Самопочит

Добивај вести на Viber

Една од најтешките животни лекции која секој од нас мора без исклучок да ја научи е самопочитта. Велам “една од најтешките” затоа што честопати сум се фаќала себе во различни ситуации како ги вреднувам сите околу мене многу повеќе од тоа што знам и умеам да се вреднувам себеси. Или во превод, ако ставев на кантар колку имам почит кон другите од една страна а колкава ми била самопочитта од друга страна, секогаш ми натежнувало она првото. И тука не се работи за имање вродена скромност или немање желба за експонирање, туку за основата која покажувала дека мојот кантар (а верувам и на повеќето од вас) бил погрешно баждарен. Да се има самопочит не подразбира ароганција или потценување на другите, како што тоа некојпат погрешно го толкуваме. Самопочитта не се состои во тоа дека човек се преценува или дека не е свесен за своите грешки и слабости, ами да знае и кои му се адутите и да ги постави границите кога другите се однесуваат кон него онака како што не сакаат никој да се однесува со нив.

Лично, порано сум имала проблем да поставам граници од пусто незгодно да се конфронтирам или да застанам зад своите ставови за да не бидам протолкувана онака како што не треба или за да не навредам некого. И додека сум си го мачела умот со тоа како ќе се чувствуваат сите околу мене со тоа што ќе го кажам или сторам, се соочував со тоа дека на сé помалку луѓе им било важно како јас се чувствувам. Така, сум поминувала со насмевка на разноразни досетки за разведени жени, па за тоа дали сум била слаба или дебела, па потценување од особи за кои баба ми велеше дека можат само “да ти плукнат под пенџере”. Не, не ми било пријатно и не ми било убаво, сум била исфрустрирана дека воопшто сум дозволила да се најдам во ситуација во која сум се нашла, а најмногу ме болело тоа дека и покрај тоа што ми било одвратно чувството сум премолчила и не сум изреагирала соодветно. Точно е тоа дека самопочитта доаѓа рака под рака со самодовербата и сакањето себеси, па не ретко и се прашував каде ја утнувам работата. Не дека не сум се сакала себеси и не дека самодовербата ми била нула, ама изгледа дека сум кубурела или со начинот на кој сум се третирала сама себе или во квантитетот на мојата љубов кон жената која ја гледав во огледалото.

И како што велат старите “за некои работи да ги научиш/осознаеш треба многу фурни леб да изедеш”, така и мене ми дојде памет кога поднаполнив малку повеќе години. Сега е веќе друга приказна, целиот багаж кој го имам зад себе и патот кој само јас знам како сум го изврвела ме исчеличи и ме научи дека не само што не смеам да дозволам непочит од другите, туку дека најлошото нешто што можам да си го направам сама на себе е да немам почит кон сопствените мисли, труд и живот. Ич не ми беше лесно да го применам она што теоретски го научив за самопочитта, ама ич. Со оглед на тоа дека сум поприлично емотивна, ставањето остри рамки за тоа што може а што не може (оти не сум вреќа за боксирање) ми беше исклучително напорно, па дури и болно. Тоа значеше дека морав да ставам точка на некои квази пријателства кои беа еднонасочни, да ставам точка на емотивна врска која ме исцеди и физички и ментално. Се најдов во шах-мат позиција во која требаше да одберам не да ми е полесно, туку да одберам што ќе ми е помалку тешко. А ми беше тешко и сé уште не сум имуна кога треба да кажам “крај, доста беше”. Веќе не се работи тука дали сакам или не сакам да премолчам или да се направам со сила будала, туку за тоа дека ако го сторам тоа не можам да се поднесам себеси. Самопочитта ми била лекција која ми го смени животот во поглед на квалитетен сон, нејадосување и трпење нечии хирови. Рака на срце, откако почна да ме дрма климакс и нивото на толеранција ми се намали до толку што тврдам дека на сите маки со менопаузава, отсуството на лажна трпеливост е најголемата придобивка.

И кога веќе зборуваме за љубов кон себе, да сме на чисто дека љубовта кон себе не се манифестира преку омаловажување на другите или преку убеденоста дека сме најдобри, најпаметни и секогаш во право. Чинам дека тие кои навистина се љубат себеси, ја знаат онаа тенка и суптилна граница после која однесувањето веќе оди кон простотилак. Но, имам забележано дека кога ќе се свестите и кога ќе научите како да си се вреднувате себе, тоа им пречи на луѓето кои до вчера биле научени оти кај вас сé поминува. Вашата промена која не им дава веќе зелено светло да ви сервираат гомненици, да го голтнете сето тоа и уште да кажете фала за фекалиите со кои ве угостиле ги прави да се чувствуваат обесправено. Знам колку новата Ана им беше трн во око на сите кои беа навикнати дека можат да лаат по неа, а таа само да се смешка и да се прави дека не слушнала. Покрај мене останаа тие кои навистина ме сакаа заради она што сум во суштина и кои и сами ми велеле дека не треба да бидам мека до степен на амеба.

