стана генерален застапник за Мерцедес. Стефан беше многу мал и две години живеевме на Водно. Јас навистина ужував во тој период. Тој во животот беше посветен на многу проекти за кои јавноста никогаш не дозна и тој никогаш за нив не сакаше да зборува. Таа негова скромност, таа желба медиумски да не се експонира, се уште ме фасцинира.
* Јавноста е љубопитна и за вашиот однос со снаата Александра Пријовиќ, сопругата на синот Виктор, која е исто така пејачка. Колку вашите совети како на пејачка и како на идна мајка и значат?
- Таа е мојата поддршка и јас сум нејзината. Таа е нашиот нов член од семејството и ја доживувам како едно девојче кое тргна исто како и јас, од нула. Навистина сакам да и бидам од помош и да и дадам совети кои никој не може да и ги даде. Сум го поминала целиот тој нејзин пат. Таа ја има својата мајка која и е голема поддршка, а јас можам да ја советувам за работата и за животот. Среќа, таа е личност која следи, слуша, и ги применува работите од другите кои се добри. Не може никој да биде ничиј наследник. Сите ние сме оригинали и секоја копија или прашање кој ќе ме наследи мене или било кој друг се непотребни. Александра е птица која пее со свој глас, а јас сум тука за се што и треба.
* Вашиот нов албум симболично се вика „Зар је важно дал се пева или пјева“, а вие никогаш не заборавате да нагласите дека сте југоносталгична. Што најмногу ви недостасува од поранешната држава?
- Ми недостасува тој мир кој го имавме во главата. Ние бевме еден претходник на Европската Унија која е измислена подоцна, со народи кои се разбираа на слични дијалекти и со конвертибилна монета. Ми недостасува енергијата која постоеше некогаш. На младите генерации им велам: блазеси ви што тоа не сте го доживеале, вие немате по што да жалите. Ние сме генерација која е осудена да пати по некои минати времиња. Денес се живее без љубов, без почит. Луѓето живеат за лајк на Инстаграм. Јас се уште живеам за прегратка, за поглед и за друштво и не сакам телефони на маса кога седам и кога се дружам со моите пријатели. Тоа во меото семејство е забрането- да стои телефон на маса за време на ручек и на вечера. Лајф комуникацијата е лајф комуникација. На моите деца им велам дека погледот е многу поважен од лајкувањето, и дека прегратката и љубовта се многу поважни од еден мобилен телефон.
Милица Џаровска