Има голема мудрост во она “кој не згрешил, прв нека го фрли каменот”. Ми требаа години, време и мудрост (која се’ уште ја бркам) за да ја сфатам суштината на реченицава. Порано знаев да се расфрлам со зборови за тоа како треба нештата да бидат, што е добро да се прави, додека не се соочив со тоа дека мислењето е како задникот, секој од нас го има, ама не се покажува наоколу. Така, започнав мислењето и критиките да си ги чувам за себе и да не се расфрлам со нив, оти па и задников не го покажувам секаде и секому. Се’ на се’, научив дека човекот многу лесно се бави со критикување на се’ што ќе му дојде под рака (или ум). Тој спорт го прогласувам за многу опасен и сосем нереален, оти впрочем ниту еден од нас не е совршен за да се огради од себе и да се занимава со критика на другите. Затоа, сега гледам прво во себе, каде грешам, што можам да сторам за себе за да се подобрам во нешто, како да ги амортизирам сопствените несовршенства и слабости и како да живеам со тоа.
Откако сум мајка, особено внимавам на тоа во односот со ќерка ми. Суетата и родителството не одат едно со друго. Критиката кон сопственото дете е деструктивна ако се сведе само на лаење, без да се даде полет и позитивна мисла од кое детето ќе научи нешто. А не дека не ми доаѓало! Имало ситуации кога нагонски ми идело да распалам што мислам за нејзиното облекување (кој има дете тинејџер, ќе ме разбере) или дали ајлајнер се става на 14 години. Да, јас до денес немав ставено тоа тушот на мене, ама Нина изрази желба да ме шминка. И ко кокона седнав, затворив очи, во себе се прекрстив и ја оставив да си игра со лицево. Детево се мачеше извесно време, додека во еден момент не извика “не можам, имаш премногу брчки на окото”. Упс, ладен туш. Прво ми дојде суетниот момент за да сплескам нешто во стил дека оваа жена трча сама за се’ и нормално е да има брчки на скоро 49, кога се сепнав и ми текна дека е тоа сосем погрешен начин. Секако дека сама одлучив да сум сама и се’ да терам така. За тоа одговорноста лежи во мене и само во мене, исто како и се’ за што имам одлучено во животот. Обременувањето на умот на ќерка ми со патетични изјави околу брчкиве што реално ги имам, ќе беше огромна грешка. Па некако се објаснивме дека веројатно подобро би ми стоело некој друг начин на шминкање, а не да ставам туш, кој и онака не го сакам.
Муабетот ми беше дека првичните реакции секогаш треба да се зауздуваат, оти во момент на недоразбирање, суетност или чувство на повреденост, знаеме да истрескаме нешто што потоа нас ќе не’ боли повеќе. Примерот со ќерка ми беше тест за мојата зрелост како човек. Потклекнав, ама не паднав. Нејзината детска критика (која беше сосем на место) е оправдана оти е дете кое реагираше сосем спонтано во ситуацијата. Но, што правиме со нас возрасните? Знаеме ли ние да се преиспитаме пред да кажеме нешто што не треба. Критиката е лесна кога се дава, секогаш. Тогаш секој од нас го добива оној паметен и продуховен изглед, оти нели, најдобро знаеме што и како кога не сме ние во прашање. А каде отиде самокритичноста? Колкумина од нас знаат себе да се испердашат кога се во прашање нашите недостатоци од било кој вид? Мене не ми е срам да ви кажам оти имам брчки, впрочем сме се среќавале и сте ме виделе. Не ми ниту срам да ви кажам дека со години имам мака со целулитот и фамозните свадбарки (кои не ги кријам, оти сакам фустани на прерамки). Башка, си имам мака и со климактеричното топло-ладно кое знае да ме настине, па во овие услови се потресувам да не имам корона! Знам, знам, не треба да ми кажете дека претерувам. Знам, ама е посилно од мене. Не ми е срам да кажам дека табиетот ми станува се’ потерсене со годините, дека станувам толку асоцијална што мака мачам да склопам неколку реченици во живо. Свесна сум за сите свои недостатоци, што физички, толку и за оние кои се во мене како карактерни особини. Не дека си барам оправдувања, туку самокритичноста ми е во функција да не повредам некого.