Кога размислував за темава на денешниот муабет, се потсетив и на една многу интересна работа. Имаме генерална предрасуда дека борбата за себе, за своето место во општеството, на работа па и во врска, значи дека си себичен. Ако кажеш дека не ти се допаѓа што партнерот не те поддржува за нешто, тогаш пребаруваш. Ако кажеш дека не толерираш тоа што на работа те третираат по сите мерила на мобинг, тогаш ти се кажува оти си лесно заменлив. Ако во пријателски однос кажеш дека не ти се допаѓа што другарка ти ја гледаш само тогаш кога мажот и’ е на пат, тогаш немаш разбирање. Или накратко, не чиниш ако имаш самопочит иако никој не признава дека сето ова погоре кажува дека тие немаат почит кон тебе. Тогаш, наметнувањето на чувството на вина е пуштено на најсилно. Тие психолошки игри кои секој од нас ги доживува, се најголемиот удар не само за самопочитта, туку и за самодовербата. Тоа е веројатно оној инстинкт и нагон кој другите го имаат само за да ја задржат супериорната позиција во односот...а да ти се плукнам на било кој однос во кој треба да се бориме за супериорност, односно да наметнеме некој да се чувствува инфериорно покрај нас.

Никој никогаш не може да ве сака или почитува повеќе од тоа колку што се сакате и почитувате сами себе. Но, сите знаат како да ви дадат нељубов или непочитување многу повеќе од тоа колку што не се сакате или не се почитувате себеси. Границите се и повеќе од корисни за да не се доведете во ситуација да се чудите сте си направиле со психата. И да, генерално не сум за реципроцитет оти сите имаме различен капацитет за сé, но и те како сум за реципроцитет кога е во прашање мојот спокој и раат. Оти ако јас сум научила како да имам респект кон нечие битисување, да, очекувам да ми се врати со иста мерка. Мојот живот, моите мисли, мојот труд, моите ставови и општо јас не сме ниту за ронка поневажни од животот, мислите, трудот и ставовите на било кој што е во моето опкружување.

И да знаете една исклучително важна работа. Ако сами не се изборите за себе, нема кој да го стори тоа наместо вас. А ако имате деца и сакате да ги научите на самопочит, дајте им пример наместо празни муабети за да не ви пука душата кога ќе ги гледате во иднина како си прават пекол од животот оти ве гледале вас како се однесувате кон себе.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Никој не може да те згази

Како што можеш сам себе

Никој не може да те турка удолу

Како што можеш сам себе

Никој не може да ти каже поган збор

Како што можеш сам себе

Никој не може да ти рече оти безвреден си

Како што можеш сам себе

И никој не може срце да ти испогани

Како што можеш сам себе

Никој не може да те исмее

Како што можеш сам себе

Никој не може да те навреди

Како што можеш сам себе

Никој не може да те повреди

Како што можеш сам себе

Никој не може лошо да ти стори

Како што можеш сам себе

И никој не може да ти ја убие мислата

Како што можеш сам себе

Никој

Никој ништо не ти може

Ако не дозволиш

И ако знаеш за себе да се бориш

Колку и таа борба скапо да те чини

И да ја платиш со самотија

Или со горчливи солзи

Никој ништо не ти може

Ако амин не му дадеш

За да ти биде сопка наместо потпора

Оти колку ќе дозволиш

Толку залет некој ќе земе

За да ти стори пекол од живеачката

Никој

Никој не може да те љуби

Повеќе од што сам себе

Треба да научиш да се љубиш

И да си ја сакаш сенката своја

За да не ја избркаш од себе

И без неа да останеш

Никој не може повеќе почит да ти даде

Од она што мораш сам да си дадеш

За да си го сочуваш пилето в гради

Кое не пее ако в кафез е

Ако не му дадеш слобода

И сино небо за да лета

Никој ништо не ти може

Ни арно ни лошо

Ама само тогаш кога ќе бидеш свој

И зад своето кога ќе застанеш

Оти секоја љубов

И секоја омраза

Од тебе за тебе е

Од тебе почнува

И за тебе останува