Не е ич лесно да се нурне во себе и да се најдат причините зошто сме вакви или онакви. А таа мака е само почеток на онаа поголемата. Оти кога веќе човек нурнува во себе, тогаш почнува да мисли на се’ што открива попатно. И на крај доаѓа она најтешкото, што со сите тие сознанија за себе? Јас сум скроена така што кога ќе почне во мене да работи она тик-так дека сум нашла во себе нешто што не ми се допаѓа, барам решенија. А некогаш решенијата се исклучително болни, оти сите ние си имаме некакви шеми на однесување и бегање од реалноста. Тие алатки на бегство од себе, ги усовршуваме најчесто преку она “дај да критукувам некој друг”. Па тука се на тапет комшии, родители, деца, партнери, пријатели. Па ставаме на кантар кој што ни рекол, како се испонашал, па сме навредени или повредени, автоматски тоа си “повлеквит” реакција и пред да се свестиме, веќе сме во круг од кој тешко се излегува. Кренав раце од тоа, краток ми е животот за вакво арчење. Ниту барам недостатоци кај другите, ниту критикувам, ниту сакам да го пикам носот кај што не ми е место. И тоа ми донесе олеснување. Суетата си ја држам под контрола, оти да се разбереме, сите ја имаме. Некој повеќе, некој помалку. Ама сите критики кон мене ги оставам да минат низ мене без да се потресувам. Секако, доволно сум возрасна и свесна за себе за да протарашкам дали има некаква вистина.
Дури и тогаш кога се кажува мислењето или критиката, секој од нас мора да внимава на тој карши нас. Сите сме кршливи, а некогаш кажаните нешта можат да остават длабоки рани кај другите. Дури и кога сум прашана за мислење каде што ми е нагласено да бидам сурово реална, го барам начинот како да соопштам она што мислам водејќи сметка за чувствата на мојот соговорник. Не е само да се плесне нешто, туку да се размислува и за последиците од плескањето. И секако, да се биде реален, во смисла дека за да се критикува нешто, треба да сме 100 проценти сигурни дека ние не ја поседуваме истата особина. Оти нели е малку недолично да држам предавање некому дека не е убаво да носи мини ако има целулит, а јас си ги шетам свадбаркиве наоколу.
Критики признавам само ако се во функција да помогнете некому да подобри нешто, а не да си го почешате јазикот. Не е мое да судам, не е мое да критикувам, не е мое да барам совршенство од луѓето кога и сама не сум.
Бидете нежни едни со други. Некако ми се чини дека само тоа може да не’ спаси во овие лоши времиња. Да намалиме со делење ум и да зголемиме работа на себе. Нашиот успех во подобрување на себе е најдобриот начин да поттикнете некој да работи на себе. Да сте ми живи и здрави и нека ви е убава неделава што следи. Иде есен, а есента е прекрасна и љубовна. Бидете такви со себе и другите.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Мирисот на утрото
Свежо кафе во постела со две перници
Стуткани соништа кои не се паметат
Испеглани брчки
Спастрени мисли
Скроени емоции по свој терк
Очи полни сонце кое се’ порано заоѓа
И грст пожолтени лисја во дланките
Ги оставам зад себе думите за утре
Ги погребувам тагите од вчера
И спокојно го дишам пулсот на денес
Та се потсеќам дека не треба многу
Или ако повеќе милувате
Дека малку треба да е човек среќен
Сосем малку за насмевка
Можеби само неколку напишани редови
Или песна од која кожата се морничави
Поспано чедо кое има вкус на љубов
И неколку капки живот
А потем денот почнува
Некогаш мирен како езерска вода наутро
Или ко небо без ниту еден облак
А некојпат ко брод кој едвај плови
И железни сеќавања кои удолу го влечат
Та си велам дека и овој ден ќе мине
И нов секако ќе осамне
А во него мудроста лежи
Да се научам да живеам без она што го имам
И да го љубам она што в рацете ми е
Без аздис да барам она што не ми треба
И она што само бол в коски ми тера
И не знам дали умна сум станала
Или староста полека ме навјасува
Ниту знам дали пак јанѕа ќе ме јаде
За она по што душава ме боли
Ама знам дека и денес причина ќе најдам
За да се кикотам ко дете
И да врзам неколку песни
Кои веднаш ќе ги заборавам
Да бидам своја во зборот
И твоја во умов
Та среќата во себе ќе ја барам
Како цвет ќе ја полеам со милост
И ќе почекам коренчиња да пушти
Та со мене секаде ќе го носам
Оти таквите цветој само во душата се садат
И со љубов кон себе се натопуваат
Од плевелот на злоба кроце се чистат
Оти плевел кај што има
Таму ниту трева расте
Малку треба за да ти цути убост
И малку треба за да те голтне црното
Малку треба за чоек да знае како среќен да биде
И малку треба за утробата да си ја погреба
Земи го денов
И стори го свој
Стори го она што си ти
Цвет нежен со силен корен
За да трае
За да ти трае